Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да му се приближам на Бог?

Како можам да му се приближам на Бог?

Поглавје 39

Како можам да му се приближам на Бог?

ДА МУ се приближам на Бог? Изгледа дека за многу луѓе Бог е резервирана, далечна личност, безличен ‚Творец‘. Затоа, помислата да бидеш близок со него можеби за тебе изгледа вознемирувачка, па дури и застрашувачка.

Но, можеби твоето искуство е како она на младата жена по име Линда. Линда била воспитана од страна на христијански родители и се сеќава: „Во сите [мои тинејџерски] години, ретко изоставав некој христијански состанок и никогаш немав пропуштено месец а да не одам во проповедничката активност, па сепак, никогаш вистински не развив близок личен однос со Јехова“.

Меѓутоа, твојата иднина зависи од тоа дали ќе му се приближиш на Бог. Исус Христос рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог“ (Јован 17:3НС). Ова „спознание“ е повеќе отколку само способност да се научат или да се изрецитираат факти — тоа би можел да го стори и еден атеист. Тоа вклучува да се негува еден однос со Бог, да се стане негов пријател. (Спореди Јаков 2:23.) Далеку од тоа дека е непристапен, Бог нѐ повикува да го ‚бараме . . . и навистина да го најдеме‘ затоа што ‚тој не е далеку од ниеден од нас‘ (Дела 17:27НС).

Како можеш да го запознаеш Бог

Дали некогаш си се загледал во далечните ѕвезди, со чудење си го слушал разбранетото море, си бил пленет од грациозната пеперуга или си бил восхитен од нежната убавина на едно ситно ливче? Сите овие Божји дела даваат само еден мал увид во неговата огромна моќ, мудрост и љубов. Божјите „невидливи особини . . . се согледуваат по она што е создадено, дури и неговата вечна моќ и божественост“ (Римјаните 1:19, 20НС).

Но, ти треба да знаеш повеќе за Бог отколку што може да открие самото творештво. Затоа Бог ја дал неговата напишана Реч. Таа книга открива дека Бог не е некое безимено битие или безлична сила туку — вистинска Личност со име. „Знајте дека Јехова е Бог“, изјавува псалмистот (Псалм 100:3НС). Исто така, Библијата ја открива Личноста која стои зад тоа име: „Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6). Всушност, нејзиниот подробен извештај за Божјите постапки со човештвото ни дозволува да го видиме Бог во акција! Затоа, читањето на Библијата е неопходно нешто за приближувањето кон Бог.

Читањето на Библијата да се направи пријатно

Како што е познато, Библијата е голема книга за читање. Самиот нејзин обем ги одвраќа младите да ја читаат. Некои, исто така, се жалат дека Библијата е здодевна. Но, Библијата е Божје откровение до човекот. Таа ни кажува како сме дошле тука и каде одиме. Таа точно образложува што мораме да правиме за да живееме засекогаш во Рајот на Земјата. Како би можело тоа да биде здодевно? Точно е тоа дека Библијата не е едноставна за читање и дека во неа има „некои работи тешки за разбирање“ (2. Петрово 3:16). Но, читањето на Библијата не треба да биде мачење.

Младиот Марвин дава еден практичен начин како да се направи поинтересно читањето на Библијата, велејќи: „Се обидувам да си ја претставам рамката и да се ставам себеси таму“. На пример, разгледај го извештајот од Даниил, поглавје 6. Наместо само пасивно да го читаш, обиди се да си замислиш дека ти си Даниил. Ти си бил уапсен под подло обвинение дека се молиш на твојот Бог. Која е казната? Смрт! Персиските војници грубо те одвлечкуваат до твојот гроб — јама полна со изгладнети лавови.

Со придушен тропот е истркалан огромниот камен кој ја покрива јамата. Лавовите кои се долу испуштаат крикови од кои ти лазат морници. Повлекувајќи се наназад во ужас, ти си совладан од војниците на царот, кои те фрлаат во таа јама на смртта и повторно го тркалаат каменот назад над дупката. И, во темнината која те обвиткува, се доближува и од тебе се трие нешто влакнесто . . .

