Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да ги запознаеме Јеховините патишта

Да ги запознаеме Јеховините патишта

Да ги запознаеме Јеховините патишта

„Покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам“ (ИЗЛЕЗ 33:13).

1, 2. а) Зошто Мојсеј го убил Египќанецот кога видел како малтретира еден Евреин? б) Што требало да научи Мојсеј за да може да му служи на Јехова?

 МОЈСЕЈ пораснал во домот на фараонот и бил воспитан според мудроста што била ценета во очите на благородништвото во Египет. Сепак, Мојсеј сфатил дека тој не бил Египќанец. Неговите родители биле Евреи. Кога имал 40 години, отишол да види како живеат неговите браќа, синовите на Израел. Кога видел како некој Египќанец малтретира еден Евреин, Мојсеј не останал рамнодушен. Го убил Египќанецот. Избрал да застане на страната на Јеховиниот народ и си мислел дека Бог го користи за да ги избави своите браќа (Дела 7:21-25; Евреите 11:24, 25). Кога се дознало за таа случка, во очите на царскиот двор на Египет Мојсеј бил бунтовник и морал да избега за да не го убијат (Излез 2:11-15). За Бог да го користи, Мојсеј морал да научи повеќе за Јеховините патишта. Ќе сакал ли да учи? (Псалм 25:9).

2 Следните 40 години, Мојсеј живеел како изгнаник и пастир. Наместо да дозволи да стане огорчен затоа што било јасно дека неговите браќа Евреи не го ценеле, Мојсеј се подложил на она што го допуштил Бог. Иако поминале многу години без да добие никаква пофалба, Мојсеј дозволил Јехова да го обликува. Под влијание на Божјиот свет дух, а не по своја лична проценка, подоцна тој напишал: „Мојсеј беше многу кроток човек, најкроткиот од сите луѓе на земјата“ (Броеви 12:3NW). Јехова го користел Мојсеј на извонредни начини. Ако и ние ја бараме кроткоста, Јехова ќе нѐ благослови и нас (Софонија 2:3NW).

Добива една задача

3, 4. а) Каква задача му дал Јехова на Мојсеј? б) Каква помош му била дадена на Мојсеј?

3 Еден ден, Јехова пратил ангел што зборувал со Мојсеј во близина на планината Хорив, на Синајскиот Полуостров. Тој му рекол на Мојсеј: „Ги видов страдањата на својот народ во Египет . . . и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки. Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко“ (Излез 3:2, 7, 8). Во врска со ова, Бог имал една задача за Мојсеј, но морало да се изврши онака како што ќе речел Јехова.

4 Јеховиниот ангел понатаму рекол: „Ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет“. Мојсеј се колебал. Тој не се чувствувал кадарен за тоа, и ако требало да се потпре само на себе, навистина не бил кадарен. Меѓутоа, Јехова го уверил Мојсеј: „Јас ќе бидам со тебе“ (Излез 3:10-12). Јехова му дал моќ на Мојсеј да прави чудесни знаци што требало да послужат како доказ дека навистина е испратен од Бог. Брат му на Мојсеј, Арон, требало да оди со него како говорник. Јехова бил тој што ќе ги поучел што да речат и што да направат (Излез 4:1-17). Дали Мојсеј совесно ќе ја завршел таа задача?

5. Зошто ставот на Израелците му создавал тешкотии на Мојсеј?

5 Постарите мажи во Израел во почетокот им верувале на Мојсеј и на Арон (Излез 4:29-31). Меѓутоа, наскоро „бележниците на Израелците“ им префрлиле на Мојсеј и на брат му дека тие се виновни што фараонот и неговите слуги ги ‚замразиле‘ Израелците (Излез 5:19-21; 6:9). Кога Израелците заминале од Египет, ги фатило паника кога виделе дека зад петици им се египетските бојни коли. Бидејќи пред нив било Црвеното Море а зад нив биле бојните коли, се чувствувале како да се фатени во стапица и почнале да го обвинуваат Мојсеј. Како ќе реагираше ти во таа ситуација? Иако Израелците немале бродови, на Јеховина наредба Мојсеј им рекол да ги соберат работите од логорот и да тргнат. Тогаш Бог ги разделил водите на Црвеното Море и морското дно станало суво копно низ кое народот можел да помине (Излез 14:1-22).

Нешто многу поважно од избавување

6. Што истакнал Јехова кога му дал задача на Мојсеј?

