Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Дали кај Јеховините сведоци и жените служат како проповедници?

Дали кај Јеховините сведоци и жените служат како проповедници?

Да, меѓу Јеховините сведоци низ целиот свет има неколку милиони жени што ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Во Псалм 68:11 во врска со нив е речено: „Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“.

Но, службата на жените што се Јеховини сведоци нема ништо заедничко со службата на жените-свештенички во другите религии. Тие се разликуваат по многу работи. Да видиме по кои.

Една разлика се слушателите на кои им се обраќаат. Жените-свештенички, особено во христијанството, преземаат водство во своите цркви, а слушателите ги сочинуваат главно припадници на нивната религија. Кај Јеховините сведоци, жените главно им проповедаат на луѓето што не припаѓаат на нивната религија, кои ги сретнуваат додека одат од куќа до куќа и на други места.

Активностите што ги имаат во своите христијански собранија се друга работа по која жените што проповедаат кај Јеховините сведоци се разликуваат од оние во другите религии. Жените-свештенички во христијанството и во другите религии ги надгледуваат и ги поучуваат припадниците на својата религија. Но, кај Јеховините сведоци, жените не поучуваат во собранието кога е присутен крстен маж. Ова смеат да го прават само мажи што се одредени за тоа (1. Тимотеј 3:2; Јаков 3:1).

Библијата кажува дека само мажи имаат одговорност да го надгледуваат собранието. Забележи какво упатство дал апостол Павле кога му пишал на еден надгледник по име Тит: „Те оставив на Крит за да... назначиш старешини по градовите“. Павле додал дека секој маж што е старешина треба да биде „човек кому нема што да му се приговори кој има само една жена“ (Тит 1:5, 6). Нешто слично Павле му напишал и на еден друг надгледник, по име Тимотеј: „Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба. Затоа надгледникот треба да биде беспрекорен, да има само една жена... способен да поучува други“ (1. Тимотеј 3:1, 2).

Зошто надгледувањето во собранието им било доверено само на мажи? Павле рекол: „На жената не ѝ дозволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку нека молчи. Зашто, прво е создаден Адам, а потоа Ева“ (1. Тимотеј 2:12, 13). Значи, редоследот по кој Бог создавал покажува кому му ја дал улогата да поучува и да надгледува.

Оние што му служат на Јехова го следат примерот на нивниот Водач, Исус Христос. Во врска со службата на Исус, неговиот ученик Лука напишал: „Почна да оди од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство“. Подоцна, Исус ги испратил и своите следбеници да го вршат истото дело: „Одеа од село во село, објавувајќи ја добрата вест“ (Лука 8:1; 9:2-6).

Денес, сите Јеховините сведоци — и мажи и жени — го извршуваат делото што го прорекол Исус: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).