Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Божјето Царство е состојба на срцето?

Дали Божјето Царство е состојба на срцето?

Дали Божјето Царство е состојба на срцето?

„Божјето Царство доаѓа кога имаме послушно срце“, пишува папата Бенедикт XVI во својата книга Исус од Назарет. За некои луѓе, Божјето Царство е само промена која се случува во личноста кога ќе го прифати Исус Христос и ќе покаже вера. Дали Божјето Царство навистина е само промена во личноста, Царство кое владее ‚само во твоето срце‘?

ЗА ИСУС, Царството навистина било нешто што му лежело на срце. Тоа било „главна тема на која проповедал Исус“, отворено вели папата Бенедикт. Во поголемиот дел од својата релативно кратка служба, Исус многу патувал „проповедајќи ја добрата вест за царството“ (Матеј 4:23). Со она што го поучувал и со чудата што ги направил, Исус јасно покажал дека Царството е многу повеќе отколку само да се верува во Бог и да му се биде послушен. Напротив, Царството е поврзано со владеење, судење и вечни благослови.

Владеење и судење

Во последните денови од Исусовата служба, кај него дошла мајката на двајца негови блиски ученици, Јаков и Јован, и му рекла: „Кажи овие двајца мои синови да седнат до тебе во твоето царство, едниот од твојата десна страна, а другиот од левата“ (Матеј 20:21). Таа сигурно не зборувала за нешто што било во срцето на нејзините синови. Сфатила дека во Царството некои луѓе ќе владеат заедно со Исус, и сакала нејзините синови да бидат меѓу нив. Всушност, Исус им ветил на своите 11 верни апостоли дека ќе бидат во неговото Царство, ќе ‚седат на престоли‘ и ќе ‚судат‘ заедно со него (Лука 22:30). Значи, во очите на неговите следбеници, Исусовото Царство било реална влада.

А што мислеле другите луѓе во времето на Исус? Дали верувале дека Царството е само промена во личноста или, пак, очекувале нешто повеќе? Кратко пред Пасхата во 33 год. од н.е., кога Исус влегувал во Ерусалим качен на магаре, народот радосно го пречекал и некои луѓе извикувале: „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“ (Матеј 21:9). Зошто го направиле тоа? Изгледа им било јасно дека Исус е ветениот Месија и дека Бог ќе му даде вечно Царство, односно „престолот на Давид, неговиот татко“. Луѓето копнееле по спасението, мирот и правдата што требало да ги донесе тоа Царство (Лука 1:32; Захарија 9:9).

Вечни благослови

Дури и луѓето што навидум не се интересирале многу за Исусовата служба, знаеле дека тој поучувал за Царството. Пред да биде погубен Исус, злосторникот што бил прикован на столб крај него го замолил: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ Што му одговорил Исус? Тој го уверил: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:42, 43).

Значи, тој разбојник верувал дека Исус, откако ќе воскресне, ќе добие Царство или ќе влезе во некакво Царство. Во тоа идно време, Исус ќе има не само власт туку и желба да го воскресне тој човек и да му помогне да се промени, и тоа не само нему туку и на милиони други. Значи, како овластен небесен Владетел, преку Царството Исус ќе им донесе вечни благослови на луѓето по целата Земјина топка (Јован 5:28, 29).

Царство меѓу нив

Зар не е точно дека Исус рекол: „Царството Божје е меѓу вас“? Да, овие зборови се запишани во Лука 17:21. Всушност, во некои библиски преводи пишува: „Царството Божјо е во вас внатре“ (Превод на МПЦ). Што сакал да каже Исус со тие зборови?

Контекстот покажува дека Исус им се обратил на фарисеите, кои биле непријателски настроена верска група. Овие Евреи имале свои лични очекувања во врска со Месијата и неговото Царство. Тие сметале дека Месијата требало да дојде на „небесните облаци“ како славен Цар, кој ќе ги избави Евреите од Римјаните и ќе го обнови Царството на Израел (Даниел 7:13, 14). Меѓутоа, за да им покаже дека не биле во право, Исус им рекол: „Царството Божје не доаѓа така што ќе може да се види“. Потоа додал: „Еве, царството Божје е меѓу вас“ (Лука 17:20, 21).

Иако Исус поучувал и правел чуда што јасно покажале дека тој бил ветениот Цар на тоа Царство, фарисеите почнале уште повеќе да му се противат бидејќи немале искрени мотиви и вистинска вера. Не верувале дека Исус бил ветениот Месија. Затоа, тој им ги изнел фактите: Царството, претставено со неговиот иден Цар, било ‚меѓу нив‘. Тој не сакал да каже да го бараат Царството во себе. * Бидејќи Исус и неговите ученици стоеле пред нив, тој можел да рече: „Божјето Царство е во вашата средина“ (Лука 17:21, Превод на д-р Д. Х. Константинов).

Царство кое е важно за тебе

Иако Божјето Царство не е во срцата на грешните луѓе, тоа треба да ни лежи на срце. Со своите учења и со моќните дела што ги правел, Исус се трудел во своите слушатели да изгради цврста вера во праведната влада која ќе донесе вистински мир и сигурност. Тој сакал луѓето да имаат вера што ќе им го промени животот. Затоа, ги поучил да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Мнозина од оние што го слушале Исус биле трогнати од неговите зборови и изградиле вера што ги мотивирала да го следат за да ги добијат благословите на Божјето Царство.

Сакаш ли и ти да имаш таква вера? Ако да, што треба да правиш за да ја стекнеш? Сети се на воведните зборови од прочуената Проповед на гората што ја одржал Исус: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно“ (Матеј 5:3). Прифати ја понудата да ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци, кои ти го дадоа ова списание. Така ќе стекнеш надеж, и тоа не само надеж дека ќе ја промениш својата личност туку и надеж во една праведна влада — Царство кое ќе донесе мир и сигурност за сите луѓе.

[Фуснота]

^ пас. 13 Заменката „вашата“ се однесува на фарисеите, на кои им се обратил Исус. Затоа, нема логика Исус да зборувал за промената во личноста на фарисеите или за нивната послушност од срце.

[Истакната мисла на страница 11]

Дали Божјето Царство било во срцата на тврдоглавите и злобни противници на Исус?