Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ангели — како влијаат врз луѓето

Ангели — како влијаат врз луѓето

Ангели — како влијаат врз луѓето

„Потоа видов како од небото слегува еден друг ангел, кој имаше голема власт... И извика со силен глас: ‚Падна, падна блудницата Големиот Вавилон‘“ (ОТКРОВЕНИЕ 18:1, 2).

1, 2. Што покажува дека Јехова ги користи ангелите за да ја изврши својата волја?

ДОДЕКА е во изгнанство на островот Патмос, остарениот апостол Јован добива пророчки виденија. Тој гледа возбудливи настани кога „обземен од духот“ се наоѓа во „денот на Господарот“. Овој ден започнува со устоличувањето на Исус Христос во 1914 год. и трае до крајот на неговото илјадагодишно владеење (Откровение 1:10).

2 Јехова Бог не му го дал ова откровение директно на Јован. Тој употребил еден посредник. Во Откровение 1:1 стои: „Откровение на Исус Христос, кое му го даде Бог, за да им го покаже на своите робови она што наскоро ќе се случи. И го испрати својот ангел, па преку него му го покажа во знаци на својот роб Јован“. Преку Исус, Јехова употребил еден ангел за да му ги објави на Јован прекрасните работи во врска со „денот на Господарот“. Во еден момент, Јован исто така ‚видел како од небото слегува еден друг ангел, кој имал голема власт‘. Каква задача имал овој ангел? „И извика со силен глас: ‚Падна, падна блудницата Големиот Вавилон!‘“ (Откровение 18:1, 2). Овој силен ангел имал чест да го објави падот на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Значи, нема никакво сомнение дека Јехова им доделува на ангелите многу важна улога во извршувањето на својата волја. Пред да разгледаме подетално каква улога играат ангелите во Божјата намера и како влијаат врз нас, да видиме како настанале овие духовни суштества.

Како настанале ангелите?

3. Каква погрешна претстава за ангелите имаат многу луѓе?

3 Милиони луѓе денес веруваат дека постојат ангели. Но, многумина имаат погрешна претстава за нив и за нивното потекло. На пример, некои побожни луѓе мислат дека, кога ќе ни умре некој од најмилите, Бог го зема кај себе на небото и дека тој станува ангел. Дали и Божјата реч го кажува истото за создавањето, за постоењето и за улогата на ангелите?

4. Што ни кажува Светото писмо за потеклото на ангелите?

4 Ангелот што има најголема власт и авторитет — главниот ангел — го носи името архангел Михаел (Јуда 9). Тој не е никој друг туку Исус Христос (1. Солуњаните 4:16). Многу, многу одамна, кога Јехова решил да создава, овој ангелски Син бил првото суштество што го создал (Откровение 3:14). Подоцна, преку овој првороден Син, Јехова ги создал сите други духовни суштества (Колошаните 1:15-17). Нарекувајќи ги овие ангели свои синови, Јехова го прашал семејниот поглавар Јов: „Каде беше ти кога ѝ ги поставив темелите на земјата? Кажи ми, ако го разбираш тоа!.. Кој ѝ го положи аголниот камен додека утринските ѕвезди радосно извикуваа заедно и сите Божји синови воскликнуваа од радост?“ (Јов 38:4, 6, 7). Јасно, ангелите се суштества што ги создал Бог и тие постоеле долго време пред да бидат создадени луѓето.

5. Како се организирани ангелите?

5 „Бог не е Бог на нередот, туку на мирот“, пишува во 1. Коринќаните 14:33. Според тоа, Јехова ги организирал своите духовни синови во три главни категории: 1) серафими, кои служат околу Божјиот престол, објавуваат дека Бог е свет и ја одржуваат духовната чистота на Божјиот народ; 2) херувими, кои ја потврдуваат Јеховината величественост; и 3) други ангели што ја извршуваат неговата волја (Псалм 103:20; Исаија 6:1-3; Езекиел 10:3-5; Даниел 7:10). На кои начини овие духовни суштества влијаат врз луѓето? (Откровение 5:11).

Каква улога имаат ангелите?

6. За која цел Јехова употребил херувими во еденската градина?

6 Духовните суштества првпат се спомнуваат директно во 1. Мојсеева 3:24, каде што пишува: „[Јехова] го истера човекот, а на источниот крај од еденската градина постави херувими и меч со пламено сечило, кој се вртеше постојано и го чуваше патот кон дрвото на животот“. Овие херувими им го спречувале патот на Адам и Ева повторно да влезат во својот првобитен дом во градината. Тоа било во почетокот на човечката историја. Каква улога имаат ангелите оттогаш наваму?

7. Според значењето на зборот „ангел“ на изворните јазици, која е една улога што ја имаат ангелите?

7 Во Библијата, ангелите се спомнуваат речиси 400 пати. И хебрејскиот и грчкиот збор за „ангел“ можат да се преведат со „гласник“. Значи, Бог ги користел ангелите за да им пренесува пораки на луѓето. Како што беше наведено во првите два пасуса од оваа статија, Јехова употребил еден ангел за да му ја пренесе својата порака на апостол Јован.

