Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ден на големи надежи и радосни очекувања

Ден на големи надежи и радосни очекувања

130. Клас на Гилеад

Ден на големи надежи и радосни очекувања

БЕЗ СОМНЕНИЕ, дипломирањето на 130. клас на мисионерската школа Гилеад разбуди големи надежи и радосни очекувања. Во сабота, на 12 март 2011 год., на дипломирањето присуствуваа над 8.500 души, вклучувајќи ги и семејствата и пријателите на дипломците. Сите беа возбудени — не само поради тој ден туку и поради она што ги очекуваше добро обучените мисионери, кои наскоро требаше да бидат испратени низ целиот свет за да ги поучуваат луѓето за Библијата.

„Среќни се сите што го чекаат“ Јехова

На оваа тема од Исаија 30:18 зборуваше Џефри Џексон, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, кој беше и претседавач на програмата. Срдечно и со доза на хумор, тој ги пофали студентите за тоа што „ја преживеаја“ напорната обука на мисионерската школа и ги увери дека сигурно ќе го преживеат и овој возбудлив ден. Што можеа да очекуваат во иднина? Тој истакна три практични мисли од Исаија 30:18-21.

Прво, брат Џексон рече: „Можете да очекувате дека Јехова ќе ги чуе вашите молитви“. Тој посочи на утешните зборови од 19. стих: „[Бог] навистина ќе ти се смилува кога ќе го чуе твојот лелек“. Со оглед на тоа што Јехова зборувал во еднина а не во множина, брат Џексон рече дека Јехова ги слуша молитвите на секого посебно. „Како еден Татко, Јехова не прашува: ‚Зошто не си јак како другиот?‘ Наместо тоа, внимателно ја слуша молитвата на секој поединец и ја услишува“.

Второ, тој отворено кажа дека можеме да очекуваме проблеми. „Јехова не ни ветува дека ќе ни биде лесно во животот, туку ветува дека ќе ни помага“. Како што се гледа од 20. стих, Бог прорекол дека, кога Израел ќе биде под опсада, неволјата и угнетувањето ќе бидат вообичаена работа како што се лебот и водата. Сепак, Јехова секогаш ќе биде спремен да му помага на својот народ. И студентите на школата ќе наидат на проблеми и предизвици, иако можеби не баш такви какви што очекуваат! Брат Џексон додаде: „Но, можете да очекувате дека Јехова ќе биде крај вас и ќе ви помага“.

Трето, брат Џексон ги потсети дипломците дека, како што покажуваат стиховите 20 и 21, ‚можат да очекуваат водство, и затоа треба да го бараат!‘ Тој рече дека секој христијанин треба внимателно да слуша додека Јехова ни зборува преку Библијата и преку библиските публикации. Говорникот срдечно ги поттикна студентите секојдневно да ја читаат Библијата бидејќи тоа значи живот.

„Бојте се од Јехова“

Ентони Морис од Водечкото тело го објасни значењето на изразот „бојте се од Јехова“, кој е запишан во Библијата (2. Летописи 19:7). Овие зборови не се однесуваат на некаков болен страв, туку на силна желба да се прави она што е исправно, толку длабока и искрена почит што создава дури и трепет. „Бојте се од Јехова на вашата мисионерска задача“, им рече говорникот на дипломците. Како можат да го направат тоа? Тој спомна два начина.

Прво, брат Морис ги поттикна дипломците да го применат советот од Јаков 1:19: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“. Тој им рече дека научиле многу работи во текот на петте месеци додека траела школата, но мора да внимаваат да не се фалат со своето знаење на нивната мисионерска задача. „Прво мора да слушате“, рече тој. „Слушајте го локалното собрание и оние што предводат во земјата каде што ќе служите, слушајте што велат за народот и за неговата култура. Не колебајте се да речете: ‚Не знам‘. Ако ги примените сите овие поуки, колку повеќе учите, толку повеќе ќе сфаќате дека треба уште многу да учите“.

Второ, брат Морис прочита Изреки 27:21: „Во топилница се пречистува сребро и во печка злато, а пофалбата е испит за човекот“. Тој објасни дека, како што треба да се прочистат златото и среброто, така и ние може да бидеме прочистени преку пофалбата. На кој начин? Пофалбата може да претставува испит на нашата личност. Или ќе предизвика гордост и духовен пад, или ќе нѐ поттикне да признаеме дека сѐ што сме постигнале е благодарение на Јехова и затоа ќе бидеме уште порешени да се држиме за неговите мерила. Така, брат Морис ги поттикна дипломците исправно да гледаат на секоја пофалба — како на прилика да докажат дека имаат страхопочит од Јехова.

