Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали зборовите на Исус запишани во Матеј 19:10-12 укажуваат дека оние што одлучуваат да не стапат во брак го добиваат дарот на самештвото на некој натприроден начин?

Да видиме во која ситуација Исус ги кажал овие зборови за самештвото. Кога фарисеите дошле кај него и му поставиле едно прашање во врска со разводот, Исус јасно им кажал кое е Јеховиното мерило за бракот. Иако Мојсеевиот закон дозволувал мажот да ѝ напише потврда за развод на својата жена ако нашол „нешто недолично“ кај неа, ова не било така од почетокот (5. Мој. 24:1, 2). Потоа Исус рекол: „Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Мат. 19:3-9).

Кога го чуле ова, учениците рекле: „Ако е таква врската помеѓу мажот и жената, подобро е човек да не се жени!“ А Исус им одговорил: „Не можат сите да живеат според тие зборови, туку само оние што го имаат тој дар. Зашто, има такви што не се способни за женидба бидејќи такви се родиле, има такви што не се способни за женидба бидејќи луѓето ги онеспособиле, а има и такви што доброволно се одрекуваат од женидба заради царството небесно. Кој може да живее така, нека живее така“ (Мат. 19:10-12).

Некои луѓе не се способни за женидба, односно не можат да имаат сексуални односи, затоа што имаат вродена маана, затоа што им се случила некоја несреќа или, пак, намерно биле осакатени. Но, има и такви што сами решаваат да не се женат. Иако ништо не ги спречува да стапат во брак, тие покажуваат самосовладување и се одрекуваат од женидба „поради Царството небесно“. Исто како Исус, одлучуваат да останат сами за да можат целосно да се посветат на службата за Царството. Ниту се родени со тој дар ниту, пак, самештвото им е дадено како дар. Тие сами решиле да не стапат во брак, односно избрале самештвото да биде дар за нив.

Во склад со она што го кажал Исус, апостол Павле објаснил дека, иако сите христијани — и самците и оние што се во брак — можат да му служат прифатливо на Бог, оние што ‚во своето срце цврсто одлучиле‘ да останат сами ‚прават уште подобро‘. Во која смисла? Оние што се во брак мора да го поделат своето време и сила за да се грижат за својот сопружник и да му угодат. А оние христијани што се самци можат да се посветат на Божјата служба без таква обврска. Тие гледаат на своето самештво како на „дар“ од Бог (1. Кор. 7:7, 32-38).

Според тоа, Библијата ни кажува дека еден христијанин не го добива дарот на самештвото на некој натприроден начин. Напротив, тој самиот одлучува самештвото да биде дар за него со тоа што не стапува во брак за да може без пречки да му служи на Јехова. Денес, мнозина одлучиле во своето срце да останат самци од оваа причина, и другите треба да им даваат поддршка и охрабрување.