Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Како да ја препознаеме вистинската религија?

Како да ја препознаеме вистинската религија?

Што вели Библијата:

Во врска со разликата помеѓу припадниците на вистинската религија и припадниците на останатите религии, Библијата вели: „По нивните плодови ќе ги препознаете. Зарем се бере грозје од трње или смокви од чичка?“ (Матеј 7:16). Како што лозницата и трнот се разликуваат по нивниот плод, така и вистинската религија се разликува од лажната по своите плодови, односно по следниве карактеристики:

  1. Вистинската религија се држи за вистината од Божјата Реч, Библијата. Таа не се темели на човечки учења (Јован 4:24; 17:17). Во оваа вистина спаѓаат учењето за душата и надежта за вечен живот во рај на Земјата (Псалм 37:29; Исаија 35:5, 6; Езекиел 18:4). Исто така, вистинската религија не се плаши да ги разоткрие лажните верски учења (Матеј 15:9; 23:27, 28).

  2. Вистинската религија им помага на луѓето да го запознаат Бог, меѓу другото, да го дознаат и неговото име, Јехова (Псалм 83:18; Исаија 42:8; Јован 17:3, 6). Таа не учи дека е невозможно да го запознаеме Бог или дека тој е премногу далечен. Напротив, поучува дека тој сака да бидеме блиски со него (Јаков 4:8).

  3. Вистинската религија учи дека Исус Христос е оној преку кого Бог ќе нѐ спаси (Дела 4:10, 12). Нејзините припадници ги држат заповедите на Исус и се трудат да го следат неговиот пример (Јован 13:15; 15:14).

  4. Вистинската религија учи дека единствена надеж за човештвото е Божјето Царство. Нејзините припадници им кажуваат и на другите за тоа Царство (Матеј 10:7; 24:14).

  5. Вистинската религија поттикнува на несебична љубов (Јован 13:35). Таа ги поучува луѓето да ги почитуваат сите етнички групи и меѓу нејзините припадници има луѓе од сите раси, култури, јазици и со најразлично потекло (Дела 10:34, 35). Од љубов, тие не учествуваат во војни (Михеј 4:3; 1. Јованово 3:11, 12).

  6. Во вистинската религија нема платено свештенство и нема звучни верски титули (Матеј 23:8-12; 1. Петрово 5:2, 3).

  7. Вистинската религија воопшто не се меша во политика (Јован 17:16; 18:36). Меѓутоа, нејзините членови ги почитуваат и им се послушни на властите во земјата каде што живеат, во склад со библиската заповед: „Вратете му го цезаревото на цезарот [односно на световните власти], а Божјето на Бог“ (Марко 12:17; Римјаните 13:1, 2).

  8. Вистинската религија е начин на живот, а не само формалност или следење обичаи. Нејзините припадници се држат за високите библиски мерила во секој аспект од животот (Ефешаните 5:3-5; 1. Јованово 3:18). Сепак, тие не се крути, туку со радост му служат на „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11).

  9. Припадниците на вистинската религија ќе бидат малобројни во однос на другите религии (Матеј 7:13, 14). Тие честопати се презирани, исмејувани и прогонувани затоа што ја вршат Божјата волја (Матеј 5:10-12).

Вистинската религија не се одредува само по тоа дали ни се допаѓа

Опасно е да ја бираме религијата само по тоа дали ни се допаѓа или не. Библијата прорекла дека ќе дојде време кога луѓето „ќе си насоберат [верски] учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите“ (2. Тимотеј 4:3). Од друга страна, Библијата нѐ поттикнува да живееме според „религијата која е чиста и неизвалкана пред нашиот Бог и Татко“, дури и ако таа религија не е омилена кај другите (Јаков 1:27, фуснота; Јован 15:18, 19).