Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Првосвештеникот што го осудил Исус

Првосвештеникот што го осудил Исус

Првосвештеникот што го осудил Исус

ВО НОЕМВРИ 1990 година, луѓето што работеа во еден парк и на една улица на помалку од километар од стариот град Ерусалим, открија нешто извонредно. Еден од тракторите случајно го сруши покривот на една древна гробница. Од првиот век пр.н.е. па сѐ до првиот век од н.е., оваа област служела како голема некропола. Она што археолозите го пронајдоа во една од гробниците беше многу интересно.

Во гробницата имаше 12 костурници, или кутии со коски, во кои биле ставани коските на умрените откако стоеле во гробот околу една година, додека не се распаднело телото. На едната страна од една извонредно изрезбана костурница — меѓу најубавите досега пронајдени — стоеше името Јехосеф бар Кајафа (Јосиф синот на Кајафа).

Доказите укажуваат дека би можело да се работи за гробот на првосвештеникот кој претседавал на најважното судење во историјата на човештвото — судењето на Исус Христос. Еврејскиот историчар Јосиф го идентификувал овој првосвештеник како „Јосиф, кој бил наречен Кајафа“. Во Библијата тој е наречен само Кајафа. Зошто би не интересирал Кајафа? Што го мотивирало да го осуди Исус?

Неговото семејство и потекло

Кајафа се оженил со ќерката на Ана, кој исто така бил првосвештеник (Јован 18:13). Бракот најверојатно бил договорен со години однапред, зашто и двете семејства сигурно сакале да си обезбедат добра брачна врска. Тоа значело дека внимателно биле испитани родословијата за да биде сигурно дека и двете лози се свештенички. И двете семејства очигледно ѝ припаѓале на високата класа и биле богати, а богатството најверојатно го стекнале од големите имоти околу Ерусалим со кои располагале. Ана без сомнение сакал да се осигура дека неговиот иден зет ќе му биде и политички сојузник. Изгледа дека и Ана и Кајафа ѝ припаѓале на моќната садукејска секта (Дела 5:17).

Како член на едно истакнато свештеничко семејство, Кајафа сигурно бил упатен во Хебрејските списи и нивното толкување. Со службата во храмот започнал на 20 години, но не е познато на која возраст станал првосвештеник.

Првосвештеници и главни свештеници

Во почетокот, службата на првосвештеник била наследна и доживотна. Но, во вториот век пр.н.е. таа служба ја приграбиле Хасмонејците. a Првосвештениците ги поставувал и тргал од положба Ирод Велики, сакајќи со тоа јасно да покаже дека тој има власт да ги поставува на таа служба. Истото го правеле и римските управители во Јудеја.

Ваквиот тек на работите довел до појава на една група која во Библијата е наречена „главни свештеници“ (Матеј 26:3, 4). Покрај Кајафа, оваа група ги вклучувала и поранешните првосвештеници, како што бил Ана, кои иако веќе не биле на положба, си ја задржале титулата. Групата вклучувала и блиски роднини на новите и поранешните првосвештеници.

Римјаните ѝ го препуштиле секојдневното управување со Јудеја на еврејската аристократија, во која спаѓале и главните свештеници. Ова му овозможило на Рим со малку војска да има контрола над провинцијата и да си осигура добри приходи од даноците што се плаќале во Јудеја. Од еврејската хиерархија Рим очекувал да го одржува редот и да ги брани неговите интереси. Далеку од тоа дека Римската власт гледала со симпатии кон еврејските водачи, кои, пак, биле огорчени од римското владеење. Сепак, и на двете страни им било од корист власта да остане стабилна.

Во времето на Кајафа, првосвештеникот бил и политички водач на Евреите. Ана бил поставен на оваа положба од Квириниј, римски управител на Сирија, во 6 или 7 година од н.е. Рабинската традиција кажува дека алчноста, непотизмот, угнетувањето и насилството биле нешто вообичаено меѓу тогашните владејачки еврејски аристократски семејства. Еден писател смета дека како првосвештеник, Ана сигурно се погрижил неговиот зет „брзо да биде унапреден како дел од храмската хиерархија; на крајот на краиштата, колку повисока положба држел Кајафа, толку поголема корист од него ќе имал и самиот Ана“.