6 Кога му ја дал задачата на Мојсеј, Јехова истакнал колку е важно Божјето име. Било многу битно да се почитува тоа име и оној што го носи. Кога Мојсеј го прашал Јехова за Неговото име, Тој му рекол: „Јас сум, кој сум“. Понатаму, Мојсеј требало да им рече на синовите на Израел: „Господ [Јехова, NW], Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас“. Јехова додал: „Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род“ (Излез 3:13-15). И ден-денес на Божјите слуги во целиот свет Бог им е познат по името Јехова (Исаија 12:4, 5; 43:10-12).

7. Што му велел Бог на Мојсеј да прави иако фараонот бил дрзок?

7 Кога Мојсеј и Арон се појавиле пред фараонот, му пренеле порака од името на Јехова. Но, фараонот дрско рекол: „Кој е Тој Господ [Јехова, NW] за да Го послушам јас . . . и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ [Јехова, NW], ниту ќе ги пуштам Израелците“ (Излез 5:1, 2). Фараонот бил тврдоглав и превртлив, но Јехова повеќе пати го праќал Мојсеј да оди и да му пренесе порака (Излез 7:14-16, 20-23; 8:1, 2, 20). На Мојсеј му било јасно дека фараонот бил лут. Зар ќе имало некаква корист повторно да зборува со него? Израелците желно чекале избавување. Фараонот упорно не сакал да ги пушти. Што ќе направеше ти да беше на местото на Мојсеј?

8. Каква корист произлегла од начинот на кој постапил Јехова во ситуацијата со фараонот, и како треба да влијаат врз нас тие настани?

8 Мојсеј пренел уште една порака, велејќи: „Господ [ЈеховаNW], Бог на Евреите, порачува вака: ‚Пушти го народот да замине и да ми искаже почитување‘“. Бог исто така рекол: „Да ја спуштев Својата рака и да ве удрев со помор, тебе и твојот народ, ќе ве снемаше од земјата. Те поштедив за да ја покажам Својата сила и за да се објави Моето име по целата земја“ (Излез 9:13-16). Бидејќи Јехова знаел што ќе се случи со тврдоглавиот фараон, сакал да ја покаже својата моќ на начин што ќе послужи како предупредување за сите што му пркосат. Еден од нив е и Сатана Ѓаволот, оној кого подоцна Исус Христос го нарекол „владетелот на светот“ (Јован 14:30; Римјаните 9:17-24). Како што било проречено, Јеховиното име било објавено по целата Земја. Благодарение на Божјата стрпливост, биле спасени Израелците и уште едно мноштво други луѓе што им се придружиле да го обожаваат Јехова (Излез 9:20, 21; 12:37, 38). Оттогаш, благодарение на тоа што се објавувало Јеховиното име, уште милиони луѓе почнале да го обожаваат Бог на исправен начин.

Мојсеј и еден тежок народ

9. Како покажале непочитување кон Јехова сонародниците на Мојсеј?

9 Израелците го знаеле Божјето име. Мојсеј го користел тоа име кога им зборувал, но тие не покажувале секогаш исправна почит кон Оној на кого му припаѓа. Што се случило кога Израелците не нашле веднаш питка вода, кратко откако Јехова со чудо ги избавил од Египет? Мрмореле против Мојсеј. Потоа, се жалеле на храната. Мојсеј ги опоменал дека тие не мрморат само против него и Арон туку против Јехова (Излез 15:22-24; 16:2-12). На планината Синај, Јехова им го дал на Израелците Законот, а сето тоа било проследено со натприродни појави. Меѓутоа, луѓето биле непослушни, направиле златно теле за да го обожаваат и тврделе дека имаат „свеченост во чест на Господа“ (Излез 32:1-9).

10. Зошто она што го барал Мојсеј, а е запишано во Излез 33:13, е од особен интерес за христијанските надгледници денес?

10 Како требало Мојсеј да постапи со еден народ за кој самиот Јехова рекол дека е тврдоглав? Мојсеј го молел Јехова: „Ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност“ (Излез 33:13). Христијанските надгледници што се грижат за Јеховините сведоци во денешно време, пасат едно многу попонизно стадо. Сепак, и тие се молат: „Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки“ (Псалм 25:4). Спознанието за Јеховините патишта им овозможува на надгледниците да ги решаваат работите во склад со Божјата реч и со неговата личност.

Што очекува Јехова од својот народ

11. Какви упатства му дал Јехова на Мојсеј, и зошто тие ни се важни и нам?

