Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Што направил Бог за тебе

Што направил Бог за тебе

„Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

Ова се едни од најпознатите и најцитирани зборови од Библијата. Се вели дека ниту еден друг библиски стих не „сумира толку добро што чувствува Бог кон луѓето и како ќе ги спаси“. Затоа, во некои земји овој стих честопати може да се види на разни јавни настани, а го има и на налепници за автомобили, на графити и на други места.

Оние што го истакнуваат овој библиски стих најверојатно се уверени дека Божјата љубов им гарантира вечно спасение. А што мислиш ти? Дали Бог те сака тебе? Што направил за да покаже дека те сака?

„БОГ ТОЛКУ МНОГУ ГО САКАШЕ СВЕТОТ“

Многумина веруваат дека Бог ги создал луѓето, природата и вселената. Живите организми се толку сложени и добро создадени што нема никакво сомнение дека зад нив стои некоја голема интелигенција. Многу луѓе секој ден му благодарат на Бог што им дал живот. Исто така, сфаќаат дека од Бог добиваат сѐ што им треба за да се одржат во живот. На пример, тој се погрижил да имаме воздух, вода и храна, и ги воспоставил природните циклуси.

Добро е да му благодариме на Бог за сите тие работи бидејќи тој е оној што нѐ создал и што нѐ одржува во живот (Псалм 104:10-28; 145:15, 16; Дела 4:24). Треба само да помислиме на сето она што го прави Бог за да го овозможи животот и ќе сфатиме колку многу нѐ сака. Како што рекол апостол Павле: „[Бог] им дава на сите живот и здив и сѐ. Зашто, преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:25, 28).

 Меѓутоа, Бог не ја покажува својата љубов само со тоа што се грижи за нашите физички потреби. Тој нѐ издигнал над животните — ни всадил духовни потреби и ни помага да ги задоволиме (Матеј 5:3). На тој начин, послушните луѓе имаат можност да станат дел од Божјето семејство, односно да бидат негови „деца“ (Римјаните 8:19-21).

Како што пишува во Јован 3:16, Бог ја покажал својата љубов кон нас со тоа што го испратил својот Син на Земјата за да нѐ поучи за својот Бог и Татко и да умре за нас. Но, на многумина не им е јасно зошто било потребно Исус да умре за луѓето и како смртта на Исус е доказ дека Бог нѐ сака. Најнапред да видиме зошто Исус умрел и што постигнал со својата смрт.

„ГО ДАДЕ СВОЈОТ ЕДИНОРОДЕН СИН“

Сите луѓе се смртни, што значи дека се разболуваат, стареат и умираат. Сепак, Јехова Бог немал намера да биде така. Тој ги создал првите маж и жена за да живеат вечно во рај на Земјата. Но, тоа било под еден услов: да му бидат послушни. Бог рекол дека, ако не го слушаат, ќе умрат (1. Мојсеева 2:17). Првиот човек се побунил против Бог и со тоа се осудил на смрт и себеси и своите потомци. „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“, објаснил апостол Павле (Римјаните 5:12).

Меѓутоа, Бог „ја сака правдата“ (Псалм 37:28). Иако не можел да замижи пред гревот што намерно го направил првиот човек, Бог не ги осудил сите луѓе на вечно страдање и смрт само поради непослушноста на еден човек. Напротив, решил да го примени правното начело „живот за живот“ за да ја израмни вагата на правдата и да им овозможи на послушните луѓе да имаат вечен живот (2. Мојсеева 21:23). Но, како било можно потомците на Адам да станат совршени кога тој, како татко на сите, им го одзел тоа право? Одговорот гласи: Некој друг морал да даде совршен човечки живот, односно да се откаже од живот што имал еднаква вредност како животот на Адам.

Исус спремно дошол на Земјата и го дал својот живот за да ги спаси луѓето од гревот и смртта

Се разбира, ниту еден несовршен потомок на Адам не можел да понуди такво нешто. Но, Исус можел (Псалм 49:6-9). Бидејќи се родил без наследен грев, Исус бил совршен — исто како Адам. Исус го дал својот живот и со тоа го откупил човештвото од ропството на гревот. На тој начин им дал можност на потомците на првиот човечки пар да добијат совршен живот, каков што имале Адам и Ева (Римјаните 3:23, 24; 6:23). Што можеме да направиме за да имаме полза од тој великодушен чин на љубов?

„СЕКОЈ ШТО ВЕРУВА ВО НЕГО“

Понатаму, во Јован 3:16 стои: „Секој што верува во него да не биде уништен, туку да  има вечен живот“. Ова значи дека вечниот живот ќе го добиеме само ако веруваме во Исус и ако му бидеме послушни.

