Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ЧИТАТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ...

Која е вистината за Божиќ?

Која е вистината за Божиќ?

Милиони луѓе во светот го слават Божиќ од различни причини. За некои, тоа се пријатни моменти поминати со пријателите и семејството. За други, тоа е време кога размислуваат за Бог или им помагаат на сиромашните. Сами по себе, овие работи се убави. Но, многу други работи му даваат поинакво лице на овој празник.

Како прво, многумина што го слават Божиќ веруваат дека тогаш се родил Исус. Меѓутоа, многу историчари се согласуваат дека никој не знае кога точно се родил Исус. Во една книга пишува дека „првите христијани не сакале да одредат ден на кој ќе го одбележуваат раѓањето на Исус“ затоа што сакале „да се држат настрана од сите пагански обичаи“ (The Christian Book of Why). Освен тоа, во Библијата никаде не се спомнува дека Исус го прославувал својот роденден или, пак, роденденот на некој друг. За разлика од тоа, на своите следбеници им заповедал да ја одбележуваат неговата смрт (Лука 22:19).

Второ, многу изучувачи се едногласни дека повеќето божиќни традиции влечат корени од нехристијански и пагански обичаи. Во нив спаѓаат Дедо Мраз, имелата, божиќната елка, давањето подароци, палењето свеќи, славењето бадник, обесувањето украсни венци и пеењето божиќни песни. Во врска со некои од овие обичаи, во една книга пишува: „Кога даваме или добиваме божиќни подароци и кога закачуваме зелени венци во нашите домови и цркви, дали сме свесни дека веројатно правиме пагански обичаи?“ (The Externals of the Catholic Church).

„Кога даваме или добиваме божиќни подароци и кога закачуваме зелени венци во нашите домови и цркви, дали сме свесни дека веројатно правиме пагански обичаи?“ (The Externals of the Catholic Church)

Но, можеби се прашуваш што има погрешно во тоа да се следат овие обичаи во кои навидум нема ништо лошо. Одговорот ни го дава третиот аргумент: Бог не сака да му служиме така што ќе правиме пагански обичаи. Преку својот пророк Амос, Јехова Бог им рекол на своеглавите Израелци од минатото: „Ги мразам и ги отфрлам вашите празници... Отстрани ја од мене бучавата на своите песни“ (Амос 5:21, 23).

Зошто Бог толку строго ги прекорил Израелците? Размисли за она што го правеле луѓето од северното царство Израел. Нивниот прв цар, Јеровоам, поставил златни телиња во градовите Дан и Ветил и го навел народот да им се клања ним наместо на исправен начин да му служи на Јехова Бог во храмот во Ерусалим. Освен тоа, царот вовел празници и поставил свештеници кои требало да му помагаат на народот да ги слави тие празници (1. Царевите 12:26-33).

Она што го правеле тие Израелци навидум било со добра намера. Па зарем не ги правеле сите тие работи за да му угодат на Бог? Строгите зборови што ги кажал Бог преку Амос и другите пророци јасно покажуваат како гледал на нивните обичаи. Преку пророкот Малахија, Бог рекол: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“ (Малахија 3:6). Зарем ова не ни кажува како гледа Бог на различните божиќни обичаи денес?

Откако ги зеле предвид наведените факти, милиони луѓе одлучиле повеќе да не го слават Божиќ. Наместо тоа, наоѓаат радост така што, кога и да можат во текот на целата година, одвојуваат време за да бидат со своите роднини и пријатели и да им помагаат на сиромашните.