8, 9. а) Како влијаеле врз Маној и врз неговата жена посетите од еден ангел? б) Што можат да научат родителите од средбата на Маној со Божјиот ангел?

8 Исто така, ангелите им помагаат на Божјите слуги на Земјата и ги храбрат. На пример, во времето кога во Израел имало судии, Маној и неговата жена, која била неротка, многу сакале да имаат дете. Јехова испратил ангел за да ѝ каже на жена му на Маној дека ќе роди син. Во извештајот стои: „Еве, ќе забремениш и ќе родиш син. Брич нека не помине преку неговата глава, зашто детето ќе биде Божји назареец од мајчината утроба. И тој ќе предводи во избавувањето на Израел од рацете на Филистејците“ (Судиите 13:1-5).

9 Жена му на Маној навистина родила син, Самсон, кој станал прочуена личност од Библијата (Судиите 13:24). Пред да се роди детето, Маној побарал ангелот повторно да дојде кај нив за да ги поучи како да го воспитаат. Маној прашал: „Како ќе живее детето и што ќе прави?“ Јеховиниот ангел му ги повторил истите упатства што ѝ ги дал и на жена му на Маној (Судиите 13:6-14). Тоа мора многу да го охрабрило! Денес ангелите не ги посетуваат луѓето за истата цел но, по примерот на Маној, родителите можат да бараат совети од Јехова кога ги воспитуваат своите деца (Ефешаните 6:4).

10, 11. а) Како реагирале Елисеј и неговиот слуга кога ги нападнала сириската војска? б) Што учиме ако размислиме за овој настан?

10 Од времето на пророкот Елисеј, има еден впечатлив пример за тоа како помагале ангелите. Елисеј бил во Дотан, град во Израел. Еден ден, кога слугата на Елисеј се разбудил рано изутрина и погледнал надвор, видел дека градот бил опколен со коњи и со бојни коли. Царот на Сирија испратил голема војска за да го фати Елисеј. Како реагирал слугата на Елисеј? Исплашен, можеби и во паника, тој извикал: „Леле, господару! Што ќе правиме?“ За него ситуацијата изгледала безнадежна. Но, Елисеј му одговорил: „Не плаши се, зашто нашите се побројни од нивните!“ Што сакал да каже со ова? (2. Царевите 6:11-16).

11 Елисеј знаел дека таму има мноштва ангели што ќе му помогнат. Но, неговиот слуга не гледал ништо. Затоа, „Елисеј се помоли: ‚Јехова, те молам, отвори му ги очите за да види!‘ Јехова му ги отвори очите на слугата и, гледај, виде дека планините околу Елисеј се полни со огнени коњи и коли“ (2. Царевите 6:17). Тогаш слугата ги видел мноштвата ангели. Со нашите духовни очи, и ние можеме да „видиме“ дека ангелите, под водство на Јехова и Христос, му помагаат на Јеховиниот народ и го штитат.

Помош од ангелите во времето на Христос

12. Какво охрабрување добила Марија од ангелот Гавриел?

12 Размисли за охрабрувањето што го добила еврејската девица Марија кога ја чула веста: „Ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус“. Непосредно пред да ѝ ја пренесе оваа изненадувачка порака, ангелот Гавриел, кој бил испратен од Бог, ѝ рекол: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост кај Бог“ (Лука 1:26, 27, 30, 31). Марија сигурно била многу охрабрена и зајакната од овие зборови што ја увериле дека ја има Божјата милост!

13. Како му помогнале ангелите на Исус?

13 Друг пример за помош од ангелите гледаме во она што се случило откако Исус не подлегнал на трите искушенија што му ги поставил Сатана во пустината. Извештајот ни кажува дека на крајот од искушенијата, „Ѓаволот го остави. И гледај, дојдоа ангели и почнаа да му служат“ (Матеј 4:1-11). Нешто слично се случило и ноќта пред да умре Исус. Во голема душевна болка, Исус клекнал и почнал да се моли: „,Татко, ако сакаш, тргни ја оваа чаша од мене! Но нека не биде мојата волја, туку твојата!‘ Тогаш му се појави ангел од небото и го зајакнуваше“ (Лука 22:42, 43). Но, како ни помагаат ангелите нам денес?

Помош од ангелите во денешно време

14. Какво прогонство морале да поднесат Јеховините сведоци во денешно време, и со каков резултат?