Здодевно? Тешко! Но запомни: Ти не читаш поради забава. Обиди се да просудиш што тој извештај те учи за Јехова. На пример, зарем искуствата на Даниил не покажуваат дека Јехова дозволува неговите слуги да се соочуваат со тешки искушенија?

Исто така, обиди се да имаш редовен распоред за читање. Па, ако поминуваш секој ден само по 15 минути читајќи ја Библијата, би можел да ја прочиташ за околу една година! ‚Откупувај време‘ од некои помалку важни активности — како што е гледање ТВ (Ефесјаните 5:16НС). Како што ќе се посветуваш на читањето на Библијата, ти сигурно ќе се чувствуваш поблизок со Бог од кога и да било порано (Изреки 2:1, 5).

Молитвата те приближува кон него

Една тинејџерка по име Лаверн забележала: „Тешко е да се каже дека ти навистина имаш личен однос со некого ако не разговараш со него“. Како ‚Слушач на молитвите‘, Јехова нѐ повикува да разговараме со него (Псалм 65:2НС). Ако го молиме со вера, „сеедно што и да молиме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14НС).

Линда (спомната претходно) го научила тоа од лично искуство. Се сеќава дека во одреден момент од нејзиниот живот, кога се натрупале проблеми и притисоци, таа ‚со денови непрекинато се молела за решение на нејзините проблеми‘. Бог, кој порано ѝ изгледал толку далечен, почнал да ѝ изгледа близок додека наоѓала сила да се соочи со своите тешкотии. На сличен начин, и една друга девојка по име Кеј ја научила вредноста на молитвата: „Понекогаш едноставно чувствуваш дека сакаш на некого да му ги изразиш своите внатрешни чувства, а за тоа нема никој подобар од Јехова, затоа што Јехова те разбира и ти знаеш дека тој е единствениот кој навистина може да ти помогне“.

Но, дали молитвата дава само емоционално олеснување? Не, Јаков 1:2—5 нѐ уверува дека кога се среќаваме со различни искушенија, треба да ‚молиме од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор — и ќе ни се даде‘. Можеби Бог нема да даде излез од искушението, но тој ни гарантира мудрост за да излеземе накрај со тоа искушение! Тој може да ти напомне за библиските начела кои се однесуваат на таа работа. (Спореди Јован 14:26.) Или, пак, можеби ќе се погрижи да ти биде свртено вниманието на извесни работи преку твојата лична студија на Библијата или преку христијанските состаноци. И немој да заборавиш, „нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша . . . ќе ви даде и излез“. Да, тој нема да дозволи да бидеш ‚изоставен‘ (1. Коринтјаните 10:13; 2. Коринтјаните 4:9). Зарем нема да се чувствуваш поблизок со Бог ако си ја доживеал неговата помош во соочувањето со некое искушение?

Но, немој да се молиш само за личните проблеми. Во својата пример⁠-​молитва, Исус дал првенствена важност на посветувањето на Јеховиното име, на доаѓањето на Неговото Царство и на остварувањето на Божјата волја (Матеј 6:9—13). ‚Преколнувањето заедно со благодарност‘ е исто така битен составен дел на молитвата (Филипјаните 4:6НС).

А што ако едноставно ти е незгодно да се молиш? Моли се за тоа! Замоли Бог да ти помогне да му го отвориш своето срце. ‚Биди во молитвата постојан‘ и со текот на времето ќе увидиш дека можеш слободно да разговараш со Јехова како што тоа го правиш со близок пријател (Римјаните 12:12). „Знам дека кога и да имам проблем“, вели младата Марија, „можам да му се обратам на Јехова за водство и тој ќе ми помогне.“

Не е потребно да му се обраќаш на Бог со накитен или вообразен јазик. „Отворете го срцето ваше пред Него“, рекол псалмистот (Псалм 61:8). Кажи му ги твоите чувства, твоите грижи. Замоли го за помош во справувањето со твоите слабости. Моли за негов благослов врз твоето семејство и врз сохристијаните. Моли го да ти простува кога грешиш. Секојдневно благодари му за дарот на животот. Штом молитвата стане редовен дел од твојот живот, таа може да те доведе до близок и среќен однос со Јехова Бог.