11 Она што го очекува Јехова од својот народ го кажал усно на планината Синај. Подоцна Мојсеј добил две камени плочи на кои биле напишани Десетте заповеди. Кога се симнал од планината, видел дека Израелците обожавале леано теле и налутено ги фрлил плочите, при што се искршиле на ситни парчиња. Јехова повторно ги запишал Десетте заповеди на камените плочи што ги изделкал Мојсеј (Излез 32:19; 34:1). Овие заповеди не се промениле од времето кога биле дадени за првпат. Мојсеј требало да постапува во склад со нив. Исто така, Бог јасно му кажал на Мојсеј каква личност е Тој, и со тоа му покажал како да се однесува како претставник на Јехова. Христијаните не се под Мојсеевиот закон, но она што Јехова му го кажал на Мојсеј содржи многу темелни начела што не се промениле и што сѐ уште важат за сите оние што го обожаваат Јехова (Римјаните 6:14; 13:8-10). Да разгледаме некои од нив.

12. Како требало да влијае врз Израелците тоа што Јехова барал да го обожаваат само него?

12 Обожавај го само Јехова. Израелците биле присутни кога Јехова изјавил дека бара да го обожаваат само него (Излез 20:2-5). Тие виделе многу докази дека Јехова е вистинскиот Бог (Второзаконие 4:33-35). Јехова јасно кажал дека, без оглед на тоа што правеле другите народи, тој нема да дозволи никакво идолопоклонство или спиритизам меѓу неговиот народ. Не требало да го обожаваат само формално. Тие требало да го сакаат Јехова со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила (Второзаконие 6:5, 6). Тоа го вклучувало нивниот начин на зборување, нивното однесување — всушност, секој аспект од нивниот живот (Левит 20:27; 24:15, 16; 26:1). И Исус Христос јасно покажал дека Јехова бара да го обожаваме само него (Марко 12:28-30; Лука 4:8).

13. Зошто Израелците требало да му бидат послушни на Бог во сѐ, и што треба да нѐ мотивира нас да му бидеме послушни? (Проповедник 12:13)?

13 Биди потполно послушен на Јеховините заповеди. Израелците требало да бидат потсетувани дека, кога стапиле во сојуз со Јехова, се заколнале дека ќе го слушаат во сѐ. Во врска со личните работи имале голема слобода, но за оние работи за кои Јехова им дал заповеди, морале да бидат послушни во сѐ. Така ќе дале доказ дека го сакаат Бог и тоа ќе било добро и за нив и за нивните потомци затоа што сѐ што очекувал Јехова од нив било за нивна корист (Излез 19:5-8; Второзаконие 5:27-33; 11:22, 23).

14. Како Бог им нагласил на Израелците дека е важно на прво место да им бидат духовните работи?

14 На прво место нека ти бидат духовните работи. Израелците не требало да дозволат грижата за физичките потреби да им го одврати вниманието што го заслужувале духовните активности. Не требало да го посветат животот само на секојдневните работи. Од секоја седмица, Јехова одредил време што го означил како свето, време што ќе го користат само за активности поврзани со обожавањето на вистинскиот Бог (Излез 35:1-3; Броеви 15:32-36). Секоја година требало да се одвојува време и за посебни свети собири (Левит 23:4-44). Тогаш луѓето имале прилика да зборуваат за Јеховините моќни дела, да се потсетат на неговите патишта и да му ја искажат својата благодарност за сета негова добрина. Кога луѓето ја изразувале својата оддаденост на Јехова, стекнувале поголем страв од Бог и поголема љубов и им било полесно да одат по неговите патишта (Второзаконие 10:12, 13). Здравите начела што ги содржат овие упатства им користат и на Јеховините слуги денес (Евреите 10:24, 25).

Да ги сфатиме и да ги цениме Јеховините особини

15. а) Зошто тоа што ги сфатил Јеховините особини му било од помош на Мојсеј? б) Кои прашања би можеле да ни помогнат длабоко да размислуваме за секоја особина на Јехова?

15 Друга работа што ќе му помогнела на Мојсеј да излезе на крај со народот била да ги сфати Јеховините особини. Во Излез 34:5-7 е запишано дека Бог поминал пред Мојсеј и изјавил: „Јахве! Господ! Бог дарежлив [милосрден, NW] и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински, искажува милост на илјадници, проштава опакост, грев и престап, но не остава неказнет виновник, туку ја казнува опакоста на татковците врз децата — и на внучињата до третото и четвртото поколение“. Одвој време да размислиш за овие зборови. Запрашај се: ‚Што значи секоја од овие особини? Како ја покажал Јехова? Како можат христијанските надгледници да ја покажуваат оваа особина? Како треба да влијае таа особина врз она што го прави секој од нас?‘ Да разгледаме само неколку примери.

16. Како можеме подобро да ја сфатиме Божјата милосрдност, и зошто е важно тоа?

