Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Не престанувај да проповедаш од куќа до куќа“

„Не престанувај да проповедаш од куќа до куќа“

„Не престанувај да проповедаш од куќа до куќа“

Раскажал Јакоб Нојфелд

„Што и да се случи, не престанувај да проповедаш од куќа до куќа.“ Овие зборови ми одѕвонуваа во ушите додека пешачев пет километри до најблиското село. Кога стигнав, не можев да соберам храброст да тропнам на првата врата. По кратко двоумење, отидов во шумата и горливо го молев Бог да ми даде храброст да проповедам. Потоа, се вратив на истата врата и тропнав.

КАКО се најдов во тоа зафрлено село во Парагвај, каде што се обидував да проповедам сосема сам? Да почнам од почеток. Роден сум во ноември 1923 год. во украинското село Кронстал, во една германска колонија на менонити. Кон крајот на 18 век, менонитите емигрирале од Германија во Украина и добиле значителни права, вклучувајќи слобода на вероисповед (но не и слобода да прават преобратеници), локална самоуправа и ослободување од воена служба.

Кога на власт дошла комунистичката партија, сите тие права им биле одземени. Кон крајот на 1920-тите, големите фарми на менонитите беа претворени во колективи. Луѓето со глад беа присилувани да соработуваат со власта, а секој отпор брутално беше задушен. Во 1930-тите, многу мажи беа одведени од КГБ (Советската служба за државна безбедност), обично ноќе, така што на крајот многу села речиси останаа без мажи. Во 1938 год., кога имав 14 години, го одведоа и татко ми, и никогаш повеќе не го видов ниту, пак, чув нешто за него. По две години го зедоа и мојот постар брат.

Во 1941 год., Хитлеровата војска ја окупира Украина. За нас тоа значеше ослободување од комунистичкиот режим. Меѓутоа, осум еврејски семејства од нашето село одеднаш исчезнаа. По сите овие настани, во главата ми се вртеа многу прашања. Зошто се случуваше сето тоа?

Чесноста ми го спаси животот

Во 1943 год., германските трупи се повлекоа, а со себе ги поведоа и повеќето германски фамилии за да им помогнат во воените операции. Заминаа и останатите од мојата фамилија. Тогаш веќе бев регрутиран и назначен да служам во германската СС (Шуцштафел, Хитлеровата елитна гарда) во Романија. Еден мал настан во тоа време многу ми го промени животот.

Капетанот на мојата единица сакал да провери колку сум чесен. Ми рече да му ја однесам униформата на хемиско чистење. Во еден џеб ставил пари, и јас ги најдов. Кога му ги вратив, рече дека тој не оставил ништо во униформата. Јас останав на своето дека ги најдов во неговиот џеб. По кратко време ме зеде за свој помошник и ми даде задача да му ги вршам административните работи, да поставувам стражари и да водам сметка за парите на нашата единица.

Една вечер, руската армија ја зароби целата единица освен мене — затоа што јас останав на работа за да завршам уште нешто за капетанот. Колку што ми е познато, јас бев единствениот што не беше заробен, и сѐ затоа што бев чесен и ја добив таа посебна задача. Инаку и мене ќе ме заробеа.

Во 1944 год., неочекувано добив отсуство на неодредено време. Се вратив дома за да се видам со мајка ми. Додека чекав да добијам нова задача, работев како чирак кај еден ѕидар. Тој занает многу ми користеше подоцна. Во април 1945 год., американските трупи го окупираа нашиот град во близина на Магдебург. По еден месец, војната официјално заврши. Останавме живи! Изгледаше дека нѐ чека убава иднина.

Еден јунски ден, во градот беше дадена следнава објава: „Американските трупи заминаа минатата ноќ, а руските ќе почнат да пристигнуваат денес, во 11.00 часот“. Срцата ни се стегнаа кога сфативме дека повторно сме фатени во комунистичка зона. Јас и мојот братучед веднаш почнавме да планираме како да избегаме. До средината на летото преминавме во американската зона. Потоа, во ноември, со многу маки и со огромен ризик, повторно влеговме во рускиот сектор и тајно ги префрливме преку границата своите семејства.

„Слушај внимателно и споредувај“

Се населивме во тогашна Западна Германија. По некое време, многу се заинтересирав за Библијата. Во неделите одев во шумата за да ја читам, но она што ќе го прочитав ми звучеше многу чудно и далечно. Одев и на часови по веронаука за да можам да се крстам како менонит. Се изненадив кога во учебникот прочитав: „Таткото е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог“, а потоа следеше прашањето: „Дали има три Бога?“ Подолу беше напишан одговорот: „Не, сите три се едно“. Го прашав свештеникот како е можно такво нешто. Тој ми одговори: „Момче, не треба да се размислува толку длабоко за овие работи. Некои го изгубиле разумот затоа што отишле многу длабоко“. Во тој момент решив да не се крстам.

По неколку дена, чув еден непознат човек како разговара со братучетка ми. Од љубопитност се вклучив во разговорот и поставив неколку прашања. Тогаш не знаев дека непознатиот беше Ерих Николајциг, кој го преживеал концентрациониот логор Вевелсбург. Ме праша дали сакам да ја разберам Библијата. Кога одговорив потврдно, ме увери дека сѐ што ќе ме научи, ќе ми го докаже со мојата Библија.

По само неколку посети, Ерих ме викна на еден конгрес на Јеховините сведоци. Мислам дека тој конгрес беше еден од првите што се организираа по војната. Ми остави силен впечаток и го запишав секој библиски стих што го прочитаа или го спомнаа говорниците. Наскоро сфатив дека она што ќе го научиш од Библијата носи и извесни одговорности, и одлучив да прекинам со проучувањето. Исто така, ми беше тешко да сфатам дека има само една вистинска религија. Кога Ерих виде дека сум решен да се вратам на старата вера, ми го даде следниов совет: „Слушај внимателно и споредувај“.

Доволно ми беше само двапати да отидам кај моите свештеници за да сфатам дека не знаат за што зборуваат и дека ја немаат вистината. Им напишав писмо на неколку свештеници и им поставив библиски прашања. Еден од нив одговори: „Немаш право да ги истражуваш Писмата затоа што не си повторно роден“.

Во тоа време бев во врска со една девојка која ме стави пред тежок избор. Таа беше член на менонитската секта на повторно родени. Попушти под притисокот на своето семејство, кое ги мразеше Јеховините сведоци. Ми рече дека, ако не расчистам со мојата нова религија, нема повеќе да излегува со мене. Но, вистината веќе ми беше кристално јасна и бев сигурен дека има само еден исправен избор, па затоа престанав да се гледам со неа.

Наскоро Ерих дојде да ме посети. Рече дека се планира крштавање следната седмица, па ако сакам, би можел да се крстам и јас. Дојдов до заклучок дека Јеховините сведоци ја имаат вистината, и сакав да му служам на Јехова Бог. Ја прифатив поканата и се крстив во када во мај 1948 год.

Кратко откако се крстив, моето семејство реши да се пресели во Парагвај, во Јужна Америка, и мајка ми ме молеше да појдам и јас. Се колебав затоа што сѐ уште ми беше потребно некој да ме поучува за Библијата. Кога отидов да ја посетам подружницата на Јеховините сведоци во Визбаден, го запознав Август Петерс. Тој ме потсети дека имам одговорност да се грижам за семејството. Исто така, ми го даде овој совет: „Што и да се случи, не престанувај да проповедаш од куќа до куќа. Ако престанеш, ќе бидеш ист како луѓето од другите христијански религии“. И денес ми е јасно колку е важен тој совет и колку е потребно да се проповеда „од куќа до куќа“ (Дела 20:20, 21).

„Лажен пророк“ во Парагвај

Кратко по таа средба со Август Петерс, со моето семејство се качив на брод за Јужна Америка. Стигнавме во Парагвај, во регионот Гран Чако, и повторно во една колонија менонити. Две седмици откако пристигнавме, тргнав на тоа тешко патување до соседното село за да проповедам, сосема сам. Брзо се рашири веста дека меѓу новодојдените има и еден „лажен пророк“.

Во тој период многу ми се најде мојот ѕидарски занает. На секое семејство имигранти му требаше дом, и куќите ги правевме од ќерпич и им стававме сламен покрив. Следните шест месеци имав многу работа, а со тоа ми се отворија и многу прилики да сведочам неформално. Луѓето беа учтиви, но штом ќе си ја свршев мојата работа, се радуваа што ќе се ослободеа од мене.

Во меѓувреме, бродовите донесоа уште менонити избегани од Германија. Меѓу нив беше и една девојка, Катерина Шеленберг, која се имала сретнато со Сведоците и речиси веднаш ја препознала вистината. Иако сѐ уште не беше крстена, се изјаснувала како Јеховин сведок додека патувала на бродот. Затоа не ѝ дозволиле да влезе во германската колонија. Останала сама во Асунсион, главниот град на Парагвај, каде што нашла работа како слугинка, научила шпански јазик, ги нашла Сведоците и се крстила. Во октомври 1950 год., оваа храбра девојка се омажи за мене. Сиве овие години, таа ми е голема поддршка и ми помага во сѐ.

За кратко време заштедив доволно пари за да купам кочија и два коња, кои ми користеа во проповедничката служба. Секогаш мислев на советот што ми го даде брат Петерс. Дотогаш ни се имаше придружено и сестра ми, која исто така стана Сведок. Заедно, честопати станувавме во 4.00 часот, патувавме четири часа, проповедавме два-три часа, а потоа се враќавме дома.

Во нашата литература прочитав дека се одржуваат јавни предавања, па затоа организирав едно такво предавање. Никогаш не сум бил на собраниски состанок во Германија, па затоа претпоставував како треба да течат и зборував за Божјето Царство. На состанокот бевме осуммина, но тоа беше премногу за свештениците на менонитската црква. Тие организираа кампања за да ја соберат секоја библиска публикација што сме им ја оставиле на луѓето, и им велеа да не нѐ поздравуваат.

Потоа ме викнаа во административниот центар на колонијата и неколку часа ми поставуваа прашања управникот и двајца свештеници од Канада. На крајот, едниот од нив рече: „Младичу, ти верувај си во што сакаш, но вети ни дека нема да зборуваш за тоа со никого“. Такво ветување не можев да им дадам. Затоа ми рекоа да ја напуштам колонијата бидејќи не сакале да имаат „лажен пророк“ меѓу „верните браќа“. Кога одбив да го направам тоа, понудија да платат патни трошоци за целата моја фамилија. Јас не попуштив и не сакав да си заминам.

Тоа лето, во 1953 год., отидов на конгрес во Асунсион. Таму разговарав со Натан Нор, кој беше дојден од главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Ми рече да се преселам во главниот град и да работам со малата група мисионери што беа испратени таму, особено со оглед на тоа што немаше некој голем ефект од проповедањето во колонијата на менонитите.

Царството на прво место

Во тоа време, во цел Парагвај имаше само околу 35 Сведоци. Разговарав со жена ми, и иако не беше многу воодушевена што ќе се преселиме во голем град, беше спремна за нов почеток. Во 1954 год., Катерина и јас си направивме куќа од цигли — ја градевме само ние двајцата, и тоа во нашето слободно време. Не пропуштивме ниту еден состанок, а на викендите секогаш разговаравме со луѓето за Библијата.

Голема чест ми беше да го придружувам покраинскиот надгледник, кој ги посетува собранијата, и да преведувам кога ќе посетеше некои германски колонии во Парагвај. Знаев малку шпански, но првото преведување говор од шпански на германски јазик веројатно ми беше најтешката задача што некогаш сум ја имал.

Поради лошото здравје на мојата жена, во 1957 год. се преселивме во Канада. Потоа, во 1963 год., се преселивме во Соединетите Држави. Каде и да одевме, секогаш гледавме да го ставаме Царството на прво место во животот (Матеј 6:33). Неизмерно сум му благодарен на Јехова Бог што ми ја откри вистината од својата Реч, Библијата, додека сѐ уште бев млад. Духовната поука што ја добив ми помогна на многу полиња од животот!

Голема чест ми беше што можев да им помагам и на другите да ги дознаат од Библијата прекрасните вистини што ми дадоа голема утеха. Најмногу се радувам што сите мои деца и внуци се поучувани за Библијата од најраното детство. Сите го следат советот на брат Петерс, кој пред многу години ми рече: „Што и да се случи, не престанувај да проповедаш од куќа до куќа“.

[Истакната мисла на страница 22]

Најмногу се радувам што сите мои деца и внуци се поучувани за Библијата од најраното детство

[Слики на страници 20 и 21]

Катерина и јас кратко пред нашата венчавка во 1950 год.

[Слика на страница 21]

Со нашето прво дете пред нашата куќа во Парагвај, 1952 год.

[Слика на страница 23]

Со моето пошироко семејство денес

[Извор на слика]

Фотографија на Keith Trammel © 2000

[Извор на слика на страница 19]

Фотографија на Keith Trammel © 2000