Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој го познава „срцето на синовите човечки“

Тој го познава „срцето на синовите човечки“

Приближи му се на Бог

Тој го познава „срцето на синовите човечки“

2. ЛЕТОПИСИ 6:29, 30

КОЈ од нас не бил притиснат од неволјите и проблемите што ги носи животот? Понекогаш можеби ни се чини дека никој не може вистински да ги сфати тешкотиите со кои се бориме или длабоката болка што ја чувствуваме. Сепак, има некој што потполно ги разбира нашите чувства. Тоа е Јехова Бог. Можеме да најдеме утеха во зборовите на Соломон, кои се запишани во 2. Летописи 6:29, 30.

На свеченото отворање на храмот во Ерусалим во 1026 год. пр.н.е., Соломон кажал една молитва, која можеби траела десетина минути. Во неа го величал Јехова како Бог што не ги остава своите слуги, ги исполнува своите ветувања и ги слуша молитвите (1. Царевите 8:23-53; 2. Летописи 6:14-42).

Соломон го преколнувал Бог да ги чуе молитвите на своите слуги (стих 29). Откако набројал различни страдања (стих 28), тој рекол и дека секој Божји слуга ја знае „својата неволја“ и ја чувствува „својата болка“. Додека еден човек може да биде тажен поради една работа, на друг може да му е тешко поради нешто сосема друго.

Како и да е, богобојазливите луѓе не мора сами да се справуваат со тешките проблеми. Во својата молитва Соломон мислел на секој Божји слуга што ‚ги ширел рацете‘ и горливо му се молел на Јехова. a Можеби Соломон се потсетил на времето кога татко му, Давид, во голем очај рекол: „Фрли го своето бреме на Јехова“ (Псалм 55:4, 22).

Како ќе одговори Јехова на искрените молитви за помош? Соломон го преколнувал: „Ти чуј од небото, од своето живеалиште, и прости и дај му секому според сите негови патишта“ (стих 30). Соломон знаел дека „тој што ги слуша молитвите“ се грижи за оние што му служат не само како група туку и за секого лично (Псалм 65:2). Јехова ја дава потребната помош, што значи дека му простува на грешникот кој со сето срце му се враќа на Бог (2. Летописи 6:36-39).

Зошто Соломон бил уверен дека Јехова ќе одговори на молитвите на своите слуги што се каат? Понатаму, Соломон се молел: „Зашто ти [Јехова] го познаваш неговото срце, зашто само ти го познаваш срцето на синовите човечки“. Јехова е свесен за неволјата или болката што секој негов слуга ја носи во своето срце, и тој се соживува со него (Псалм 37:4).

Молитвата на Соломон може многу да нѐ утеши. Другите луѓе можеби нема потполно да ги разберат нашите најдлабоки чувства — нашата ‚неволја и болка‘ (Изреки 14:10). Но, Јехова го познава нашето срце и многу нѐ сака. Ако во молитва му ги искажеме своите најскриени мисли и чувства, ќе ни биде полесно. „Сите свои грижи фрлете ги на него“, пишува во Библијата, „зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).

[Фуснота]

a Во библиски времиња, ‚ширењето на рацете‘, односно кревањето на рацете нагоре, било гест што некој го правел додека се молел (2. Летописи 6:13).