Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мари — древната царица на пустината

Мари — древната царица на пустината

Мари — древната царица на пустината

„СЀ УШТЕ бев малку зашеметен кога влегов во мојата соба таа ноќ, откако заедно со соработниците славевме за нашата неочекувана среќа“, напишал францускиот археолог Андре Паро. Во јануари 1934 година, кај Тел Харири, во близина на гратчето Абу Кемал на реката Еуфрат во Сирија, Паро и неговиот тим соработници ископале кип со натпис: „Ламги-Мари, цар на Мари, првосвештеник на Енлил“. Ова откритие предизвикало вистинска возбуда.

Градот Мари конечно бил пронајден! Од какво значење е ова откритие за оние што ја проучуваат Библијата?

Зошто е значаен?

Иако од древните ракописи се знаело за постоењето на Мари, точната местоположба на овој град останала загатка. Според сумерските писари, Мари бил престолнина на една династија што можеби едно време владеела со цела Месопотамија. Овој град, изграден на бреговите на реката Еуфрат, лежел на стратешко место. Се наоѓал на крстосницата на трговските патишта кои го поврзувале Персискиот Залив со Асирија, Месопотамија, Анатолија и Средоземноморското крајбрежје. Низ градот биле пренесувани дрво, метал и камен, кои многу ретко можеле да се најдат во Месопотамија. Мари многу се збогатил од даноците кои морале да се плаќаат за транзитот на таквата стока, и тоа му овозможило да ја утврди својата власт над таа област. Но, оваа превласт завршила кога акадскиот цар Саргон ја освоил Сирија.

Во период од околу 300 години по освојувањето од страна на Саргон, со Мари владееле повеќе воени управители. Под нивната управа градот успеал да поврати дел од поранешната благосостојба. Но, до времето на својот последен владетел, Зимри-Лим, моќта на Мари веќе почнала да опаѓа. Зимри-Лим се обидел да го зацврсти своето царство со низа воени походи, мировни договори и склучени бракови. Но, околу 1760 година пр.н.е., вавилонскиот цар Хамураби го освоил градот и го разурнал, ставајќи ѝ на тој начин крај на, како што вели Паро „една од најнапредните цивилизации во древниот свет“.

Кога војските на Хамураби го срамниле со земја Мари, несвесно им направиле голема услуга на денешните историчари и археолози. Кога ги срушиле ѕидовите изградени од непечени тули од кал, некои од градбите биле затрупани со крш во висина од 5 метри, и на тој начин можеле да му одолеат на забот на времето. Археолозите ископале остатоци од храмови и палати, заедно со куп артефакти и илјадници натписи што фрлаат светлина на древната цивилизација.

Зошто би требало да нѐ интересираат урнатините на Мари? Па, размисли за времето кога живеел патријархот Авраам. Тој се родил во 2018 година пр.н.е., 352 години по големиот Потоп. Бил десетто колено од Ное. На заповед од Бог, Авраам излегол од својот роден град, Ур, и отишол во Харан. Во 1943 година пр.н.е., кога Авраам имал 75 години, заминал од Харан за Ханаанската земја. „Авраам се преселил од Ур во Ерусалим [во Ханаан] во времето кога Мари постоел“, вели италијанскиот археолог Паоло Матеи. Според тоа, откритието на Мари е важно затоа што ни помага да добиеме појасна претстава за светот во кој живеел Божјиот верен слуга Авраам * (Битие 11:10—12:4).

Што откриваат урнатините?

Во Мари, како и насекаде во Месопотамија, религијата била во процвет. Се сметало дека човекот е должен да им служи на боговите. Пред да се донесе каква и да било важна одлука морало да се дознае волјата на боговите. Археолозите пронашле остатоци од шест храмови. Меѓу нив се и Храмот на лавовите (за кои некои мислат дека бил храм на Даган, библискиот Дагон), како и светилиштата на Иштар, божицата на плодноста, и на богот-сонце Шамаш. Во овие храмови на времето стоел кип на божеството на кое му биле принесувани жртви и упатувани молитви. На клупите во светилиштата, верниците оставале мали насмеани кукли со својот лик, во молитвена поза, верувајќи дека така го продолжуваат чинот на обожавањето. Паро забележал: „Таа кукла, нешто слично како и свеќата во обожавањето на католиците денес но во уште поголема мера, всушност, служела како замена за самиот верник“.

Највеличественото откритие во урнатините на Тел Харири биле остатоците од една огромна палата, позната по името на нејзиниот последен сопственик, царот Зимри-Лим. Францускиот археолог Луј Иго Винсен ја опишал како „бисер на древната ориентална архитектура“. Таа се протегала на 2,5 хектари, а во неа имало околу 300 соби и дворови. Дури и во древниот свет оваа палата се сметала за светско чудо. „Таа била толку позната“, вели Жорж Ру во својата книга Древниот Ирак (Ancient Iraq), „што царот на Угарит, сместен на сириското крајбрежје, без двоумење го испратил својот син на пат од 600 километри само за да ја посети ‚куќата на Зимри-Лим‘“.

