Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде можеш да најдеш вистински духовни вредности?

Каде можеш да најдеш вистински духовни вредности?

Каде можеш да најдеш вистински духовни вредности?

„АКО веќе сакаш да следиш некоја религија само затоа што тоа е семејна традиција, зошто да не ја избереш келтската религија што ја практикувале нашите предци пред 2.000 години“? прашува Родолф со призвук на иронија. Оваа идеја измамува насмевка кај неговите млади слушатели.

„Мојот однос со Бог ми е многу важен“, коментира Родолф. „Ни најмалку не се согласувам со идејата дека религиозните уверувања треба да ми ги наметне традицијата, само затоа што членовите на моето семејство што живееле пред десетици или стотици години практикувале одредена религија.“ Родолф внимателно ги одмерил работите; тој не ја сметал оваа важна работа само како нешто што го наследил.

Иако денес пренесувањето на религијата од една генерација на друга е во опаѓање, повеќето луѓе сѐ уште остануваат приврзани на религијата на своето семејство. Но, дали е секогаш исправно некој да се држи за религиозните вредности на своите родители? Што вели Библијата?

По 40 години во пустината, Исус Навин, наследникот на Мојсеј, поставил избор пред Израелците: „Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа“ (Исус Навин 24:15).

Еден од татковците на кои се осврнал Исус Навин бил Тара, таткото на Авраам, кој живеел во градот Ур, што во тоа време се наоѓал источно од реката Еуфрат. Библијата не открива многу за Тара, освен фактот дека обожавал други богови (Исус Навин 24:2). Неговиот син Авраам, иако немал целосно спознание за Божјата намера, бил спремен да го напушти својот роден град кога Јехова му наредил да го стори тоа. Да, Авраам избрал религија што се разликувала од религијата на неговиот татко. Затоа што го сторил тоа, Авраам ги добил благословите што Бог му ги ветил и станал човекот што многу религии го признаваат како „татко на сите што Му веруваат на Бог“ (Римјаните 4:11Радосна вест).

Библијата, исто така, во позитивно светло ни ја раскажува приказната за Рута, предок на Исус Христос. Рута, Моавка што била мажена за Израелец, останала вдовица и се соочила со еден избор: да остане во својата земја или со својата свекрва да се врати во Израел. Увидувајќи колку поголема вредност има Јеховиното обожавање во споредба со идолското обожавање на нејзините родители, Рута ѝ рекла на својата свекрва: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рута 1:16, 17).

Коментирајќи за значењето на овој запис во библискиот канон, Dictionnaire de la Bible објаснува дека овој извештај покажува „како една жена од странско потекло, родена во пагански народ кон кој Израелците биле непријателски настроени и го мразеле . . . поради нејзината љубов кон Јеховината нација и обожавање, станала предок на светиот цар Давид, и тоа со божествено посредство“. Рута не се колебала да избере религија што се разликувала од религијата на нејзините родители, и како резултат на таа одлука добила благослов од Бог.

Извештајот што зборува за почетоците на христијанството поотворено ги кажува причините за тоа зошто учениците на Исус ја напуштиле религијата на своите предци. Во еден мошне убедлив говор, апостол Петар ги повикал своите слушатели да ‚се спасат од таа изопачена генерација‘ така што ќе се покаат за своите гревови и ќе се крстат во името на Исус Христос (Дела 2:37—41). Еден од највпечатливите примери е примерот на Савле, еврејски прогонител на христијаните. На пат за Дамаск видел визија на Христос, по што Савле станал христијанин и станал познат како апостол Павле (Дела 9:1—9).

Повеќето рани христијани немале такви спектакуларни искуства. Сепак, сите морале да го напуштат или јудаизмот или обожавањето разни пагански богови. Оние што го прифатиле христијанството го сториле тоа потполно запознаени со сите факти, честопати после долги дискусии за улогата на Исус како Месија (Дела 8:26—40; 13:16—43; 17:22—34). Тие рани христијани биле јасно информирани за потребата да прават промени во својот живот. Повикот бил упатен до сите, како Евреи така и не⁠-​-Евреи, но пораката останала иста. За да му се угоди на Бог, било неопходно да се следи еден нов облик на обожавање, христијанството.