Валериј Гратус, кој бил управител на Јудеја, го симнал Ана од неговата положба околу 15 година од н.е. Тројца други, меѓу кои бил и еден од синовите на Ана, ја држеле оваа положба кратко еден по друг. Кајафа станал првосвештеник околу 18 година од н.е. Понтиј Пилат, кој бил назначен за управител на Јудеја во 26 година од н.е., го држел Кајафа на таа служба за време на своето десетгодишно управување. Службата на Кајафа го опфатила периодот од службата на Исус до раните почетоци на проповедањето на неговите ученици. Но, Кајафа бил непријателски настроен кон христијанската порака.

Страв од Исус, страв од Рим

Кајафа гледал на Исус како на опасен подбуцнувач на бунтови. Исус го оспорил начинот на кој хиерархијата ги толкувала сабатните закони и ги исфрлил од храмот трговците и менувачите на пари, јавно изјавувајќи дека го направиле „разбојничка пештера“ (Лука 19:45, 46). Некои историчари мислат дека овие храмски пазари биле сопственост на семејството на Ана — можеби причина плус за Кајафа да се обиде да го замолчи Исус. Кога главните свештеници пратиле војници да го уапсат Исус, тие биле толку вчудовидени од она што го зборувал што се вратиле со празни раце (Јован 2:13-17; 5:1-16; 7:14-49).

Да разгледаме што се случило кога еврејската хиерархија слушнала дека Исус го воскреснал Лазар. Евангелието по Јован вели: „Главните свештеници и фарисеите го свикаа Синедрионот и почнаа да велат: ‚Што да правиме, бидејќи овој човек прави многу знаци? Ако го оставиме така, сите ќе поверуваат во него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни го земат и нашето место и нашата нација‘“ (Јован 11:47, 48). Синедрионот гледал на Исус како на закана за авторитетот на религиозното уредување и за јавниот ред, за што бил тој одговорен пред Пилат. Секое движење што Римјаните би го протолкувале како бунтовно би можело да ги поттикне да се вмешаат во еврејското уредување — нешто кое Синедрионот сакал да го избегне по секоја цена.

Иако немоќен да одрече дека Исус направил моќни чуда, Кајафа не поверувал во Исус туку гледал да си ги задржи статусот и власта. А зар би можел да го признае воскресението на Лазар? Како садукеј, тој воопшто не верувал во воскресение! (Дела 23:8).

Злобата на Кајафа јасно се покажала кога им рекол на оние со коишто ја делел положбата: „Вие . . .не увидувате дека е за ваше добро еден човек да умре во корист на народот, а не целата нација да биде уништена“. Извештајот понатаму вели: „Меѓутоа, тоа не го рече сам од себе, туку — бидејќи таа година беше првосвештеник — прорече дека е одредено Исус да умре за нацијата, и не само за нацијата туку и за да ги собере во едно Божјите деца кои се распрснати. Така, од тој ден се посоветуваа да го убијат [Исус]“ (Јован 11:49-53).

Кајафа не бил свесен колкаво значење имале зборовите што ги кажал. Бидејќи служел како првосвештеник, тој навистина прорекол. b Смртта на Исус ќе донесе многу користи — но не само за Евреите. Жртвата што ја дал како откуп ќе послужела за да се ослободи целото човештво од ропството на гревот и на смртта.

Завера за убиство

Еврејските главни свештеници и старешините се собрале дома кај Кајафа за да се договорат како да го фатат и убијат Исус. Првосвештеникот веројатно договорил со Јуда Искариот за колку пари ќе го предаде Исус (Матеј 26:3, 4, 14, 15). Но, едно убиство не било доволно за Кајафа да ги оствари своите злобни цели. „А главните свештеници се посоветуваа да го убијат и Лазар, бидејќи заради него многу Евреи . . . веруваа во Исус“ (Јован 12:10, 11).

