Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели Библијата за коцкањето?

Што вели Библијата за коцкањето?

Што вели Библијата за коцкањето?

НАЈГЛЕДАНИТЕ филмови и телевизиски емисии честопати го прикажуваат коцкањето — особено во казино — како разонода во која уживаат убавите, богатите и модерните. Се разбира, на гледачите обично им е јасно дека ваквата слика за коцкањето е само илузија.

Во реалноста, лотариите, спортските обложувалници и коцкањето преку интернет им се голема конкуренција на казината и се трудат да придобијат што повеќе коцкари. Коцкањето станало „речиси општ порок што се шири како пожар“, пишува во книгата Коцкање на интернет (Internet Gambling). На пример, денес покерот се прикажува на телевизија и на интернет како најнормален спорт. Според еден весник, стручњаците направиле проценка на бројот на играчи на покер во Соединетите Држави и по 18 месеци утврдиле дека тој број двојно се зголемил.

Коцкањето е вложување пари во игра во која не се знае исходот. Многу луѓе си мислат дека нема ништо лошо во тоа сѐ додека оној што се коцка вложува свои пари и сѐ додека не е зависник. Всушност, во една католичка енциклопедија пишува дека коцкањето „не се смета за грев, освен ако не спречува некого да ги извршува своите должности“ (New Catholic Encyclopedia). Меѓутоа, не е наведен ниту еден библиски стих во прилог на тој заклучок. Тогаш, како треба да гледаат христијаните на коцкањето? Дали Библијата го одобрува или, пак, го осудува?

Мора да се каже дека во Светото писмо коцкањето не се спомнува директно. Сепак, тоа не значи дека не постојат начела од кои може да се види библиското гледиште. Наместо да ни дава правила за секоја постапка или ситуација, Библијата нѐ поттикнува ‚да се трудиме да разбереме што е Јеховината волја‘ (Ефешаните 5:17). Според библискиот изучувач Е. В. Булингер, грчкиот збор преведен со ‚разбере‘ значи да се земат предвид и да се поврзат сите аспекти на една тема преку „умствена активност, односно знаење до кое се доаѓа со размислување и проучување“. Значи, еден христијанин може да разбере како гледа Бог на оваа работа ако размисли и ги поврзе библиските начела што се однесуваат на коцкањето. Додека ги читаш библиските стихови кои се наведени во оваа статија, прашај се: ‚Дали овој библиски стих покажува дека е исправно човек да се коцка? Како Светото писмо покажува што мисли Бог за коцкањето?‘

Примамливоста на среќата

Кога некој се коцка, посебно кога вложува пари, никогаш не знае дали ќе добие или ќе изгуби и затоа многу се потпира на среќата — мистериозна сила што наводно управува со случајните настани. На пример, за лото-ливчињата се избираат среќни броеви, суеверните играчи на кинеско домино не изговараат одредени зборови додека играат, а пред да се фрлат коцки, се дува во нив. Зошто? Оние што се коцкаат, честопати веруваат дека среќата ќе влијае врз исходот.

Дали е толку безопасно да се потпираш на среќата? Некои луѓе во древниот Израел мислеле дека е така. Тие верувале дека ќе успеат благодарение на среќата. Што мислел за тоа Јехова Бог? Преку својот пророк Исаија, Бог им рекол: „Вие го оставате Јехова, ја заборавате мојата света гора, му поставувате трпеза на богот на Среќата и му точите зачинето вино на богот на Судбината“ (Исаија 65:11). Во Божји очи, верувањето во среќа е еден облик на идолопоклонство и нема никаква врска со обожавањето на вистинскиот Бог. Ако веруваме дека ќе нѐ служи среќа, покажуваме дека се потпираме на некаква измислена сила, а не на вистинскиот Бог. Нема основа да мислиме дека Бог го променил своето гледиште.

Како се доаѓа до добивка

Сеедно дали се обложуваат преку интернет, купуваат лото-ливчиња, играат спортска прогноза или се коцкаат во казино, оние што го прават тоа честопати не размислуваат од каде доаѓа добивката која очајно ја посакуваат. Коцкањето се разликува од законската зделка или трансакција во таа смисла што играчот сака да ги добие парите што другите ќе ги изгубат. * Според Канадскиот институт за ментално здравје и зависности, „на секој човек што станува милионер откако ќе добие на лото, има милиони луѓе што ги изгубиле вложените пари!“ Кои библиски начела можат да му помогнат на христијанинот да сфати како гледа Бог на ова?

