Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО НАПРАВИЛ ИСУС ЗА НАС?

Што значат за тебе смртта и воскресението на Исус?

Што значат за тебе смртта и воскресението на Исус?

„Верувај во Господарот Исус и ќе бидеш спасен“ (Дела 16:31).

Апостол Павле и Сила му ги кажале овие значајни зборови на еден затворски чувар во древниот град Филипи. Што сакале да кажат со тоа? За да разбереме како верата во Исус е поврзана со избавувањето од смртта, мораме најпрво да дознаеме зошто умираме. Да видиме што вели Библијата.

Бог немал намера луѓето да умираат

„Јехова Бог го зеде човекот и го смести во градината Еден за да ја обработува и да се грижи за неа. Тогаш Јехова Бог му заповеда на човекот: ‚Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш‘“ (1. Мојсеева 2:15-17).

Бог го сместил првиот човек, Адам, во рајска градина каде што имало најразлични видови животни и прекрасни растенија. Таму имало многу плодни дрвја од кои Адам можел слободно да јаде. Но, Јехова Бог јасно му кажал дека од едно дрво не смее да јаде. Тој го предупредил дека, ако касне плод од тоа дрво, ќе умре.

Дали Адам ја разбрал оваа забрана? Да. Тој знаел што е смрт бидејќи гледал дека животните умираат. Ако Адам бил создаден со цел да умре, предупредувањето од Бог немало да има смисла. Адам знаел дека, ако му бил послушен на Бог и ако не јадел од дрвото што му било забрането, немало да умре, туку ќе живеел вечно.

Некои луѓе мислат дека дрвото ги претставува сексуалните односи, но тоа не е можно затоа што Јехова сакал Адам и Ева ‚да се плодат, да се множат, да ја наполнат Земјата и да ја потчинат‘ (1. Мојсеева 1:28). Ова покажува дека забраната се однесувала на дословно дрво кое Јехова го нарекол „дрвото на спознанието на доброто и злото“. Тоа дрво го претставувало Јеховиното право да одлучува што е добро а што лошо за луѓето. Со тоа што немало да јаде од плодот на дрвото, Адам ќе покажел послушност и благодарност кон Оној што го создал и му дал многу убави работи.

Адам умрел затоа што му бил непослушен на Бог

„На Адам [Бог] му рече: ‚Затоа што... јадеше од дрвото... во потта на своето лице ќе го јадеш својот леб додека не се вратиш во земјата, бидејќи од неа си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш‘“ (1. Мојсеева 3:17, 19).

Адам не го послушал Бог и каснал плод од дрвото кое му било забрането. Тоа што го сторил било многу сериозно. Со оваа постапка Адам, всушност, се побунил против Јехова и покажал дека воопшто не го цени сето она што тој го направил за него. Адам го отфрлил Јехова и избрал да живее независно од него, а тоа довело до горки последици.

Токму како што предупредил Јехова, Адам на крајот умрел. Бидејќи Адам бил направен од „земниот прав“, откако згрешил, Бог му рекол дека ќе се ‚врати во земјата‘. Адам не продолжил да живее во некој друг облик или во некој друг свет. Кога умрел, тој станал како правот од кој бил направен (1. Мојсеева 2:7; Проповедник 9:5, 10).

Умираме затоа што потекнуваме од Адам

„Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12).

Гревот што го направил Адам има далекосежни последици. Тој не ја изгубил можноста да живее еден просечен живот од 70 или 80 години, туку ја изгубил можноста да живее вечно. Освен тоа, откако згрешил, тој повеќе не бил совршен и сите негови потомци се раѓале како несовршени.

Сите ние потекнуваме од Адам. Сакале или не, од него сме наследиле несовршеност поради која сме подложни на грев и смрт. Павле многу добро ја опишал состојбата во која се наоѓаме. Тој напишал: „Јас сум телесен, продаден во ропството на гревот. Беден човек сум јас! Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт?“ Потоа самиот го дал одговорот: „Бог преку Исус Христос, нашиот Господар“ (Римјаните 7:14, 24, 25).

