Даниел 3:1-30

3  Цар Навуходоносор направи златен кип,+ висок шеесет лакти и широк шест лакти. Го подигна во рамницата Дура, во вавилонската покраина.+  Потоа цар Навуходоносор нареди да ги свикаат сатрапите,* намесниците+ и управителите, советниците, ризничарите, судиите, началниците+ и сите што беа над покраините, да се соберат и да дојдат на свеченоста+ по повод поставувањето на кипот што го подигна тој, цар Навуходоносор.  Тогаш сатрапите,+ намесниците и управителите, советниците, ризничарите, судиите, началниците и сите што беа над покраините се собраа на свеченоста по повод поставувањето на кипот што го подигна цар Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор.  Тогаш гласникот+ викна на сет глас: „Народи, племиња и јазици,+ вам ви се заповеда:  штом ќе го чуете звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на псалтирот, на гајдата и на сите други музички инструменти,+ паднете ничкум и поклонете му се* на златниот кип што го подигна цар Навуходоносор!  А кој нема да падне ничкум и нема да му се поклони,+ во истиот час+ ќе биде фрлен во печка со разгорен оган“.+  Па така, сите народи, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на псалтирот и на сите други музички инструменти, сите тие народи,+ племиња и јазици паднаа ничкум и му се поклонија на златниот кип што го подигна цар Навуходоносор.  И веднаш дојдоа некои Халдејци и ги обвинија Евреите.*+  Му се обратија на цар Навуходоносор и му рекоа: „Царе, да си жив довека!+ 10  Ти, царе, даде заповед секој човек што ќе го чуе звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на псалтирот, на гајдата и на сите други музички инструменти+ да падне ничкум и да му се поклони на златниот кип, 11  а кој нема да падне ничкум и нема да му се поклони, да биде фрлен во вжарена печка со разгорен оган.+ 12  А овде се некои Евреи, кои си ги поставил над вавилонската покраина,+ Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се обѕираат на тебе, царе, тие не им служат на твоите богови и не му се поклонуваат на златниот кип што го подигна“.+ 13  Тогаш Навуходоносор, гневен и бесен,+ заповеда да ги доведат Седрах, Мисах и Авденаго,+ и тие беа доведени пред царот. 14  А Навуходоносор им се обрати: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека не им служите на моите богови+ и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав?+ 15  А сега — штом ќе го чуете звукот на рогот, на кавалот, на цитрата, на харфата, на псалтирот, на гајдата и на сите други музички инструменти+ — ако сте спремни да паднете ничкум и да му се поклоните на кипот што го направив, ќе ви биде добро. Но ако не му се поклоните, во истиот час ќе бидете фрлени во вжарена печка со разгорен оган. И кој е тој бог што ќе може да ве избави од моиве раце?“+ 16  А Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот: „Царе Навуходоносор, нема потреба да ти одговориме на тоа.+ 17  Ако треба така да биде, нашиот Бог, кому му служиме, може да нѐ избави. Тој и ќе нѐ избави+ од вжарената печка со разгорен оган и од твојата рака, царе. 18  Но, дури и да не го стори тоа, знај, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и нема да му се поклониме на златниот кип што го подигна“.+ 19  Тогаш Навуходоносор се разбесни на Седрах, Мисах и Авденаго, и лицето му се изобличи. Па заповеда да ја вжарат печката седумпати посилно отколку што беше вообичаено. 20  Потоа им заповеда на неколку силни+ мажи од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во вжарената печка со разгорен оган.+ 21  Тогаш ги врзаа и ги фрлија во вжарената печка сосе наметки, алишта, капи и сосе другата облека. 22  А поради тоа што царевата заповед беше строга, па печката беше прекумерно вжарена, пламенот од огнот ги уби луѓето што ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. 23  Но овие тројца мажи, Седрах, Мисах и Авденаго, паднаа врзани среде вжарената печка.+ 24  Тогаш цар Навуходоносор многу се исплаши и брзо стана. Им се обрати на своите високи службеници и ги праша: „Зарем не фрливме во огнот+ тројца врзани мажи?“ Тие му одговорија на царот: „Да, царе“. 25  Тогаш тој рече: „Ене, гледам четворица мажи како се шетаат одврзани среде огнот, и не им е ништо, а четвртиот личи на син на боговите“.+ 26  Тогаш Навуходоносор пријде кон вратата на вжарената огнена печка+ и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Севишниот Бог,+ излезете и дојдете ваму!“ Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. 27  А насобраните сатрапи, намесници, управители и високи царски службеници+ ги гледаа тие луѓе и видоа дека огнот не им наштетил на нивните тела+ и дека ниту косата на главата+ не им беше подгорена, дури ни нивните наметки не им беа променети и не мирисаа на чад. 28  Тогаш Навуходоносор рече: „Благословен да е Богот на Седрах, Мисах и Авденаго,+ кој испрати свој ангел+ и ги избави своите слуги кои се надеваа на него+ и не ѝ се покорија на царевата заповед, туку беа готови да умрат, зашто не сакаа да му служат+ и да му се поклонуваат+ на ниту еден друг бог, освен на својот Бог.+ 29  Затоа им издавам наредба+ на сите народи, племиња и јазици, па секој што ќе каже нешто лошо за Богот на Седрах, Мисах и Авденаго да биде распарчен,+ а неговата куќа да биде претворена во јавен нужник,+ зашто нема друг бог кој би можел да избави како овој“.+ 30  Тогаш царот ги постави Седрах, Мисах и Авденаго на високи положби во вавилонската покраина.+

Фусноти

Види ја фуснотата за Езр 8:36.
Или: „искажете му почит; извршете чин на обожавање“.
Или: „ги наклеветија Евреите“. Буквално: „јадеа делчиња [месо откинато од телото] од Евреите“.