„Цени ја својата задача“

Гај Пирс од Водечкото тело го одржа овој клучен говор од програмата. Тој објасни дека зборот „мисионер“ значи „оној што е испратен на некоја мисија, односно задача“. Рече дека не е ништо чудно што во светот има различни мисионери испратени на разни задачи. На многумина од нив главна цел им е физички да ги лекуваат луѓето и да ги решаваат светските проблеми преку политиката. „Вие сте поинакви“, рече тој. Во кој поглед?

Додека ја проучуваа Библијата, дипломците разгледаа многу извештаи за физичко лекување. Кога Исус вратил во живот едно девојче, родителите биле „избезумени од радост“ (Марко 5:42). Кога на слепите им бил вратен видот, и тие биле неизмерно радосни. Една причина зошто биле направени тие чуда е за да знаеме што ќе направи Христос во новиот свет. Тогаш едно „големо мноштво“ праведни луѓе, кои ќе го преживеат крајот на сегашниов злобен свет, ќе бидат излекувани од сите болести (Откровение 7:9, 14). И нивните сакани што ќе воскреснат ќе пукаат од здравје. Замисли си колку ќе бидат радосни!

Меѓутоа, како што објасни брат Пирс, физичкото лекување нема да биде најважно. Болните луѓе што ги излекувал Исус повторно се разболеле. Мртвите што ги воскреснал повторно умреле. Многу поважно било духовното лекување што го извршувал тој. И мисионерите од школата имаат задача духовно да лекуваат. Тие им помагаат на луѓето да се помират со нашиот небесен Татко за да оживеат во духовна смисла. Само оние што се духовно излекувани ќе добијат вечен живот. Брат Пирс рече: „Преку духовното лекување се прославува Бог и се постигнува целта на службата“.

Три истакнати мисли од програмата

„Дали денес ќе ти биде убав ден?“ Ова прашање го постави Роберт Рајнс од Одборот на подружницата на Соединетите Држави. Тој ги охрабри дипломците да водат сметка секој ден од нивната мисионерска служба да им биде убав со тоа што мудро ќе го користат времето, ќе бараат водство во Божјата Реч кога ќе им биде тешко и ќе се потпираат на Јехова во молитва.

„Дали старото ќе го направиш ново?“ Ова прашање го постави Марк Њумер, кој е еден од инструкторите на школата. Во говорот што го одржа се осврна на зборовите запишани во 1. Јованово 2:7, 8, каде што апостол Јован спомнал една „стара заповед“, која во исто време била и „нова заповед“. Се мисли на истата заповед — Христовите следбеници да се сакаат несебично и самопожртвувано (Јован 13:34, 35). Оваа заповед била стара во таа смисла што Христос им ја дал на своите следбеници неколку децении претходно, но била нова во таа смисла што христијаните се соочувале со нови предизвици и требало уште повеќе да покажуваат љубов. И мисионерите ќе се соочат со нови околности и треба да научат да покажуваат љубов на нови начини. Како да успеат во тоа?

„Не правете го она што го мразите“, истакна брат Њумер. Тој предупреди дека, ако видиме некоја постапка што ја мразиме и ако возвратиме на ист начин, ќе го правиме она што го мразиме. Така ќе си нанесеме голема штета. Од друга страна, пак, ако во тие ситуации се трудиме да најдеме нови начини на кои ќе покажеме љубов, ќе ја одразуваме „вистинската светлина“ и ќе ја растеруваме духовната темнина.

„Носи го товарот.“ На оваа тема зборуваше Мајкл Барнет, кој е инструктор на школата. Како пример ги посочи луѓето во африканските земји кои на својата глава носат тешки товари. Тие користат ката, мало здиплено парче ткаенина кое го ставаат врз главата. Така им е поудобно да го носат товарот и да одржуваат рамнотежа, а сепак можат и елегантно да одат. Во земјите каде што ќе бидат испратени да служат, и мисионерите ќе треба да носат тежок товар од одговорности, но дадено им е нешто што може да се спореди со ката: темелна обука од Библијата. Додека го применуваат она што го учат, ќе можат да одржуваат рамнотежа и да го носат товарот.

