Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Какви биле перата и мастилата што се користеле во библиски времиња?

Во последното од трите писма на апостол Јован што се запишани во Библијата, стои: „Имав многу да ти пишувам, но не сакам повеќе да ти пишувам со мастило и со перо“. Буквалниот превод на изворните грчки зборови што ги употребил Јован покажува дека не сакал да продолжи да пишува со „црно [мастило] и трска“ (3. Јованово 13, The Kingdom Interlinear Translation of the Greek Scriptures).

Перото што го користеле писарите претставувало едно цврсто парче трска. Се сечело дијагонално на едниот крај и прецизно се зашилувало на врвот. Писарот можел одново да го остри врвот на трската со камен кој имал рапава површина. Трската личела и функционирала како денешните налив-пера.

Повеќето мастила биле мешевина од саѓи и каучук, кој служел како лепило. Таквото мастило се продавало како сува материја што требало да се раствори во соодветна количина вода за да може да се користи. Кога се пишувало, мастилото едноставно се сушело на површината на папирусот или пергаментот без да се впие во него. Затоа, оној што пишувал можел веднаш да ги исправи грешките користејќи мокар сунѓер, кој бил дел од опремата на еден писар. Овој детаљ во врска со мастилото од древни времиња објаснува на што можеби мислеле писателите на Библијата кога напишале дека нечие име ќе биде избришано од Божјата книга на сеќавањето (2. Мојсеева 32:32, 33; Откровение 3:5).

Какви шатори изработувал апостол Павле?

Во Дела 18:3 пишува дека апостол Павле се занимавал со изработка на шатори. Во библиски времиња, изработувачите на шатори ткаеле камилски или козји влакна за да направат парчиња платно. Потоа ги сошивале тие парчиња за да изработат шатори за патниците. Меѓутоа, многу шатори тогаш се правеле и од кожа. Други се правеле од лен, кој се произведувал во Тарс, родниот град на Павле. Тој можеби работел само со некои или со сите овие материјали. Но, додека работел со Акила, Павле можеби правел ленени натстрешници за заштита од сонце, кои се користеле за да се покријат претсобјата на куќите.

Веројатно Павле го научил овој занает кога бил млад. Доказите од египетските папируси покажуваат дека во периодот кога Египет бил под римска власт, чираците почнувале да учат занает некаде на возраст од 13 години. Ако Павле бил на таа возраст кога почнал да го учи занаетот, тогаш на 15 или 16 години веќе добро знаел да ги сече материјалите во саканиот облик и димензии, а потоа да ги шие со различни шила и техники. „Кога завршил со учењето занает, Павле можеби добил свој комплет алатки“, пишува во една книга (The Social Context of Paul’s Ministry). Во истото дело понатаму стои: „Бидејќи биле потребни само ножеви и шила, правењето шатори било практичен занает што можел да се извршува каде било“. Затоа, Павле можел да му се врати на занаетот кога и да му притребало за да се издржува на своите патувања како мисионер.