16 Јехова е ‚Бог милосрден и милостив‘. Ако го имаш прирачникот Увид во Писмото (Insight on the Scriptures), прочитај што пишува под поимот „милосрдност“. Или, пак, истражи малку повеќе на таа тема со помош на Индексот на публикации на Watch Tower (Watch Tower Publications Index) или компјутерската програма Watchtower Library (CD-ROM). * Користи индекс на стихови за да ги најдеш библиските стихови во кои се спомнува милосрдноста. Ќе видиш дека, освен тоа што понекогаш допушта да се олесни казната, Јеховината милост вклучува и нежно сочувство. Таа го поттикнува Бог да преземе нешто за да го спаси својот народ. Како доказ за тоа, Бог се грижел за Израелците како физички така и духовно додека оделе кон Ветената земја (Второзаконие 1:30-33; 8:4). Јехова милосрдно простувал кога биле направени грешки. Покажал милосрдност кон својот древен народ. Колку повеќе треба неговите денешни слуги да бидат сочувствителни еден кон друг! (Матеј 9:13; 18:21-35).

17. Како можеме да го поддржиме вистинското обожавање ако ја разбереме милоста на Јехова?

17 Освен милосрдност, Јехова покажува и милост. Како би објаснил што значи некој да биде милостив? Спореди го тоа со стиховите во кои се вели дека Јехова е милостив. Библијата покажува дека милоста на Јехова значи со љубов да се грижи за оние од неговиот народ што се во незгода (Излез 22:26, 27). Во која и да е земја, и странци и други луѓе можеби ќе се најдат во незгода. Кога Јехова го поучувал својот народ да биде непристрасен и да покажува добрина кон таквите, ги потсетил дека и тие биле странци — во Египет (Второзаконие 24:17-22). А што е со нас како Божји народ денес? Милоста што ја покажуваме помага да се обединиме и да ги привлечеме другите да сакаат да го обожаваат Јехова (Дела 10:34, 35; Откровение 7:9, 10).

18. Што учиме од тоа што Јехова им забранил на Израелците да го прават она што го правеле луѓето од другите народи?

18 Но, грижата и обѕирноста кон луѓето од другите нации не требало да ја потисне љубовта на Израелците кон Јехова и кон неговите морални мерила. Затоа, Израелците биле поучени да не постапуваат како околните нации и да не ги прифаќаат нивните верски обичаи и неморален живот (Излез 34:11-16; Второзаконие 7:1-4). Истото важи и денес. Ние треба да сме свет народ, исто како што е свет и нашиот Бог, Јехова (1. Петрово 1:15, 16).

19. Што нема да правиме ако го разбереме Јеховиното гледиште за престапувањето?

19 За да ги разбере Мојсеј Јеховините патишта, Бог јасно кажал дека, иако не го одобрува гревот, тој е бавен на гнев. Дозволува време луѓето да дознаат кои се неговите барања и да ги исполнат. Кога некој се кае, Јехова му го простува гревот, но не го поштедува од заслужена казна кога ќе направи тежок грев. Го предупредил Мојсеј дека она што го правеле Израелците би можело да се одрази добро или лошо врз идните генерации. Ако Божјите слуги ги разберат Јеховините патишта, нема да го обвинуваат Бог за ситуациите во кои самите западнале или да заклучат дека тој е бавен.

20. Што може да ни помогне да постапуваме исправно со соверниците и со оние што ги сретнуваме во службата? (Псалм 86:11).

20 Ако сакаш да го продлабочиш своето спознание за Јехова и за неговите патишта, продолжи да истражуваш и длабоко да размислуваш додека ја читаш Библијата. Внимателно испитај ги различните прекрасни аспекти на Јеховината личност. Во молитва размисли како би можел да постапуваш како Бог и уште повеќе да го усогласиш својот живот со неговата намера. Тоа ќе ти помогне да избегнуваш стапици, исправно да постапуваш со соверниците и да им помогнеш на другите да го запознаат и да го засакаат нашиот величествен Бог.

[Фуснота]

^ Види и Приближи му се на Јехова, 25. поглавје. Сите публикации се издадени од Јеховините сведоци.

Што научи?

• Зошто било важно Мојсеј да биде кроток, и зошто тоа е многу важно и за нас?

• Што произлегло од тоа што на фараонот постојано му била пренесувана пораката од Јехова?

• Кажи некои битни начела што ги научил Мојсеј, а важат и за нас!

• Како можеме подобро да ги разбереме Јеховините особини?

[Прашања]

[Слика на страница 21]

Мојсеј совесно му ја пренел на фараонот пораката од Јехова

[Слика на страница 23]

Јехова му ги открил на Мојсеј своите барања

[Слика на страници 24 и 25]

Размислувај за особините на Јехова