Искуства и интервјуа

Како дел од обуката, студентите на школата соработуваа со локалните собранија на Јеховините сведоци во службата на проповедање. Вилијам Семјуелсон, надгледник на Одделот за теократски школи, спомна некои искуства на дипломците. Зборуваше на тема „Нека не ти почива раката“ (Проповедник 11:6). Дипломците ги одглумија своите искуства и така покажаа колку беа активни во службата додека ја проповедаа добрата вест во авионите, во ресторантите и на бензиските пумпи. Сведочеа од врата до врата, во неформални разговори и преку писма. Во никој случај не им почиваа рацете и затоа постигнаа одлични резултати.

Кенет Стовал, кој служи во одделот што ја надгледува мисионерската школа, интервјуираше тројца искусни мисионери — Бери Хил кој служел во Еквадор и во Доминиканската Република, Еди Мобли, кој служел на Брегот на слоновата коска, и Таб Хонсбергер, кој служел во Сенегал, Бенин и Хаити. Сите заедно зборуваа на темата „Испитајте го Јехова и примете благослови“ (Малахија 3:10). На пример, брат Хил раскажа дека нему и на жена му не им било лесно да се навикнат на климата во Еквадор, која може да биде жешка и сува, но и жешка и влажна. Две и пол години се капеле со кофи. Но, воопшто не помислувале да си заминат. На својата задача гледале како на благослов од Јехова. „Таа беше нашиот живот“, рече брат Хил.

На крајот од програмата, еден од дипломците прочита трогателно писмо со искрена благодарност од целиот клас. „Нашата вера доби нови димензии“, пишуваше во писмото, „а сепак, свесни сме дека треба уште многу да ја зајакнуваме“. Сите студенти добија дипломи и беа испратени да служат во различни земји. На крајот од програмата, Брат Џексон ги увери дипломците дека од прва рака ќе видат како Јехова ќе им помага во животот, особено кога ќе имаат тешкотии. Сите присутни си заминаа со големи надежи и радосни очекувања. Без сомнение, Јехова ќе направи многу добри работи преку овие нови мисионери.

[Табела/карта на страница 31]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

9 застапени земји

34,0 просечна возраст

18,6 просек на години во вистината

13,1 просек на години во полновремена служба

[Карта]

(Види во публикацијата)

Студентите беа испратени во земјите што се означени подолу

ЗЕМЈИ ВО КОИ СЕ ИСПРАТЕНИ

АРГЕНТИНА

ЕРМЕНИЈА

БУРКИНА ФАСО

БУРУНДИ

КОНГО (КИНШАСА)

РЕПУБЛИКА ЧЕШКА

ХАИТИ

ХОНГ КОНГ

ИНДОНЕЗИЈА

КЕНИЈА

ЛИТВАНИЈА

МАЛЕЗИЈА

МОЗАМБИК

НЕПАЛ

ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА

РОМАНИЈА

СЕНЕГАЛ

ТАНЗАНИЈА

УГАНДА

ЗИМБАБВЕ

[Слика на страница 31]

130. клас што дипломира на Школата Гилеад

Во списокот долу, редовите се наведени однапред наназад, а имињата одлево надесно.

1) Молина З.; Басолино С.; Алацис К.; Аројо А.; Нињо Л.; Мерклин Ш.; Кларк М.

2) Литл С.; Тибидо С.; Јакопсон С.; Морено Џ.; Родригез А.; Ли К.; Карденас Х.; Агилар Л.

3) Клербуш А.; Поли А.; Колдвел С.; Адами Х.; Хилдебрант С.; Шумејкер И.; Громан Н.; Галвез Г.

4) Кларк Џ.; Басолино А.; Пакам К.; Адами Х.; Кнаус М.; Нињо М.; Морено Р.; Галвез Џ.

5) Родригез Д.; Жене М.; Молина Х.; Агилар А.; Алацис И.; Мано А.; Громан Р.; Пакам Џ.

6) Жене С.; Карденас М.; Аројо С.; Мано К.; Мерклин Џ.; Ли Х.; Клербуш Х.; Јакопсон П.

7) Литл Џ.; Хилдебрант Б.; Шумејкер М.; Кнаус К.; Колдвел Џ.; Тибидо Ф.; Поли К.