Пред да влезат во пространиот двор, гостите влегувале во утврдената палата преку еден единствен влез од чии две страни се надвиснувале кули. Од престолот, кој бил поставен на нешто слично на подиум, Зимри-Лим, последниот цар на Мари, управувал со воените, трговските и дипломатските работи; донесувал пресуди и примал гости и посланици. Гостите биле сместувани во соби и редовно се гоштавале на раскошните гозби што ги приредувал царот. Се служело телешко месо — печено, варено или на скара — како и јагнешко, месо од газели, риба и пилешко. Сето тоа било гарнирано со сосови од лук и со најразлични видови зеленчук и сирења. За десерт се служело свежо, сушено или кандирано овошје, како и колачи печени во калапи со најразлични облици. Гостите ја гаснеле својата жед со пиво или вино.

Во палатата имало и канализациски систем. Биле откриени бањи во кои имало кади од печена црвена глина и тоалети. Подот и долниот дел на ѕидовите во овие простории биле премачкани со заштитен слој од битумен. Отпадната вода истекувала низ одводи изѕидани со тули, а водоотпорните глинени цевки премачкани со битумен функционираат до ден-денес, по цели 3.500 години. Кога три жени од царскиот харем се разболеле од смртоносна болест, биле издадени стриктни упатства. Болната жена морала да се одвои од другите и да се чува во карантин. „Никој не смее да пие од нејзината чаша, да јаде со неа на иста маса, да седи на нејзиниот стол.“

Што дознаваме од архивите?

Паро и неговите соработници откриле околу 20.000 плочки испишани со акадско клинесто писмо. Плочките биле писма или административни и финансиски извештаи. Досега е објавена само една третина од податоците пронајдени во овие архиви. Но, тие содржат 28 томови. Зошто се важни? Жан-Клод Маржерон, управник на Археолошкото претставништво Мари, вели: „Пред да бидат откриени архивите во Мари не знаевме речиси ништо за историјата, институциите и секојдневниот живот во Месопотамија и Сирија во почетокот на вториот милениум пр.н.е. Благодарение на [плочките со клинесто писмо] во можност сме да пополниме цели поглавја од историјата“. Според зборовите на Паро, архивите „откриваат дека постојат изненадувачки сличности меѓу луѓето што се спомнати во нив и она што Стариот завет ни го кажува за времето на патријарсите“.

Плочките што се најдени во Мари фрлаат светлина и на некои стихови од Библијата. На пример, тие укажуваат дека преземањето на харемот на непријателот било „нешто сосема вообичаено за царевите од тоа време“. Советот да има односи со конкубините на својот татко, што на Авесалом, синот на цар Давид му го дал предавникот Ахитофел, во никој случај не бил нешто ново (2. Самоил 16:21, 22).

Од 1933 година имало 41 археолошка експедиција во Тел Харири. Но, сега за сега, од вкупно 110-те хектари на Мари истражени се само осум. Најверојатно ќе се дојде до уште многу откритија во Мари, древната царица на пустината.

[Фуснота]

^ Доста веројатно е дека и еврејските заробеници што биле одведени во Вавилон по уништувањето на Ерусалим, во 607 година пр.н.е., поминале покрај урнатините на Мари.

[Карта на страница 10]

(Види во публикацијата)

Персиски Залив

Ур

МЕСОПОТАМИЈА

Еуфрат

МАРИ

АСИРИЈА

Харан

АНАТОЛИЈА

ХАНААН

Ерусалим

Средоземно Море (Големо Море)

[Слика на страница 11]

Во овој документ, Јадун-Лим, цар на Мари, се фали со своите градежни дела

[Слика на страница 11]

Откривањето на овој кип на Ламги-Мари потврдило дека урнатините се од Мари

[Слика на страница 12]

Подиум во палатата, каде што можеби стоел кип на некоја божица

[Слика на страница 12]

Ебил, управител на Мари, како се моли

[Слика на страница 12]

Урнатини од Мари, кои откриваат градба направена од непечени тули од кал

[Слика на страница 12]

Бања во палатата

[Слика на страница 13]

Триумфална плоча на Нарам-Син, освојувач на Мари

[Слика на страница 13]

Во урнатините на палатата биле најдени околу 20.000 плочки со клинесто писмо

[Извор на слика на страница 10]

© Mission archéologique française de Tell Hariri - Mari (Syrie)

[Извори на слики на страница 11]

Документ: Musée du Louvre, Paris; Кип: © Mission archéologique française de Tell Hariri - Mari (Syrie)

[Извори на слики на страница 12]

Кип: Musée du Louvre, Paris; подиум и бања: © Mission archéologique française de Tell Hariri - Mari (Syrie)

[Извори на слики на страница 13]

Триумфална плоча: Musée du Louvre, Paris; урнатини од палатата: © Mission archéologique française de Tell Hariri - Mari (Syrie)