Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана“

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана“

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана“

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (МАТЕЈ 24:14)

Што значи тоа? Во своето евангелие, Лука напишал дека Исус ‚почнал да оди од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство‘ (Лука 8:1). И самиот Исус рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Тој ги испратил и своите ученици да ја проповедаат добрата вест по градовите и селата. Подоцна им рекол: „Ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Лука 10:1).

Какви биле првите христијани? Учениците на Исус веднаш почнале да го прават она што им го рекол тој. „Секој ден, во храмот и од куќа до куќа, без престан поучуваа и ја објавуваа добрата вест за Христос“ (Дела 5:42). Во проповедањето не учествувала само една избрана група. Историчарот Неандер забележал дека „Целзиј, првиот писател против христијанството, се потсмевал на фактот дека луѓе што работеле со волна, чевлари, кожари, најнеписмени и најпрости луѓе, биле ревносни проповедници на евангелието“. Во својата книга, професор Жан Бернарди напишал: „[Христијаните] требало да одат и да зборуваат насекаде и со секого. На патиштата и во градовите, на плоштадите и во домовите на луѓето. Сеедно дали биле добредојдени или не... До сите краишта на Земјата“ (The Early Centuries of the Church).

Кој е таков денес? „Тоа што црквата не ја сфатила сериозно својата одговорност да проповеда и да поучува е една причина за денешниот општ пад на духовноста“, напишал англиканскиот свештеник Дејвид Вотсон. Во својата книга, Хозе Луис Перез Гвадалупе пишувал за дејноста на евангелистите, адвентистите и другите верски групи и дал забелешка дека „не одат од куќа до куќа“. Но, за Јеховините сведоци напишал: „Тие совесно одат од куќа до куќа“ (Why Are the Catholics Leaving?).

Џонатан Турли ја изнел следнава интересна и реалистична забелешка во годишникот што го издава Като институтот: „Кога ќе се спомнат Јеховините сведоци, повеќето луѓе веднаш помислуваат на проповедници што им доаѓаат на врата во незгодно време. За Јеховините сведоци, проповедањето од куќа до куќа не е само начин да ја шират својата вера туку тоа е самата суштина на нивната вера“ (Cato Supreme Court Review, 2001-2002).

[Рамка на страница 9]

Кои се вистинските христијани?

Врз основа на библиските критериуми што беа разгледани во овие статии, која религија денес ги носи обележјата на вистинското христијанство? Иако постојат десетици илјади групи и деноминации кои се изјаснуваат како христијански, имај на ум што им рекол Исус на своите следбеници: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 7:21). Ако препознаеш кои се оние што ја вршат волјата на Таткото — што покажува дека се вистински христијани — и ако се поврзеш со нив, ќе можеш да добиеш благослови што ќе траат вечно под власта на Божјето Царство. Од Јеховините сведоци кои ти го дадоа ова списание можеш да дознаеш нешто повеќе за Божјето Царство и за благословите што ќе ги донесе тоа (Лука 4:43).