Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Како на небото така и на земјата“

„Како на небото така и на земјата“

„Како на небото така и на земјата“

„Католичката вера наведува Четири последни работи: смрт, суд, пекол, рај“ (Католицизам, издадена од Џорџ Брантл).

ЗАБЕЛЕЖИ дека на овој список од можности за човештвото, Земјата не е спомната. Тоа воопшто не изненадува, зашто Католичката црква, како и многу други религии, се придржува за верувањето дека еден ден Земјата ќе биде уништена. Во Dictionnaire de Théologie Catholique, под насловот „Крајот на светот“, јасно се истакнува: „Католичката црква верува и поучува дека сегашниов свет, таков каков што го создал Бог и каков што постои сега, нема вечно да трае“. Еден неодамнешен католички катехизам исто така ја застапува оваа идеја: „Нашиот свет... е предодреден да исчезне“. Но, ако нашата планета треба да исчезне, тогаш што е со библиските ветувања за еден земен рај?

Библијата јасно зборува дека во иднина на Земјата ќе има рај. На пример, пророкот Исаија ги опишал Земјата и нејзините жители на следниов начин: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22). Евреите, на кои Бог им ги дал овие ветувања, биле сигурни дека нивната земја — всушност, целата Земја — еден ден ќе стане рај за вечен благослов на луѓето.

Псалм 37 ја потврдува оваа надеж: „Кротките ќе ја наследат земјата“ (Псалм 37:11). Овој стих не зборува само за едно привремено враќање на Израелците во Ветената земја. Истиот псалм наведува: „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29). Забележи дека овој псалм вели дека вечниот живот на Земјата ќе биде награда за „кротките“. Во еден француски превод на Библијата, коментарот за овој стих вели дека зборот „кроток“ „има многу пошироко значење отколку што се гледа од преводите; во него спаѓаат несреќните, оние што се мачени или прогонувани поради Јахве, понизните срца што се подложни на Бог“.

На Земјата или на небото?

Во Проповедта на гората, Исус дал едно ветување што нѐ потсетува на стиховите цитирани погоре: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5ДХК). Повторно, ветено е дека Земјата ќе биде трајна награда за верните. Меѓутоа, Исус јасно им дал до знаење на своите апостоли дека за нив приготвува место „во куќата на [неговиот] Татко“, и дека тие ќе бидат со него на небото (Јован 14:1, 2; Лука 12:32; 1. Петрово 1:3, 4). Според тоа, како треба да ги разбереме ветувањата за благослови овде, на Земјата? Дали тие важат и денес, и на кого се однесуваат?

Многу изучувачи на Библијата велат дека „земјата“ што е спомната во Исусовата Проповед на гората, па дури и таа во Псалм 37, има само симболично значење. Во своите коментари во Bible de Glaire, Ф. Вигуру напишал дека овие стихови ги разбира како „симбол за небото и за Црквата“. Според францускиот истражувач на Библијата, М. Лагранж, ова ветување „не е ветување дека кротките ќе ја поседуваат земјата на која што живеат, ниту во овој поредок, ниту во идниот совршен поредок. Наместо тоа, ветувањето се однесува на небесното царство, сеедно каде би било тоа“. Друг истражувач, пак, смета дека овој стих „зборува за небото користејќи на симболичен начин термини поврзани со Земјата“. А според трети, „ветената земја, Ханаан, се користи во симболична смисла и го претставува Божјето Царство, кое е гарантирано за оние што се кротки. Тоа е значењето на сликата дадена и во Псалм 37 и на други места во Библијата“. Но, дали треба брзо да ја исклучиме физичката земја од Божјите ветувања?

Вечната намера за Земјата

Во почетокот, Земјата била директно поврзана со Божјата намера за луѓето. „Небесата се Господови небеса, а земјата им ја даде на човечките синови“, напишал псалмистот (Псалм 115:16). Според тоа, Божјата првобитна намера за луѓето била поврзана со Земјата, а не со небото. Јехова му дал задача на првиот човечки пар да ја прошири Еденската градина низ целата Земја (Битие 1:28). Оваа намера не била привремена. Во својата Реч, Јехова потврдува дека Земјата ќе трае засекогаш: „Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува секогаш“ (Проповедник 1:4; 1. Летописи 16:30; Исаија 45:18).

Божјите ветувања никогаш нема да потонат во заборав, зашто тој е Севишен, и тој го гарантира нивното исполнување. Библијата вака го употребила природниот воден циклус за да спореди колку е неизбежно исполнувањето на Божјите ветувања: „Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее... така Словото [Божјата реч] што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив“ (Исаија 55:10, 11). Бог им дава ветувања на луѓето. Може да помине некое време пред тие да се остварат, но никогаш не остануваат неостварени. Тие се ‚враќаат‘ кај него исполнувајќи го сето она што било кажано.