Јавно објавување на твоето пријателство со Бог

Ако си започнал да се радуваш на пријателството со Бог, зарем не треба да бидеш желен да им помогнеш на другите и тие да го стекнат тоа драгоцено пријателство! Навистина, од сите кои сакаат да бидат Божји пријатели се бара да дадат „јавна изјава за спасение“ (Римјаните 10:10НС).

Многумина почнуваат со тоа што ја споделуваат својата вера неформално, разговарајќи со своите школски другари, соседи и роднини. Подоцна, тие им се придружуваат на Јеховините сведоци во нивното дело на проповедање „од куќа до куќа“ (Дела 5:42НС). Но, за некои млади ова јавно дело е камен на спрепнување. „Мислам дека многу млади луѓе се срамат да одат од куќа до куќа“, вели еден млад христијанин. „Тие се плашат од тоа како нивните пријатели ќе гледаат на нив.“

Но, чие одобрување всушност го цениш — она од твоите врсници или, пак, од твојот небесен Пријател Јехова? Дали треба да дозволиш стравот или срамот да те спречат да стекнеш спасение? „Да се држиме цврсто за јавната изјава на нашата надеж без колебање“, поттикнува апостол Павле (Евреите 10:23НС). И ќе откриеш дека со доволно обучување и подготовка, ќе можеш да почнеш да доживуваш вистинска радост во делото на проповедање! (1. Петрово 3:15).

Во право време, твоето ценење за твојот небесен Пријател треба да те поттикне да извршиш безусловно предание на Бог и тоа да го симболизираш со крштавање во вода (Римјаните 12:1; Матеј 28:19, 20). Давањето јавна изјава за да се стане крстен ученик на Христос не е нешто што треба да се сфати лекомислено. Тоа вклучува ‚одрекување од себе‘ — да се остават личните тежнеења и најпрвин да се бараат интересите на Јехова Бог (Марко 8:34). Понатаму, тоа вклучува да се идентификуваш себеси со светската организација на Јеховините сведоци.

„Мислам дека многу млади луѓе се колебаат да се крстат“, забележал еден младич по име Роберт. „Се плашат мислејќи дека тоа е последен чекор од кој не можат да се повлечат.“ Точно е тоа дека некој не може да се повлече од своето предание на Бог. (Спореди Проповедник 5:3.) Но, „грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави“ — без разлика дали е крстен или не е! (Јаков 4:17). Прашањето е: „Дали го цениш Божјето пријателство? Дали си поттикнат да сакаш да му служиш засекогаш? Тогаш, не дозволувај стравот да те спречи да се прокламираш како пријател на Бог!

Вечни користи за Божјите пријатели!

Ако го избереш Божјето пријателство, тоа ќе направи да бидеш во расчекор со целиот свет (Јован 15:19НС). Можеби ќе станеш мета на исмејување. Можат да те нападнат тешкотии, проблеми и искушенија. Но, немој да дозволиш кој било или што било да те лиши од твојот однос со Бог. Тој ја ветува неговата неисцрпна поддршка, велејќи: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5).

Оваа книга е само еден доказ дека Јехова и неговата организација се интересираат за твојата вечна благосостојба. И, иако не е можно на овие страници да се осврнеме на сите твои прашања и проблеми, сигурно дека повеќе од кога и да е порано сфаќаш дека Библијата е неисцрпен извор на мудрост! (2. Тимотеј 3:16, 17). Кога те збунуваат некои проблеми, истражувај ја таа света книга (Изреки 2:4, 5). Ако имаш богобојазливи родители, имаш уште еден извор на духовна мудрост и поддршка — само ако им го отвориш своето срце.

