Префрли се на текстот

Што значи да ги почитуваш родителите?

Што значи да ги почитуваш родителите?

Што вели Библијата:

 На многу места во Библијата е запишана заповедта: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (2. Мојсеева 20:12; 5. Мојсеева 5:16; Матеј 15:4; Ефешаните 6:2, 3). Да разгледаме четири начини на кои можеме да го правиме тоа.

  1.   Биди им благодарен. Ги почитуваш родителите кога си им благодарен за сѐ што направиле за тебе. Можеш да покажеш дека ги цениш така што ќе ги земаш предвид нивните совети и поуки (Изреки 7:1, 2; 23:26). Од Библијата учиме дека треба да се гордееме со своите родители (Изреки 17:6).

  2.   Почитувај го нивниот авторитет. Особено кога некој е помлад, покажува почит кон родителите ако го прифаќа авторитетот што им го дал Бог. Во Колошаните 3:20 пишува: „Деца, слушајте ги своите родители во сѐ, зашто тоа му се допаѓа на Господарот“. И Исус како дете им бил послушен на своите родители (Лука 2:51).

  3.   Однесувај се со почит (3. Мојсеева 19:3; Евреите 12:9). Тоа обично може да се види од твоите зборови и од начинот на кој ги кажуваш. Точно е дека некои родители понекогаш прават работи поради кои на децата им е потешко да ги почитуваат. Но, дури и тогаш, децата можат да покажат почит кон нив така што нема да ги навредуваат со своите зборови и постапки (Изреки 30:17). Според Библијата, да зборуваш навредливо за родителите е нешто многу сериозно (Матеј 15:4).

  4.   Грижи се за нив. Кога твоите родители ќе остарат, можеби ќе им треба помош. Ќе покажеш почит кон нив ако правиш сѐ што е во твоја моќ за да им го обезбедиш она што им е потребно (1. Тимотеј 5:4, 8). На пример, кратко пред да умре, Исус се погрижил да има некој што ќе ѝ помага на мајка му (Јован 19:25-27).

Погрешни мислења за тоа што значи да се почитуваат родителите

 Погрешно мислење: Ако ги почитуваш родителите, ќе дозволиш тие да го имаат последниот збор во твојот брак.

 Вистина: Библијата вели дека бракот треба да биде поважен од останатите семејни врски. Во 1. Мојсеева 2:24 пишува: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена“ (Матеј 19:4, 5). Се разбира, брачните парови можат да извлечат голема корист од советите на родителите (Изреки 23:22). Сепак, мажот и жената имаат право да одлучат до која мера ќе им дозволат на родителите и на другите роднини да им се мешаат во бракот (Матеј 19:6).

 Погрешно мислење: Родителите имаат најголем авторитет.

 Вистина: Бог им дал одреден авторитет на родителите, но авторитетот на луѓето е ограничен и никогаш не го надминува Божјиот. На пример, кога учениците на Исус биле изведени пред суд и им било наредено да не го слушаат Бог, тие одговориле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:27-29). Слично на тоа, децата треба да им бидат послушни на „своите родители во Господарот“, односно да им бидат послушни за сѐ што е во склад со Божјите заповеди (Ефешаните 6:1).

 Погрешно мислење: Ако ги почитуваш родителите, ќе ги прифатиш нивните верувања.

 Вистина: Библијата нѐ поттикнува да го испитуваме она што ни го кажуваат другите за да дознаеме дали е вистина (Дела 17:11; 1. Јованово 4:1). Некој што го прави тоа можеби со текот на времето ќе прифати верувања кои се разликуваат од верувањата на неговите родители. Библијата спомнува повеќе верни слуги на Бог кои не ја прифатиле религијата на своите родители. Некои од нив се Авраам, Рут и апостол Павле (Исус Навин 24:2, 14, 15; Рут 1:15, 16; Галатите 1:14-16, 22-24).

 Погрешно мислење: Ако ги почитуваш родителите, ќе ги држиш обичаите во чест на починатите роднини.

 Вистина: Библијата вели: „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му“ (Лука 4:8). Ако некој држи обичаи во чест на мртвите, прави нешто што Бог не го одобрува. Освен тоа, во Библијата пишува дека „мртвите не се свесни за ништо“. Тие воопшто не се свесни за работите што се прават во нивна чест ниту, пак, можат да им помогнат или наштетат на живите (Проповедник 9:5, 10; Исаија 8:19).