Јехова сигурно ‚сакал‘ да ја создаде Земјата за луѓето. На крајот од шестиот творечки ден, тој изјавил дека сѐ што направил е „многу добро“ (Битие 1:31). Сѐ уште не е остварена Божјата намера Земјата да биде претворена во траен рај. Сепак, Божјите ветувања ‚нема да се вратат кај него без плод‘. Ќе се исполнат сите ветувања за совршен живот на Земјата, каде што луѓето ќе живеат вечно во мир и безбедност (Псалм 135:6; Исаија 46:10).

Божјата намера сигурно ќе се оствари

Гревот на нашите прародители, Адам и Ева, привремено ја нарушил Божјата првобитна намера да ја направи Земјата рај. По нивната непослушност, тие биле истерани од градината. Затоа ја изгубиле можноста да учествуваат во исполнувањето на Божјата намера луѓето да живеат како совршени во рајот на Земјата. Сепак, Бог презел чекори за да ја исполни својата намера. Кои биле тие чекори? (Битие 3:17-19, 23).

Она што се случило во Еден може да се спореди со следнава ситуација: Еден човек започнува да гради куќа на одличен плац, но само што го положил темелот, некој доаѓа и го уништува. Наместо да се откаже од својот проект, човекот презема чекори за да биде сигурен дека куќата ќе биде завршена. Дури и ако за оваа дополнителна работа е потребен поголем трошок, нема сомневање дека тој сака да го заврши започнатиот проект.

Слично на тоа, Бог презел чекори за неговата намера сигурно да се исполни. Кратко откако нашите прародители го направиле гревот, тој објавил дека има надеж за нивните потомци. Надежта била едно „семе“ што требало да ја поправи сета штета. Како исполнување на ова пророштво, се покажало дека главниот дел од семето е Божјиот Син, Исус, кој дошол на Земјата и го дал својот живот како жртва за да го откупи човештвото (Галатите 3:16; Матеј 20:28). Откако ќе воскреснел на небото, Исус требало да стане Цар на Царството. Првенствено, тој е кроткиот што ја наследува Земјата, заедно со избраните верни лица кои се воскреснати на небото за да станат совладетели во ова Царство (Псалм 2:6-9). Со текот на времето, оваа влада ќе завладее со Земјата за да ја исполни Божјата првобитна намера и да ја претвори Земјата во рај. Огромен број кротки лица ‚ја наследуваат земјата‘ во таа смисла што ќе живеат под власта на ова Царство составено од Исус Христос и неговите совладетели (Битие 3:15; Даниел 2:44; Дела 2:32, 33; Откровение 20:5, 6).

„Како на небото така и на земјата“

Ова спасение со две одредишта, небото и Земјата, е спомнато во визијата што ја видел апостол Јован. Тој видел цареви на небесни престоли кои биле избрани од Христовите верни ученици. Во врска со овие придружници на Христос, Библијата конкретно кажува дека „ќе владеат како цареви над земјата“ (Откровение 5:9, 10). Забележи ги двата аспекта кои ги вклучува остварувањето на Божјата намера — обновена Земја со која ќе управува небесното Царство составено од Исус Христос и неговите сонаследници. Сите овие чекори од Бог овозможуваат на крајот да биде обновен земниот Рај, во склад со неговата првобитна намера.

Во својата пример-молитва, Исус ги поттикнал своите ученици да се молат за тоа Божјата волја да се врши „како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Дали овие зборови би имале смисла кога Земјата би исчезнала, или ако таа е само симбол за небото? Слично на тоа, дали тие би имале смисла кога сите праведни би отишле на небото? Божјата волја за Земјата јасно се гледа во Светото писмо, и тоа од извештајот за создавањето па сѐ до последната книга од Библијата, Откровение. Земјата ќе стане она за што Бог ја наменил — рај. Ова е неговата волја, и Бог ветува дека ќе ја оствари. Верните на Земјата се молат таа да се исполни.

Вечен живот на Земјата — тоа била првобитната намера на Творецот, Богот што ‚не се менува‘ (Малахија 3:6; Јован 17:3; Јаков 1:17). Ова списание, Стражарска кула, повеќе од 100 години ги објаснува овие два аспекта во остварувањето на Божјата намера. Тие ни помагаат да ги разбереме ветувањата од Библијата за една обнова на Земјата. Можеш да ја испиташ и подлабоко оваа тема, било така што ќе разговараш со Јеховините сведоци или со тоа што ќе контактираш со издавачите на ова списание.

[Слика на страница 4]

Библијата јасно зборува дека во иднина на Земјата ќе има Рај

[Слика на страница 7]

Дали Исусовата пример-молитва има смисла ако Земјата треба да биде уништена?