14 Кога ќе размислиме за современата историја на проповедничкото дело на Јеховините сведоци, зар не гледаме докази дека во тоа дело помагаат ангелите? На пример, Јеховиниот народ успеал да го издржи нападот на нацизмот во Германија и во Западна Европа пред и за време на Втората светска војна (1939-1945). Под католичките фашистички режими во Италија, Шпанија и Португалија, морале да трпат прогонство уште подолго време. Исто така, со децении биле прогонувани во поранешниот Советски Сојуз и неговите земји-сојузнички. Не треба да го заборавиме ни прогонството што го доживеале Сведоците во некои африкански земји. * Во поново време, Јеховините слуги поднеле жестоко прогонство во Грузија. Сатана направил сѐ што е во негова моќ за да ѝ стави крај на активноста на Јеховините сведоци. Сепак, како организација, тие го преживеале тоа противење и продолжуваат напред. Ова делумно се должи и на заштитата што ја добиваат од ангелите (Псалм 34:7; Даниел 3:28; 6:22).

15, 16. Каква помош од ангелите добиваат Јеховините сведоци во нивната служба во целиот свет?

15 Јеховините сведоци сериозно ја сфаќаат својата задача да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство во целиот свет и да прават ученици со тоа што ќе ги учат за библиската вистина заинтересираните луѓе во целиот свет (Матеј 28:19, 20). Меѓутоа, добро знаат дека не можат да ја извршат таа задача без помошта од ангелите. Затоа, постојано ги охрабрува она што е запишано во Откровение 14:6, 7. Таму апостол Јован вели: „И видов еден друг ангел како лета среде небото, носејќи вечна добра вест за да им ја објави на оние што живеат на земјата — на секој народ и племе и јазик и народност. И зборуваше со силен глас: ‚Бојте се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд! Поклонете му се на оној што ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода!‘“

16 Овие зборови јасно покажуваат дека големото проповедничко дело што Јеховините сведоци го вршат во целиот свет се одвива со помош и под водство на ангелите. Јехова ги користи своите ангели за да ги насочи искрените луѓе кон неговите Сведоци. Исто така, ангелите ги водат и Сведоците кон достојните лица. Ова објаснува зошто во толку многу прилики — премногу често за да биде чиста случајност — некој Јеховин сведок сретнал некое лице токму во моментот кога тој или таа минувале низ голема криза во животот и им била потребна духовна помош.

Значајна улога во блиска иднина

17. Што се случило со Асирците кога ги нападнал само еден единствен ангел?

17 Освен тоа што служат како гласници и им помагаат и ги зајакнуваат Јеховините слуги, ангелите имаат уште една улога. Во минатото, тие ги извршувале Божјите осуди. На пример, во осмиот век пр.н.е., на Ерусалим му се заканувала една огромна орда од асирски војници. Што направил Јехова? Тој рекол: „Ќе го бранам овој град и ќе го спасам заради себе и заради Давид, мојот слуга“. Во Библијата е запишано што се случило: „Во истата таа ноќ излезе Јеховин ангел и уби сто осумдесет и пет илјади луѓе во асирскиот логор. А кога луѓето станаа рано изутрината, насекаде околу нив имаше само мртовци“ (2. Царевите 19:34, 35). Колку се беспомошни човечките војски во споредба со силата што ја има само еден ангел!

18, 19. Каква значајна улога ќе одиграат ангелите во блиска иднина, и што ќе значи тоа за луѓето?

18 Ангелите ќе учествуваат во извршувањето на Божјите осуди и во блиска иднина. Многу скоро, Исус ќе дојде „со своите моќни ангели во распламтен оган“. Нивната цел ќе биде да ‚извршат одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус‘ (2. Солуњаните 1:7, 8). Што ќе значи тоа за луѓето? Оние што нема да ја прифатат добрата вест за Божјето Царство што се објавува денес во целиот свет, ќе бидат уништени. Само оние што го бараат Јехова, праведноста и кроткоста, ќе ‚бидат заштитени во денот на Јеховиниот гнев‘ и нема да бидат повредени (Софонија 2:3).

19 Благодарни сме што Јехова ги користи своите моќни ангели за да им помага и да ги зајакнува своите слуги на Земјата. Тоа што знаеме каква улога играат ангелите во Божјата намера е особено утешно за нас, бидејќи постојат и ангели што се побуниле против Јехова и се подложиле на водството на Сатана. Во следната статија ќе видиме што можат да направат вистинските христијани за да се заштитат од силното влијание на Сатана Ѓаволот и на неговите демони.

[Фусноти]

^ пас. 14 Подетални извештаи за овие бранови на прогонство можеш да најдеш во англиските изданија на Годишник на Јеховините сведоци од 1972 (Чехословачка), 1974 (Германија), 1978 (Шпанија), 1982 (Италија), 1983 (Ангола, Португалија), 1994 (Полска) и 1996 (Мозамбик), како и во српските изданија од 1999 (Германија, Малави), 2000 (Република Чешка), 2002 (Украина), 2004 (Молдавија) и 2006 (Замбија).

Што научи?

• Како настанале ангелите?

• Каква улога имале ангелите во библиските времиња?

• Според Откровение 14:6, 7, каква улога имаат ангелите денес?

• Каква значајна улога ќе одиграат ангелите во блиска иднина?

[Прашања]

[Слика на страница 22]

Еден ангел ги охрабрил Маној и неговата жена

[Слика на страница 23]

„Нашите се побројни од нивните!“