Последната од Десетте заповеди што им биле дадени на Израелците гласела: „Не посакувај ја жената на својот ближен, ниту неговиот роб, ниту неговата робинка, ниту неговиот бик, ниту неговото магаре, ниту што и да е друго кое му припаѓа на твојот ближен“ (2. Мојсеева 20:17). Да се посакува нешто што му припаѓало на ближниот — неговите материјални поседи, богатството и парите — било исто толку тежок грев како и да се посака неговата жена. Многу векови подоцна, апостол Павле им ја повторил истата заповед и на христијаните: „Не посакувај!“ (Римјаните 7:7). Зар не е вистина дека еден христијанин што посакува да го добие она што некој друг го губи покажува лакомост?

„Сеедно дали [повеќето коцкари] ќе признаат или не“, пишува новинарот Филип Вогел, „пред да почнат да се коцкаат, тие си фантазираат да го претворат во добивка секој влог — дури и ако се работи за само неколку долари.“ Оние што се коцкаат сонуваат да ја добијат главната премија или да се збогатат прекуноќ. Ова е сосема спротивно на библискиот совет христијанинот „да работи марливо, правејќи добро со своите раце, за да има да му даде нешто на оној што е во немаштија“ (Ефешаните 4:28). А апостол Павле јасно рекол: „Ако некој не сака да работи, нека и не јаде!“ Потоа додал: „Таквите... да го јадат лебот што самите го заработуваат“ (2. Солуњаните 3:10, 12). Но, дали коцкањето би можело да се смета за работа?

Иако коцкањето може да биде прилично напорно, парите што се стекнуваат на тој начин се добивка, а не плата за некоја извршена работа или услуга. Кога ги вложува парите, коцкарот оди на ризик затоа што исходот многу зависи од случајноста и затоа што се надева дека кога-тогаш ќе му се насмевне среќата. Всушност, тој сака да добие нешто од ништо. Но, советот до вистинските христијани е да заработуваат пари со чесна работа. „За човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“, напишал мудриот цар Соломон. Потоа рекол: „Гледам дека и тоа доаѓа од раката на вистинскиот Бог“ (Проповедник 2:24). Да, Божјите слуги не негуваат празна надеж и не бараат начини набрзина да се збогатат, туку се надеваат на Бог да им даде вистинска радост и благослов.

„Замка“ што треба да се избегнува

Дури и ако некој успее да добие многу пари, не треба да мисли само на моменталната возбуда што ја чувствува туку треба да мисли и на долгорочните последици од коцкањето. „Наследството кое од почетокот се стекнува со алчност, на крајот не е благословено“, пишува во Изреки 20:21. Многу добитници на лото и други коцкари, со голема болка во душата сфатиле дека богатството што го стекнале не ги направило вистински среќни. Затоа е важно да го прифатиме библискиот совет да не ја полагаме надежта „на несигурното богатство, туку на Бог, кој богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“ (1. Тимотеј 6:17).

Коцкањето не е само порок кој значи добивка на туѓа сметка или губење пари. „Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и во пропаст“, пишува во Божјата Реч (1. Тимотеј 6:9). Замката се поставува со цел да се улови жртвата. Безброј луѓе, решени да вложат само мала сума пари или да си ја пробаат среќата во само неколку игри, се фатиле во замката и станале зависни од коцкање. Така си ја уништиле кариерата, ги повредиле најблиските и си го растуриле семејството.

Откако ги разгледавме библиските стихови што се однесуваат на играњето игри на среќа, разбираш ли како гледа Бог на тоа? Апостол Павле ги поттикнал христијаните: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Римјаните 12:2). Христијанинот треба да живее во склад со Божјата волја, а не во склад со општо прифатеното мислење. Бидејќи Јехова е „среќниот Бог“, тој сака да уживаме во животот и да не ги жнееме горките последици од коцкањето (1. Тимотеј 1:11).

[Фуснота]

^ пас. 10 Разликата меѓу вложување на берзата и коцкањето е објаснета на страници 25-27 од Разбудете се! од 8 октомври 2000 (срп.), издадено од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 14]

Божјите слуги заработуваат пари со чесна работа

[Рамка на страница 13]

Возбудата од добивката

Дали коцкањето може да стане навика која лесно води до зависност? Д-р Ханс Брајтер, кој испитувал како реагираат оние што се коцкаат кога добиваат и кога губат, рекол дека „во еден експеримент, паричната добивка при коцкањето создала мозочна активност многу слична на онаа што е забележана кај наркоман кога ќе прими кокаин“.

[Слика на страница 13]

На чии пари се надева оној што се коцка?