Можеби се прашуваш: ‚Каква врска има послушноста? Зар Исус не рекол дека „секој што верува во него“ ќе има вечен живот?‘ Точно, неопходно е да имаме вера. Меѓутоа, важно е да имаме на ум дека, според Библијата, не е доволно само да веруваме дека Исус постои. Во еден речник е објаснето дека зборот што го употребил Јован значи „да имаш целосна доверба во некого, а не само да веруваш во него“ (Толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет — Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words). За да ја имаме Божјата милост, не е доволно само да се согласиме со тоа дека Исус е Спасителот. Мора искрено да се трудиме да ги применуваме неговите поуки во својот живот. Бесмислено е некој да тврди дека верува во нешто, а истовремено да постапува поинаку од тоа. Во Библијата пишува: „Верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26). Со други зборови, од оној што верува се бара да покажува вера во Исус, односно да живее во склад со своите верувања.

Апостол Павле го објаснил тоа со следниве зборови: „Христовата љубов нѐ тера, бидејќи го заклучивме ова: еден човек [Исус] умре за сите... Тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Коринќаните 5:14, 15). Длабоката благодарност за Исусовата жртва треба да нѐ мотивира да правиме промени во животот — да не живееме себично, односно за себе, туку да живееме за Исус, кој умрел за нас. Тоа значи дека најважно нешто во животот треба да ни биде да ги применуваме поуките што ги кажувал Исус. Таквата промена неизбежно ќе влијае врз нашите мерила и одлуки и врз сѐ што правиме. Какви благослови ги очекуваат оние што веруваат во Исус и што живеат како што поучувал тој?

„ДА НЕ БИДЕ УНИШТЕН, ТУКУ ДА ИМА ВЕЧЕН ЖИВОТ“

Во последниот дел од Јован 3:16 е кажано што им ветува Бог на оние што покажуваат вера во откупнината и живеат во склад со Божјите мерила. Бог има намера тие верни луѓе ‚да не бидат уништени, туку да имаат вечен живот‘. Меѓутоа, вечен живот ќе добијат две групи, кои ќе имаат различна иднина.

На едната група, Исус ѝ ветил вечен живот на небото. Тој јасно им кажал на своите верни ученици дека ќе им подготви место за да владеат со него во слава (Јован 14:2, 3; Филипјаните 3:20, 21). Оние што воскреснуваат за живот на небото „ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6).

Само одреден број следбеници на Христос ќе добијат живот на небото. Исус рекол: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Колкав е бројот на оние што го сочинуваат тоа „мало стадо“? Во Откровение 14:1, 4 пишува: „И видов, и гледај — Јагнето [воскреснатиот Исус Христос] стои на гората Сион [на небото], и со него сто четириесет и четири илјади, кои го имаат неговото име и името на неговиот Татко напишано на своите чела... Тие се откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето“. Во споредба со милијардите луѓе што живееле досега, 144.000 е мал број, па затоа се наречени „мало стадо“. Но, бидејќи пишува дека се цареви, се поставува прашањето: ‚Над кого ќе владеат?‘

Исус спомнал уште една група верни луѓе што ќе бидат благословени кога ќе владее небесното Царство. Како што е запишано во Јован 10:16, Исус рекол: „И други овци имам, кои не се од ова трло. И нив морам да ги доведам, и тие ќе го слушаат мојот глас, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир“. Овие „овци“ се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата — исто како што требало  да живеат и Адам и Ева. Од каде знаеме дека ги очекува живот на Земјата, а не на небото?

Во Библијата, повеќепати се спомнува дека еден ден Земјата ќе биде рај. Можеш и самиот да се увериш во тоа ако во твојата Библија ги прочиташ следниве стихови: Псалм 37:9-11; 46:8, 9; 72:7, 8, 16; Исаија 35:5, 6; 65:21-23; Матеј 5:5; Јован 5:28, 29; Откровение 21:4. Во тие библиски стихови е проречено дека ќе им дојде крај на војните, гладот, болестите и смртта. Во нив се опишува времето кога на Земјата ќе има само добри луѓе. Тие со радост ќе градат куќи, ќе обработуваат ниви и ќе подигаат деца во еден свет во кој ќе владее мир. * Зар не би сакал да го доживееш тоа? Имаме добри причини да веруваме дека тие ветувања наскоро ќе се исполнат.

БОГ НАПРАВИЛ МНОГУ

Ако застанеш и размислиш што сѐ направил Бог за тебе и за сите други луѓе, ќе сфатиш дека веќе направил многу. Имаме живот, интелигенција, одредена мера здравје и сѐ што е потребно за да се одржиме во живот. Освен тоа, како што дознавме од Јован 3:16, откупнината што ја обезбедил Бог преку смртта на Исус може да ни донесе уште поголеми благослови.

Кога ќе живееме вечно во мир и во пријатна околина, без страв од болести, војни, глад и смрт, ќе бидеме неизмерно среќни и ќе уживаме во бескрајни благослови. Од тебе зависи дали и ти ќе ги добиеш тие благослови. Сепак, се поставува прашањето: ‚Што правиш ти за Бог?‘

^ пас. 24 Нешто повеќе за тие пророштва можеш да прочиташ во поглавје 3 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.