А над сѐ, запомни дека Јехова Бог ги има сите одговори. Тој е „помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ и тој може да те води низ секоја тешкотија (Псалм 45:1). Затоа, „спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја“ (Проповедник 12:1). Тоа е начин на живот кој го радува Јеховиното срце (Изреки 27:11). И тоа е начинот да стекнеш вечен живот во Рајот кој никогаш нема да исчезне — награда која Бог ја има за оние кои се негови пријатели.

Прашања за дискусија

□ Зошто е важно да имаш близок однос со Бог?

□ Што открива Библијата за Бог?

□ Како можеш читањето на Библијата да го направиш пријатно и продуктивно?

□ Што вклучува давањето „јавна изјава“ за твојата вера? Дали си поттикнат да го правиш тоа? Зошто?

□ Каква улога играат состаноците во приближувањето кон Бог и како можеш да извлечеш најмногу од нив?

□ Кои се користите од тоа да се биде Божји пријател?

[Истакната мисла на страница 311]

Дали навистина е можно да бидам близок со Бог?

[Истакната мисла на страница 312]

Библијата е Божје откровение до човекот. Таа ни кажува како сме дошле тука и каде одиме

[Рамка/слика на страници 316 и 317]

Состаноците — помош за да му се приближиш на Бог

„Утврдив дека блиското дружење со другите кои го сакаат Јехова ми помага да останам близок со него.“ Така рекла една млада личност од Нигерија. Јеховините сведоци прават подготовки за такви периоди на дружење во нивните локални Сали на Царството (Евреите 10:23—25). Анита, која има 16 години, рекла: „Во Салата на Царството најдов вистински пријатели“.

Меѓутоа, таквите собирања не се само друштвени прилики. Салите на Царството нудат курс за библиско образование кој се состои од пет седмични состаноци. Опфатена е широка низа теми, да спомнеме само неколку: семеен живот, библиски пророштва, однесување, доктрини и христијанската служба. Иако не се изведуваат комплицирани сценски изведби, таквите состаноци се презентираат на еден интересен начин. Говорите и заедничките дискусии честопати се проткаени со интервјуа и живи прикази. Особено е извонредна Теократската школа за служба затоа што обучила илјадници да бидат делотворни јавни говорници.

Што ако ти веќе присуствуваш на состаноците? Настојувај да извлечеш што повеќе од нив. 1) Подготовка: „Одвоив одредени термини за да ги проучувам книгите што ги користиме на состаноците“, вели Анита. Тоа ќе ти олесни да 2) учествуваш: Како млад, Исус Христос активно слушал, поставувал прашања и давал одговори кога во храмот се дискутирало за духовни работи (Лука 2:46, 47). И ти можеш да ‚обрнеш повеќе од вообичаено внимание на работите кои ги слушаш‘, со тоа што ќе правиш забелешки за да ги задржиш мислите на она што се зборува (Евреите 2:1НС). Кога се повикани да учествуваат присутните, учествувај во коментирањето.

Друг корисен предлог е да 3) го користиш тоа што го учиш: Споделувај ги со другите точките што ги учиш. Што е уште поважно, применувај го во својот живот тоа што го учиш, правејќи промени таму каде што е потребно. Покажи дека вистината ‚дејствува во тебе‘ (1. Солунјаните 2:13).

Дај им предност на состаноците. Ако имаш необично многу домашни задачи, обиди се да ги сработиш пред состанокот. „Сакам да си муабетам после состаноците и да останам до крај“, вели еден младич по име Симеон. „Но кога имам домашна задача, си заминувам веднаш за да ја напишам мојата задача.“ Без разлика како ќе ги средиш работите, направи сѐ што можеш за да бидеш редовно присутен на состаноците. Тие се битни за твојот духовен раст.

[Слика на страница 315]

Читањето на Библијата е неопходно за да развиеш пријателство со Бог

[Слики на страница 318]

„Знам дека кога и да имам проблем, можам да му се обратам на Јехова за водство и тој ќе ми помогне“