Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што треба да научат децата?

Што треба да научат децата?

Што треба да научат децата?

„Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. ТИМОТЕЈ 3:16)

ДЕЦАТА треба да бидат поучени за вистината за Бог. Каде може да се најде таа вистина? Во најпочитуваната верска книга, Библијата.

Библијата е како писмо од Бог, во кое тој ни открива каква личност е. Исто така, преку него им дава морално водство на сите свои деца, како на младите така и на старите. Забележи само некои работи што ги кажува Библијата, како и поуките што може да ги извлече дури и едно дете.

Што сака Бог да знаеме за него?

Што вели Библијата: „Единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја“ (Псалм 83:18).

Поука: Бог не е безлична сила, туку вистинска личност што има свое име.

Што вели Библијата: „Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба. Ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Летописи 28:9).

Поука: Јехова Бог се грижи за сите нас, вклучувајќи ги и децата (Псалм 10:14; 146:9). Тој сака да го запознаеме.

Што вели Библијата: „Не правете зло на... дете без татко. Ако им направиш некакво зло, па тие почнат да викаат кон мене, сигурно ќе го чујам нивниот викот“ (2. Мојсеева 22:22-24).

Поука: Јехова ги слуша молитвите дури и на малите деца. Можеме редовно да зборуваме со Бог и да му ги кажуваме дури и нашите најдлабоки мисли и чувства.

Што вели Библијата: „Секогаш одново го искушуваа Бог и му нанесуваа болка на Израеловиот Светец“ (Псалм 78:41).

Поука: Нашите зборови и постапки влијаат врз чувствата на Јехова, па затоа треба добро да размислиме пред да кажеме или да направиме нешто.

Како да постапуваме со оние што се поинакви од нас?

Што вели Библијата: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).

Поука: Ако Бог ги прифаќа луѓето од најразлично потекло, и ние не треба да имаме предрасуди кон другите само заради нивната боја на кожата или заради други физички карактеристики.

Што вели Библијата: „Секогаш бидете спремни за одбрана пред секој што од вас бара да ја образложите надежта која е во вас, но тоа правете го благо и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15).

Поука: Кога зборуваме за верата, треба да ги изразуваме своите гледишта со увереност, но без да се наметнуваме. Исто така, треба да ги почитуваме оние чии верски убедувања се поинакви од нашите.

Како да постапуваме со членовите на семејството?

Што вели Библијата: „Деца, слушајте ги своите родители во сѐ, зашто тоа му се допаѓа на Господарот“ (Колошаните 3:20).

Поука: Кога се послушни, децата покажуваат дека ги сакаат своите родители и дека имаат желба да го израдуваат Бог.

Што вели Библијата: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Колошаните 3:13).

Поука: Другите луѓе, вклучувајќи ги и членовите на семејството, понекогаш ќе нѐ разочараат. Но, ако сакаме Бог да ни прости, мора да научиме и ние да им простуваме на другите (Матеј 6:14, 15).

Биди искрен и љубезен

Што вели Библијата: „Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (Ефешаните 4:25).

Поука: Кога ја зборуваме вистината, постапуваме како Бог и го радуваме неговото срце. Ако се служиме со лаги, ќе станеме како Божјиот непријател, Ѓаволот, кој е „татко на лагата“ (Јован 8:44; Тит 1:2).

Што вели Библијата: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12, Превод на МПЦ).

Поука: Треба да бидеме обѕирни кон чувствата, мислите и потребите на членовите на нашето семејство и на луѓето во нашата околина. Кога сме „сочувствителни“, другите ќе бидат пољубезни кон нас (1. Петрово 3:8; Лука 6:38).

Како што покажуваат овие примери, поуките од Библијата можат да им помогнат на децата да станат личности кои ќе покажуваат ценење, почит и сочувство. Но, кој треба да ги поучува децата за тие работи?