Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО МИСЛИ БОГ ЗА ПУШЕЊЕТО

Светска епидемија

Светска епидемија

Пушењето е безмилосен убиец.

  • Само во минатиот век уби 100 милиони луѓе.

  • Годишно одзема околу 6 милиони животи.

  • Убива по едно лице на секои шест секунди.

А нема никакви показатели дека состојбата ќе се подобри.

Стручните лица проценуваат дека, доколку не се смени нешто, до 2030 год. од пушење ќе умираат по 8 милиони лица годишно. Исто така, предвидуваат дека до крајот на 21 век пушењето ќе одземе 1 милијарда животи.

Пушачите не се единствените жртви на цигарите. Жртви се и членовите на нивните семејства, кои страдаат емоционално и финансиски, како и 600 илјади непушачи, кои го вдишуваат чадот од цигарите. А штетата ја трпи и секој од нас во облик на сѐ повисоки здравствени трошоци.

За разлика од епидемиите за кои докторите упорно бараат лек, оваа епидемија е лесно излечива и начинот е добро познат. Д-р Маргарет Чан, генерален директор на Светската здравствена организација, рекла: „Епидемијата на пушење е предизвикана од човекот и може да се спречи со здружени напори на владите и граѓаните“.

Борбата против овој здравствен проблем наиде на масовен одѕив во целиот свет. Во август 2012 год., околу 175 земји се согласија да преземат мерки за да се ограничи употребата на тутун. * Меѓутоа, има моќни сили во чиј интерес е оваа пандемија да продолжи да беснее. Секоја година, тутунската индустрија троши милијарди долари на реклами за да придобие нови муштерии, особено меѓу жените и младите од земјите во развој. Бидејќи тутунот создава зависност, речиси е сигурно дека ќе има висока стапка на смртност меѓу оние една милијарда пушачи што веќе станале зависници. Ако денешните пушачи не се откажат од цигарите, стапката на смртност во следните четири децении драстично ќе се зголеми.

Бидејќи цигарите се многу рекламирани, а освен тоа создаваат и зависност, многу луѓе што пушат се чувствуваат како во замка од која би сакале да излезат. Тоа било случај и со Наоко. Таа почнала да пуши уште како тинејџерка. Се чувствувала префинето кога пушела затоа што ги имитирала познатите личности од медиумите. Иако родителите ѝ умреле од рак на белите дробови, таа продолжила да пуши дури и додека ги растела своите две ќерки. „Се плашев дека ќе добијам рак на белите дробови, а бев загрижена и за здравјето на моите деца“, вели таа. „Сепак, не можев да престанам да пушам. Си мислев дека никогаш нема да се откажам од цигарите.“

Меѓутоа, не било така. Наоко нашла мотив да се откаже од цигарите. Истиот мотив им помогнал и на милиони други да престанат да пушат. За каков мотив станува збор? Одговорот ќе го најдеш во следната статија.

^ пас. 11 Во овие мерки спаѓа зголемување на свеста на луѓето во врска со штетноста на пушењето, помалку рекламирање на цигари, повисоки даноци на производите од тутун и воведување на програми за да им се помогне на пушачите да се откажат од цигарите.