Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Крај на сите катастрофи!

Крај на сите катастрофи!

Крај на сите катастрофи!

АКО некој ти каже: „Наскоро нема да има катастрофи“, како ќе реагираш? Можеби ќе речеш: „Тоа мора да е сон. Катастрофите се нормална појава“. Или можеби ќе си помислиш: ‚Овој мора да се шегува‘.

Иако изгледа дека секогаш ќе има природни катастрофи, имаме реална основа да се надеваме дека еден ден тоа ќе се промени. Но, до таква промена нема да дојде благодарение на човечки напори. Луѓето не можат ни потполно да разберат како и зошто се случуваат појавите во природата, а камоли да ги контролираат или да ги променат. Цар Соломон, кој владеел во древниот Израел и бил познат по својата мудрост и проникливост, напишал: „Човекот не може да го сфати она што се прави под сонцето. Колку и да се труди, човек не може да го сфати. Дури и да каже дека е доволно мудар за да го спознае тоа, сепак, не може да го сфати“ (Проповедник 8:17).

Ако луѓето не можат да ги контролираат природните катастрофи, тогаш кој може? Библијата открива дека таа промена ќе ја предизвика нашиот Творец. Тој ги воспоставил екосистемите на Земјата, како што е кружниот тек на водата (Проповедник 1:7). Освен тоа, за разлика од човекот, Бог има неограничена моќ. Пророкот Еремија го потврдил тоа кога рекол: „О Севишен Господару Јехова! Ти ги создаде небото и земјата со својата голема моќ и со својата подигната рака. Ништо не е невозможно за тебе“ (Еремија 32:17). Бидејќи Бог ги создал Земјата и сите природни сили, логично е дека знае што да направи за луѓето да живеат мирно и без да им се заканува никаква опасност (Псалм 37:11; 115:16).

На кој начин Бог ќе ги направи потребните промени? Сети се дека во втората статија беа спомнати многу од страшните работи кои се случуваат на Земјата денес, а се дел од „знакот“ што го означува „свршетокот на овој поредок“. Исус рекол: „Кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Божјето царство е близу!“ (Матеј 24:3; Лука 21:31). Тоа Царство, кое Бог го воспоставил на небото, ќе предизвика огромни промени на Земјата. Ќе ги доведе под контрола дури и природните сили и појави. Иако Јехова Бог може и самиот да го направи тоа, решил да му ја препушти таа задача на својот Син. За него, пророкот Даниел рекол: „Нему му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици“ (Даниел 7:14).

На Божјиот Син, Исус Христос, му е дадена власт да ги направи сите промени што се потребни за нашата Земја да стане прекрасно место. Пред две илјади години, кога Исус бил на Земјата, покажал дека може да ги контролира природните сили. Еднаш, кога заедно со неколкумина од своите ученици бил во еден чамец на Галилејското Море, ‚се подигнала силна бура, и брановите удирале во чамецот, така што чамецот скоро ќе потонел‘. Учениците ги фатила паника. Од страв дека ќе се удават, му се обратиле на Исус. Што направил тој? Едноставно ‚му се заканил на ветрот и му рекол на морето: „Смири се! Молкни!“ И ветрот стивнал, и настанала потполна тишина‘. Учениците биле восхитени и прашале: „Кој е овој кого дури и ветрот и морето го слушаат?“ (Марко 4:37-41).

Сега Исус е на небото и дадена му е уште поголема моќ и власт. Како Цар на Божјето Царство, тој е задолжен и способен да ги направи сите потребни промени за да можат луѓето да живеат мирно и безбедно на Земјата.

Меѓутоа, како што видовме, зад многу проблеми и катастрофи стојат луѓето или, пак, тие се предизвикани или влошени од потфатите на себичните и лакоми поединци. Што ќе направи Царството со оние што упорно прават лошо и никако не сакаат да се променат? Во Библијата пишува дека Господарот Исус доаѓа „од небото... со своите моќни ангели во распламтен оган, и... ќе изврши одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“. Да, тој ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (2. Солуњаните 1:7, 8; Откровение 11:18).

Потоа, овој „Цар над царевите“, Исус Христос, ќе преземе целосна контрола над природните сили на Земјата (Откровение 19:16). Ќе се погрижи сите што ќе живеат во тоа Царство да не трпат никакви страдања. Ќе ја употреби својата моќ за да ги доведе под контрола атмосферските услови, и тогаш климата и годишните циклуси ќе дејствуваат во корист на луѓето. Така ќе се исполни она што многу одамна Јехова Бог му го ветил на својот народ: „Ќе ви давам дожд во право време, и земјата ќе го дава својот род, и дрвјата во полето ќе ги даваат своите плодови“ (3. Мојсеева 26:4). Луѓето ќе можат да градат куќи без да се плашат дека ќе ги изгубат во некоја катастрофа. Во Божјата Реч пишува: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род“ (Исаија 65:21).

Што треба да направиш ти?

Без сомнение и ти, како и многу други луѓе, се радуваш кога ќе помислиш дека ќе можеш да живееш во еден свет во кој нема да има катастрофи. Но, што треба да правиш за да бидеш таму? Бидејќи „оние што не го познаваат“ и „не ѝ се покоруваат на добрата вест“ нема да живеат во тој свет без катастрофи, јасно е дека мора да го запознаеме Бог и да се подложиме на владата што тој ќе ја постави над Земјата. Бог сака да го запознаеме и да ја прифатиме добрата вест за Царството со кое ќе владее неговиот Син.

Најдобар начин да го постигнеш тоа е внимателно да ја проучуваш Библијата. Од неа ќе дознаеш што треба да правиш за да можеш да живееш во безбедната околина што ќе постои кога ќе владее тоа Царство. Замоли ги Јеховините сведоци да ти помогнат да дознаеш што учи Библијата. Тие ти стојат на располагање. Едно е сигурно — ако го запознаеш Бог и ја прифатиш добрата вест, и ти можеш да го доживееш исполнувањето на зборовите од Изреки 1:33: „Кој ме слуша мене, ќе биде спокоен и ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“.