Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ КРАЈОТ Е БЛИЗУ?

И ти можеш да преживееш

И ти можеш да преживееш

Библијата ни кажува дека, кога ќе дојде крајот, ќе има уништување. Во Матеј 24:21, 22 пишува: „Тогаш ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има. И ако не се скратат тие дни, никој нема да се спаси“. Сепак, Бог ветува дека многу луѓе ќе преживеат. Во Библијата стои: „Светот поминува... но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).

Што треба да правиш за да го преживееш крајот на овој свет и да ‚останеш засекогаш‘? Дали треба да си обезбедиш резерви од храна или други основни намирници и да си изградиш засолниште? Не. Библијата јасно ни кажува што треба да правиме. Во 2. Петрово 3:10-12 пишува: „Бидејќи сето тоа така треба да се распадне, вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден“. Контекстот на овој библиски извештај покажува дека во „сето тоа“ што треба да се распадне се вклучени владите на овој расипан свет и луѓето кои ги поддржуваат човечките влади наместо Бог. Очигледно, тоа што ќе си складираме материјални добра нема да ни помогне да преживееме.

За да преживееме треба да дознаеме што бара Јехова Бог од нас и да му бидеме послушни (Софонија 2:3). Наместо да се поведеме по мнозинството и да ги затвориме очите пред јасните показатели дека живееме во времето на крајот, треба да го ‚имаме на ум Јеховиниот ден‘. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти покажат од Библијата како можеш да го преживееш крајот кој е на самиот праг.