Исус го дал својот живот за да можеме да живееме вечно

„Таткото го испрати својот Син како Спасител на светот“ (1. Јованово 4:14).

Јехова Бог презел чекори за да ги спречи последиците од гревот и да нѐ ослободи од смртта. Тој го испратил својот сакан Син од небото да се роди на Земјата како совршен човек, исто како што бил Адам. Но, за разлика од Адам, Исус ‚не направил грев‘ (1. Петрово 2:22). Бидејќи бил совршен, Исус не бил подложен на смрт и можел вечно да живее на Земјата како совршен човек.

И покрај тоа, Јехова дозволил Исус да биде убиен од своите непријатели. Три дена подоцна, Јехова го воскреснал како духовно суштество. Исус по некое време се вратил на небото и му ја принел на Бог вредноста на својот совршен човечки живот што го дал како жртва за да го откупи потомството на Адам од гревот и смртта. Јехова ја прифатил таа жртва и им овозможил на оние што веруваат во Исус да добијат вечен живот (Римјаните 3:23, 24; 1. Јованово 2:2).

Исус го откупил она што Адам го изгубил. Тој умрел за ние да можеме да живееме вечно. Во Библијата стои: „Исус... претрпе смрт, за со тоа, преку Божјата незаслужена доброта, да ја вкуси смртта за секого“ (Евреите 2:9).

Ова ни открива многу за Јехова. Поради неговите високи мерила за правда, не било возможно несовршените луѓе сами да се ослободат од ропството на гревот и смртта. Сепак, неговата љубов и милост го поттикнале да нѐ спаси. Но, за да не ги прекрши своите мерила, Јехова морал да направи нешто што многу скапо го чинело — да го даде својот сопствен Син за да ја плати откупнината (Римјаните 5:6-8).

Исус воскреснал од мртвите, а ќе воскреснат и други

„Христос воскреснал од мртвите, тој е првина од оние што умреле. А поради тоа што смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите доаѓа преку човек. Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:20-22).

Нема никакво сомнение дека Исус живеел и умрел, но дали има докази дека воскреснал од мртвите? Еден од најсилните докази е фактот дека, откако воскреснал, Исус им се појавил на многу луѓе на различни места. Еднаш тој им се појавил на повеќе од 500 луѓе. Апостол Павле го спомнал ова во своето писмо до Коринќаните. Тој напишал дека некои од очевидците сѐ уште биле живи, што значи дека можеле да посведочат за она што го виделе и чуле (1. Коринќаните 15:3-8).

Интересно е тоа што Павле напишал дека Исус бил „првина“ од оние што воскреснале. Со тоа сакал да каже дека во иднина и други ќе воскреснат. Самиот Исус рекол дека ќе дојде време кога „сите оние што се во гробовите... ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).

За да живееме вечно, мора да покажуваме вера во Исус

„Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

Од почетните страници на Библијата дознаваме кога се појавила смртта и како првите луѓе биле истерани од рајската градина. Од последните страници дознаваме кога ќе биде уништена смртта и кога Бог повторно ќе ја претвори Земјата во рај. Тогаш луѓето ќе можат да водат среќен и исполнет живот во сета вечност. Во Откровение 21:4 пишува: „Смрт нема да има веќе“. Можеме да бидеме уверени дека ова ветување е вистинито бидејќи во 5. стих стои: „Овие зборови се вистинити и верни“. Јехова има моќ да го исполни секое свое ветување.

Дали веруваш дека „овие зборови се вистинити и верни“? Ако да, дознај нешто повеќе за Исус Христос и стекни вера во него. Доколку го сториш тоа, ќе станеш поблизок со Јехова Бог. Освен што ќе имаш многу благослови уште сега, ќе добиеш можност да живееш вечно во рајот на Земјата каде што повеќе нема да има ‚ни смрт, ни тага, ни пискот, ниту болка‘.