Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што вели Библијата за давањето заклетви?

Заклетва претставува свечена изјава или ветување дека ќе се направи нешто, честопати повикувајќи се на Бог како на сведок. Таа може да се даде усно или писмено.

Некои можеби мислат дека е погрешно да се даваат заклетви бидејќи Исус рекол: „Не заколнувајте се [не давајте заклетва] никако... Кога ќе речете: ’Да‘, тоа нека значи ’да‘, а кога ќе речете: ’Не‘, тоа нека значи ’не‘. Што е повеќе од тоа, од Злобниот е“ (Мат. 5:33-37). Се разбира, Исус знаел дека Мојсеевиот закон барал од Израелците во некои ситуации да се заколнат и дека верните слуги на Бог го правеле тоа (1. Мој. 14:22, 23; 2. Мој. 22:10, 11). Исто така, тој знаел дека и самиот Јехова во минатото дал заклетви (Евр. 6:13-17). Според ова, Исус не сакал да каже дека никогаш не треба да дадеме заклетва. Напротив, тој сакал да ги предупреди луѓето да не се заколнуваат за бесмислени или безначајни работи. Всушност, секогаш треба да си стоиме на зборот бидејќи тоа е наша должност пред Јехова. Она што го кажуваме треба и навистина да го мислиме.

Тогаш, што треба да правиш ако некој побара од тебе да дадеш заклетва? Прво, биди сигурен дека можеш да го направиш она за кое се заколнуваш. Ако не си сигурен, тогаш подобро е да не дадеш заклетва. Божјата Реч нѐ предупредува: „Подобро е да не се заветуваш отколку да се заветуваш, па да не го исполниш ветеното“ (Проп. 5:5). Второ, размисли за некои библиски начела кои се поврзани со заклетвата и потоа донеси одлука на темел на твојата совест. Кои се некои библиски начела што треба да ги земеш предвид?

Некои заклетви се во склад со Божјата волја. На пример, Јеховините сведоци си даваат завети кога стапуваат во брак. Овие завети се еден вид заклетва. Пред Бог и пред сите присутни, невестата и младоженецот си ветуваат дека ќе се сакаат, ќе се ценат и ќе се почитуваат еден со друг сѐ додека и двајцата се живи. (Иако сите не ги кажуваат потполно истите зборови, тие сепак даваат завет пред Бог.) Со тоа стануваат маж и жена, и нивниот брак треба да биде доживотна врска (1. Мој. 2:24; 1. Кор. 7:39). Брачниот завет е соодветен за таа ситуација и е во склад со Божјата волја.

Некои заклетви не се во склад со Божјата волја. Не би било во ред еден христијанин да даде заклетва дека ќе ја брани државата со оружје или дека ќе се одрече од својата вера во Бог. Тоа би било во спротивност со Божјите заповеди. Христијаните не треба да бидат дел од светот, и затоа не заземаат страна во разните спорови и воени судири во овој свет (Јован 15:19; Иса. 2:4; Јак. 1:27).

Некои заклетви се оставени на совест. Понекогаш, пред да одлучиме дали ќе дадеме некоја заклетва, треба внимателно да размислиме за советот на Исус: „Вратете му го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Лука 20:25).

На пример, да речеме дека еден христијанин кој поднесува барање за државјанство или за пасош дознава дека од него се бара да положи заклетва дека ќе биде лојален граѓанин на државата. Доколку во таа земја заклетвата за лојалност вклучува да се обврзе дека ќе прави нешто што е спротивно на Божјите закони, неговата совест која е обликувана според Библијата нема да му дозволи да даде таква заклетва. Сепак, можеби властите ќе се согласат да направи некои промени во заклетвата за совеста да му дозволи да ја положи.

Да се даде ваква изменета заклетва за лојалност може да биде во склад со начелото од Римјаните 13:1, каде што пишува: „Секој човек нека им биде подложен на властите“. Затоа, тој можеби ќе одлучи дека нема ништо погрешно во тоа да се заколне дека ќе направи нешто што Бог секако го очекува од христијаните.

Исто така, треба да ја земеш предвид својата совест кога треба да донесеш одлука дали да дадеш заклетва при која се бара да користиш некој предмет или да направиш некој гест. Кога се заколнувале, древните Римјани и Скити користеле мечеви и се повикувале на моќта на својот бог на војната како гаранција дека ја кажуваат вистината. Грците, пак, додека давале заклетва, ја подигале раката кон небото. Така признавале дека постои некоја натприродна сила која забележува што зборуваат и што прават луѓето и на која ќе ѝ поднесат сметка.

Се разбира, еден слуга на Јехова нема да се заколне пред ниту еден државен симбол кој е поврзан со лажната религија. Но, што ако си во судница, и некој побара од тебе да ја ставиш раката на Библија и да се заколнеш дека ќе ја зборуваш вистината? Можеби ќе одлучиш да го направиш тоа бидејќи Библијата зборува за некои верни слуги кои дале заклетва придружена со некој гест (1. Мој. 24:2, 3, 9; 47:29-31). Доколку даваш таква заклетва, важно е да имаш на ум дека се заколнуваш пред Бог дека ќе ја кажуваш вистината. Треба да бидеш спремен да дадеш веродостоен одговор на секое прашање што ќе ти биде поставено.

Пријателството со Јехова за нас е нешто многу скапоцено. Затоа, доколку некој побара да дадеме заклетва, треба да се молиме и внимателно да размислиме дали со неа ќе ја погазиме нашата совест или библиските начела. Ако решиш да дадеш заклетва, треба да бидеш сигурен дека ќе можеш да го исполниш она што ќе го ветиш (1. Пет. 2:12).