Избор битен за нас

Секако дека во првиот век била потребна храброст за некој да ги отфрли семејните религиозни традиции — јудаизмот, обожавањето на императорот, обожавањето пагански божества — и да се приклучи на религија што била исмејувана и од Евреите и од Римјаните. Овој избор набрзо довел до остро прогонство. Денес, потребна е слична храброст да се одбие „да се биде вовлечен и фатен во широко распространетата атмосфера на конформизмот“, како што Иполит Симон, католички бискуп од Клермон⁠-​Феран, вели во својата книга Vers une France païenne? (Паганизација на Франција?). Потребна е храброст за некој да се поврзе со една мала религија што понекогаш е критикувана, религијата на Јеховините сведоци.

Пол, еден млад човек од Бастиа (Корзика), кој бил воспитан во католичката религија, повремено учествувал во црковни активности, како продавање колачиња, за да се соберат пари за една добротворна католичка организација. Сакајќи подобро да ја разбере Библијата, се согласил редовно да води дискусии со Јеховините сведоци. Со текот на времето, сфатил дека она што го учел ќе му донесе трајни користи. Затоа, Пол потполно ги прифатил библиските вредности и станал Јеховин сведок. Неговите родители го почитувале неговиот избор, кој не ги расипал нивните блиски семејни односи.

Амели живее во јужна Франција. Членови од нејзиното семејство биле Јеховини сведоци веќе четири генерации. Зошто избрала да ги прифати религиозните вредности на своите родители? „Не стануваш Јеховин сведок затоа што твоите родители или баба и дедо се или биле Јеховини сведоци“ коментира таа. „Туку, еден ден си велиш: ‚Ова е моја религија зашто ова се мои убедувања.‘ “ Како и многу други млади Сведоци на Јехова, Амели знае дека нејзините цврсти религиозни убедувања ѝ даваат смисла во животот и се извор на трајна среќа.

Зошто да се прифатат божествените вредности

Книгата Пословици, 6. поглавје, 20. стих, ги охрабрува оние што сакаат да му угодат на Бог: „Сине мој, пази ги заповедите на својот татко и не отфрлај ја науката на својата мајка“. Наместо да препорачува слепа послушност, ваквиот совет ги поттикнува младите да ги прифатат божествените мерила така што ќе ја продлабочат својата вера и ќе заземат свој личен став за Бог. Апостол Павле ги повикал своите придружници да ‚се уверуваат во сите работи‘, да проверат дали она на што биле поучувани е во склад со Божјата реч и со Неговата волја и да постапуваат според тоа (1. Солуњаните 5:21).

Сеедно дали биле воспитани во христијанско семејство или не, повеќе од шест милиони Сведоци на Јехова, и млади и стари, донеле ваква одлука. Преку внимателно проучување на Библијата, тие нашле веродостојни одговори на своите прашања за смислата на животот и добиле јасно разбирање на Божјата волја за човештвото. Откако го стекнале ова спознание, ги прифатиле Божјите вредности и го даваат најдоброто од себеси за да ја вршат Божјата волја.

Без разлика дали си редовен читател на ова списание или не, зошто не ја прифатиш понудата на Јеховините сведоци да ти помогнат да истражуваш во Библијата и да ги испиташ нејзините духовни вредности? На тој начин, ќе можеш ‚да вкусиш и да видиш колку е добар Господ‘ и да стекнеш спознание кое, кога ќе се примени, води до вечен живот (Псалм 34:8; Јован 17:3).

[Слика на страница 5]

Четири генерации од едно семејство Јеховини сведоци во Франција

[Слика на страница 7]

Рута избрала да му служи на Јехова наместо на боговите на своите претци