Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Животни

Животни

Животните се нераздвоен дел од животот на речиси секој човек. Дали е важно како постапуваме со нив?

Како треба да постапуваме со животните?

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Некои мислат дека со животните можат да прават што сакаат. Други, пак, мислат дека со животните треба да се постапува исто како со луѓето.

  • Еден познат активист за правата на животните се залага тие да имаат „основно право да не бидат искористувани или третирани само како извор на добивка“. Тој вели: „Мора да престанеме да гледаме на животните како на наш посед“.

  • Милијардерката Леона Хелмсли му остави во наследство 12 милиони долари на своето куче и имаше желба по неговата смрт да биде погребано веднаш до неа. Многумина сметаат дека тоа што го направи е екстремно.

Размисли: Како треба да се постапува со животните?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Творецот на сите живи суштества, Јехова Бог, им рекол на луѓето ‚да владеат над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата‘ (1. Мојсеева 1:28). Според тоа, разумно е да заклучиме дека човекот е на повисоко рамниште од животните.

Една значајна изјава која е запишана пред стихот што е цитиран погоре го потврдува овој заклучок. Библијата вели: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“ (1. Мојсеева 1:27).

Бидејќи сме создадени според „Божјиот лик“, само ние можеме да ги покажуваме особините што ги има Бог, како што се мудрост, правда и љубов. Луѓето се раѓаат со чувство за морал и со потреба да бидат блиски со Бог. Животните немаат такви способности затоа што не се создадени според „Божјиот лик“. Тие се на пониско рамниште од луѓето и Бог немал намера со нив да се постапува исто како со луѓе.

Но, дали тоа значи дека луѓето имаат право да постапуваат сурово со животните? Не.

  • Во Законот што им го дал на Израелците, Бог наложил на животните да им се обезбеди храна, одмор, да им се помогне кога ќе се најдат во неволја и да се заштитат од повреда (2. Мојсеева 23:4, 5; 5. Мојсеева 22:10; 25:4).

„Шест дена врши ја својата работа, а на седмиот ден остави ја работата за да си отпочинат твојот бик и твоето магаре“ (2. Мојсеева 23:12)

Дали е погрешно да се убиваат животни?

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

За некои ловци и рибари убивањето животни е само спорт кој им создава чувство на возбуда. Други се согласуваат со зборовите на рускиот писател Лав Толстој кој напишал дека убивањето и јадењето животни е „нечовечно“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Бог им дозволува на луѓето да убиваат животни за да се заштитат или за да направат облека (2. Мојсеева 21:28; Марко 1:6). Освен тоа, во Библијата пишува дека луѓето можат да убиваат животни за да се прехранат. Во 1. Мојсеева 9:3 стои: „Сѐ што се движи и живее нека ви служи за храна“. И Исус им помогнал на своите ученици да уловат риби кои подоцна ги јаделе (Јован 21:4-13).

Сепак, од Библијата дознаваме дека Бог „многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5). Значи, можеме да заклучиме дека Бог не сака да повредуваме и да убиваме животни само за забава.

Библијата ни кажува дека Бог многу го цени животот на животните.

  • Во неа пишува дека, кога создавал, ‚Бог ги направил дивите земни животни според нивните видови, и домашните животни според нивните видови, и сите други животни што се движат по земјата според нивните видови. И Бог видел дека тоа е добро‘ (1. Мојсеева 1:25).

  • Во врска со Јехова, во Божјата Реч стои: „На животните тој им дава храна“ (Псалм 147:9). Бог создал екосистем кој им обезбедува на животните храна и засолниште.

  • Давид, кој бил цар на Израел, во молитва го кажал следново: „Ти, Јехова, спасуваш и човек и животно“ (Псалм 36:6). На пример, Јехова спасил осум луѓе и секакви видови животни пред да ги уништи злобните луѓе во Потопот (1. Мојсеева 6:19).

Според тоа, Јехова ги сака животните што ги создал и очекува и ние да постапуваме со нив исто како што постапува тој.

„Праведникот се грижи за душата на своето животно“ (Изреки 12:10)