Била испратена група за да го уапси Исус, во која бил и Малх, слугата на Кајафа. Откако го уапсиле, Исус најпрво бил одведен на испрашување кај Ана, а потоа и кај Кајафа, кој веќе ги имал собрано еврејските старешини за да се одржи вечерно судење, кое било во спротивност со еврејскиот закон (Матеј 26:57; Јован 18:10, 13, 19-24).

Тоа што лажните сведочења против Исус не се поклопувале, воопшто не го спречило Кајафа во намерата. На овој првосвештеник добро му бил познат ставот што го имале неговите соучесници во заверата кон некој што самиот би се прогласил за Месија. Затоа побарал Исус да му одговори дали тврдел дека тој е Месијата. Исус им одговорил на своите обвинители дека ќе го видат „како седи откај десницата на моќта и како доаѓа на облаците небесни“. Како да е којзнае колку побожен, „првосвештеникот ги раскина своите горни облеки, велејќи: ‚Тој похули! Што ни требаат уште сведоци?‘“. Синедрионот се сложил дека Исус заслужува смрт (Матеј 26:64-66).

Смртните казни морало да бидат одобрени од Римјаните. Најверојатно Кајафа бил тој што го изнел случајот пред Пилат, бидејќи првосвештеникот бил посредник помеѓу Римјаните и Евреите. Кога Пилат гледал некако да го ослободи Исус, Кајафа сигурно бил меѓу главните свештеници кои извикувале: „Прикови го! Прикови го!“ (Јован 19:4-6). Веројатно го поттикнал и мноштвото да извикува да се ослободи еден убиец наместо Исус, и бил меѓу главните свештеници кои лицемерно изјавиле: „Ние немаме никаков цар освен цезарот“ (Јован 19:15; Марко 15:7-11).

Кајафа одбил да поверува во доказите дека Исус воскреснал. Им се спротивставил на Петар и Јован, а потоа и на Стефан. Исто така, го овластил Савле да ги уапси сите христијани коишто ќе ги најде во Дамаск (Матеј 28:11-13; Дела 4:1-17; 6:8—7:60; 9:1, 2). Но, околу 36 година од н.е., Кајафа бил симнат од својата положба од Вителиј, римскиот царски претеник во Сирија.

Еврејските ракописи фрлаат многу неповолна светлина врз семејството на Кајафа. На пример, во Вавилонскиот Талмуд се запишани оплакувањата: „Тешко мене покрај фамилијата на Ханин [Ана], тешко мене од нивните шепотења“, или „клевети“. Се смета дека ова тажење се однесува на „тајните заседавања со цел да се преземат сурови мерки“.

Поука што ја извлекуваме од животот на Кајафа

Еден изучувач ги опишал првосвештениците како луѓе што биле „строги, препредени и способни — и, веројатно, арогантни“. Ароганцијата го спречила Кајафа да го прифати Месијата. Затоа не треба да сме изненадени што и денес има луѓе кои одбиваат да ја чујат пораката од Библијата. За некои, вистината од Библијата не е толку интересна за да мора да престанат со обичаите што им се драги. Други можеби сметаат дека им е под честа да се понижат проповедајќи им ја добрата вест на луѓето. А кај оние што се нечесни и алчни, христијанските мерила предизвикуваат одбивност.

Како првосвештеник, Кајафа можел да им помогне на своите сонародници, Евреите, да го прифатат Месијата, но жедта за власт го натерала да го осуди Исус. Најверојатно продолжил со своето противење сѐ до својата смрт. Извештајот за неговото однесување ни покажува дека, по нашата смрт, не остануваат само коските. Останува и името што сме го стекнале со нашите постапки, добро или лошо, кое вечно ќе стои пред Бог.

[Фусноти]

a Нешто повеќе за историјата на Хасмонејците можеш да најдеш во Стражарска кула од 15 јуни 2001 година, страници 27-30.

b Јехова претходно го употребил злобниот пророк Валаам да изрече вистинито пророштво за Израелците (Броеви 23:1—24:24).

[Слика на страница 10]

Јосиф, син на Кајафа

[Слика на страница 10]

Неодамна откриената костурница

[Извори на слики на страница 10]

Костурницата, натписот и гробницата во позадина: Со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority