Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто ја одбележуваме Господаровата вечера

Зошто ја одбележуваме Господаровата вечера

„Правете го ова за мој спомен“ (1. КОР. 11:24)

1, 2. Што направил Исус ноќта на 14 нисан 33 год. од н.е.? (Види ја сликата погоре.)

НОЌТА на 14 нисан 33 год. од н.е., додека на небото над Ерусалим се разлевала нежната светлина на полната месечина, Исус и неговите апостоли ја прославиле Пасхата. Со тоа се потсетиле на избавувањето на Израелците од египетското ропство — настан кој се случил околу 1.500 години пред тоа. Потоа Исус воспоставил една посебна вечера на која присуствувале само неговите 11 верни апостоли. Христовите ученици требало да продолжат да ја одбележуваат таа вечера еднаш годишно за да се сеќаваат на неговата смрт * (Мат. 26:1, 2).

2 Откако кажал благослов, Исус им го подал бесквасниот леб на апостолите, и им рекол: „Земете, јадете!“ Потоа ја зел чашата со вино, и откако повторно му се заблагодарил на Бог, рекол: „Пијте од неа сите“ (Мат. 26:26, 27). Освен што објаснил какво значење имаат лебот и виното, таа незаборавна ноќ Исус им дал и други важни поуки на своите верни ученици.

3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

 3 На тој начин, Исус ја воспоставил Спомен-свеченоста по повод својата смрт, која исто така се нарекува и „Господаровата вечера“ (1. Кор. 11:20). Но, некој би можел да праша: Зошто треба да ја одбележуваме Исусовата смрт? Што претставуваат лебот и виното? Како би можеле да се подготвиме за Спомен-свеченоста? Кој треба да зема од симболите? И, како христијаните покажуваат дека ја ценат надежта што им ја дал Бог?

ЗОШТО ТРЕБА ДА ЈА ОДБЕЛЕЖУВАМЕ ИСУСОВАТА СМРТ

4. Што ни овозможува смртта на Исус?

4 Како потомци на Адам, ние сме наследиле грев и смрт (Рим. 5:12). Ниеден несовршен човек не може да му даде на Бог откупнина за својот живот или за животот на некој друг (Пс. 49:6-9). Но, со својата смрт, Исус ја платил единствената откупнина која му е прифатлива на Бог — тој го жртвувал своето совршено тело и ја пролеал својата крв. Со тоа што му ја принел на Јехова вредноста на својата жртва, Исус ни овозможил да бидеме избавени од гревот и смртта, и да добиеме можност да живееме вечно (Рим. 6:23; 1. Кор. 15:21, 22).

5. а) Од каде знаеме дека Бог и Христос ги сакаат луѓето? б) Зошто треба да присуствуваме на одбележувањето на Исусовата смрт?

5 Откупнината е јасен доказ дека Јехова ги сака луѓето (Јован 3:16). Со жртвата што ја дал, и Исус покажал дека нѐ сака. Всушност, уште пред да дојде на Земјата како човек, тој, како „вешт градител“ многу ‚им се радувал на човечките синови‘! (Изр. 8:30, 31). Ако сме им благодарни на Бог и на неговиот Син, ќе бидеме поттикнати да присуствуваме на одбележувањето на Исусовата смрт, и на тој начин да ја послушаме заповедта: „Правете го ова за мој спомен“ (1. Кор. 11:23-25).

ШТО ПРЕТСТАВУВААТ СИМБОЛИТЕ

6. Како треба да гледаме на лебот и виното кои се користат на Спомен-свеченоста?

6 Кога ја воспоставил Спомен-свеченоста, Исус не ги претворил со чудо лебот и виното во своето дословно тело и крв. Напротив, во врска со лебот, тој рекол: „Ова го претставува моето тело“. А во врска со виното рекол: „Ова ја претставува мојата ‚крв на сојузот‘, која ќе се пролее за мнозина“ (Мар. 14:22-24). Тоа јасно покажува дека лебот и виното се само симболи.

7. Што претставува лебот кој се користи на Спомен-свеченоста?

7 Во текот на тој многу значаен настан во 33 год. од н.е., Исус им го подал на учениците бесквасниот леб што останал откако ја прославиле Пасхата (2. Мој. 12:8). Во Библијата, квасецот понекогаш означува расипаност или грев (Мат. 16:6, 11, 12; Лука 12:1). Според тоа, бесквасниот леб што го употребил Исус е соодветен симбол за неговото безгрешно тело (Евр. 7:26). Затоа на Спомен-свеченоста се користи таков леб.

8. Што претставува виното кое се користи на Спомен-свеченоста?

8 Виното што Исус им го подал на апостолите на 14 нисан 33 год. од н.е. ја претставувало неговата крв, исто како и виното што денес се користи на Спомен-свеченоста. На Голгота, место надвор од Ерусалим, Исус ја пролеал својата крв „заради простување на гревовите“ (Мат. 26:28; 27:33). Бидејќи лебот и виното на Спомен-свеченоста ја симболизираат скапоцената жртва која тој ја дал за послушните луѓе и која ние многу ја цениме, добро е секој од нас да се подготви за годишното одбележување на Господаровата вечера.

 КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ

9. а) Зошто е важно пред Спомен-свеченоста да го следиме посебниот распоред за читање на Библијата? б) Како гледаш ти на откупнината?

9 Еден начин на кој може да го подготвиме нашето срце за Спомен-свеченоста е редовно да го следиме посебниот распоред за читање на Библијата во брошурката Секојдневно истражување на Писмото. Така ќе можеме да размислуваме за она што Исус го правел во деновите пред својата смрт. * Една сестра напишала: „Со нетрпение ја очекуваме Спомен-свеченоста. Секоја година ни станува сѐ поважна“. Таа раскажува како се чувствувала кога татко ѝ починал и бил изложен во капелата: „Додека гледав во него, срцето ми се исполни со неизмерна благодарност за откупнината... Се разбира, ги знаев стиховите [поврзани со Исусовата жртва] и знаев како да ги објаснам... Но, дури кога лично се соочив со суровата реалност на смртта, почувствував вистинска радост поради она што ќе го добиеме благодарение на таа скапоцена откупнина“. Кога се подготвуваме за Спомен-свеченоста, добро е секој од нас да размислува како Исусовата жртва ќе нѐ ослободи од ропството на гревот и смртта.

Подготви го своето срце за Спомен-свеченоста (Види во пасус 9)

10. На кој друг начин може да се подготвиме за Спомен-свеченоста?

10 Друг начин како да се подготвиме за Спомен-свеченоста е така што во тој период ќе поминуваме повеќе време во службата, можеби дури и како помошни пионери. Додека ги каниме интересентите и другите луѓе да присуствуваат заедно со нас на овој важен настан, се радуваме што можеме да зборуваме за Бог, за неговиот Син, и за благословите што ќе ги добијат оние кои се трудат да го радуваат и да го фалат Јехова (Пс. 148:12, 13).

11. Зошто Павле рекол дека некои Коринќани недостојно земале од симболите на Господаровата вечера?

11 Кога се подготвуваш за Спомен-свеченоста, размисли и за она што им го напишал апостол Павле на христијаните во Коринт. (Прочитај 1. Коринќаните 11:27-34.) Тој истакнал дека секој што недостојно јаде од лебот или пие од виното „ќе биде виновен во поглед на телото и крвта на Господарот“, Исус Христос. Затоа, секој помазаник треба ‚сам да се испита дали е достоен‘, па дури потоа да земе од симболите. Во  спротивно, „ја јаде и пие осудата против себе“. Затоа што не постапувале исправно, многу од Коринќаните биле ‚слаби и болни, а мнозина од нив и умреле‘ во духовен поглед. Веројатно некои толку многу јаделе и пиеле пред или во текот на Господаровата вечера што биле поспани — и дословно и духовно. На таков начин покажувале крајно непочитување кон тој важен настан. Затоа, кога земале од симболите, Бог не го одобрувал тоа.

12. а) Со што ја споредил Павле Господаровата вечера, и какво предупредување им дал на оние што учествуваат во неа? б) Како треба да постапи некој од оние што земаат од симболите доколку направил тежок грев?

12 Павле ја споредил Господаровата вечера со заеднички оброк, и им го дал следново предупредување на оние што учествувале во неа: „Не можете да ја пиете чашата на Јехова и чашата на демоните. Не можете да јадете од ‚трпезата на Јехова‘ и од трпезата на демоните“ (1. Кор. 10:16-21). Доколку некој што зема од симболите на Господаровата вечера направил тежок грев, треба да бара помош од старешините. (Прочитај Јаков 5:14-16.) Ако од неговите постапки јасно се гледа дека искрено се кае, тогаш може да земе од симболите на Спомен-свеченоста бидејќи со тоа нема да покаже непочитување кон жртвата на Исус (Лука 3:8).

13. Зошто е добро да се молиме во врска со надежта што Бог нам лично ни ја дал?

13 Можеме да се подготвиме за Спомен-свеченоста и така што ќе се молиме и ќе размислуваме за надежта која Бог нам лично ни ја дал. Ниту еден крстен слуга на Јехова и верен следбеник на неговиот Син не би сакал да зема од симболите ако нема јасен доказ дека е помазан христијанин, бидејќи така ќе покаже непочитување кон Исусовата жртва. Но, како некој може да знае дали треба да зема од симболите?

КОЈ ТРЕБА ДА ЗЕМА ОД СИМБОЛИТЕ?

14. Бидејќи помазаниците се учесници во новиот сојуз, што прават тие на Спомен-свеченоста?

14 Оние што со право земаат од симболите на Спомен-свеченоста се апсолутно сигурни дека се учесници во новиот сојуз. Во врска со виното, Исус рекол: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв“ (1. Кор. 11:25). Преку пророкот Еремија, Бог прорекол дека ќе склучи нов сојуз кој ќе биде поинаков од сојузот на Законот што го склучил со Израелците. (Прочитај Еремија 31:31-34.) Бог стапил во овој нов сојуз со духовниот Израел (Гал. 6:15, 16). Новиот сојуз станал полноважен кога Христос го принел својот живот како жртва и ја пролеал својата крв (Лука 22:20). Исус е Посредникот на новиот сојуз, а верните помазаници кои се учесници во него добиваат наследство на небото (Евр. 8:6; 9:15).

15. Со кого Исус го склучил сојузот за Царството, и каква чест ќе имаат тие ако му останат верни на Јехова?

15 Помазаниците знаат дека се вклучени и во сојузот за Царството. (Прочитај Лука 12:32.) Оние што стануваат помазани следбеници на Исус и верно го следат така што имаат ‚учество во неговите страдања‘ ќе владеат на небото заедно со него (Фил. 3:10). Како учесници во сојузот за Царството, верните помазаници ќе царуваат заедно со Христос во сета вечност (Отк. 22:5). Тие со право земаат од симболите во текот на Господаровата вечера.

16. Објасни накратко што значат стиховите од Римјаните 8:15-17.

16 Само оние на кои светиот дух им сведочи дека се Божји деца треба да земаат од симболите на Спомен-свеченоста. (Прочитај Римјаните 8:15-17.) Забележи дека Павле го употребил арамејскиот збор „Ава“, кој има слично значење како „тато“ или „тате“.  Овој збор обично го користеле децата кога му се обраќале на својот татко. Тој одразува блискост и топлина, но истовремено е и збор што се кажувал со почит. Оние што примиле „дух на посинување“ од Јехова се негови деца родени со дух. Божјиот дух сведочи со нивниот дух, и им помага да сфатат дека се Јеховини помазани синови. Ова не значи дека тие едноставно не сакаат да живеат на Земјата. Помазаниците се сигурни дека, ако останат верни до смрт, ќе бидат сонаследници со Христос во неговото небесно Царство. Денес на Земјата има само еден остаток од вкупно 144.000 следбеници на Христос кои ‚имаат помазание од Светиот‘, Јехова (1. Јов. 2:20; Отк. 14:1). Неговиот дух ги поттикнува да извикаат: „Ава, Татко!“ Тие навистина имаат посебен однос со Бог!

ЦЕНИ ЈА НАДЕЖТА ШТО ТИ ЈА ДАЛ БОГ

17. Каква надеж имаат помазаниците, и како гледаат тие на неа?

17 Ако си помазан христијанин, тогаш во твоите лични молитви често ќе ја спомнуваш надежта за живот на небото. Кога Библијата зборува за свадбата на Исус и неговата „невеста“ на небото, ти знаеш дека тие стихови се однесуваат на тебе и со радост го очекуваш тој настан (2. Кор. 11:2; Јован 3:27-29; Отк. 21:2, 9-14). Кога Бог во својата Реч ја изразува својата љубов кон своите духовни деца, знаеш дека Тој ти зборува тебе. И, кога во Библијата читаш упатства кои конкретно се наменети за помазаните синови, светиот дух те поттикнува да ги послушаш бидејќи си сигурен дека се однесуваат на тебе. На тој начин, Божјиот свет дух ‚сведочи со твојот дух‘ дека имаш небесна надеж.

18. Каква надеж имаат ‚другите овци‘, и како гледаш ти на таа надеж?

18 Од друга страна, ако си дел од „големото мноштво“ на „други овци“, Бог ти дал надеж за вечен живот на Земјата (Отк. 7:9; Јован 10:16). Ти со радост размислуваш за она што Библијата го кажува за идниот Рај. Со нетрпение очекуваш да живееш заедно со твоето семејство и твоите пријатели во тој нов мирољубив свет. Едвај чекаш да им биде ставен крај на гладот, сиромаштијата, страдањата, болестите и смртта (Пс. 37:10, 11, 29; 67:6; 72:7, 16; Иса. 33:24). Копнееш по денот кога ќе можеш да ги прегрнеш твоите најмили кои умреле (Јован 5:28, 29). Сигурно од дното на душата си му благодарен на Јехова затоа што ти ја дал таа прекрасна надеж! Иако не земаш од симболите, присуствуваш на Спомен-свеченоста за да го покажеш своето ценење за откупната жртва на Исус Христос.

ДАЛИ ЌЕ ПРИСУСТВУВАШ?

19, 20. а) Што треба да правиш за да живееш вечно? б) Зошто ќе присуствуваш на Господаровата вечера?

19 Ќе можеш да живееш вечно — или на Земјата или на небото — само ако покажуваш вера во Јехова Бог, во Исус Христос и во откупнината. Кога ќе присуствуваш на Спомен-свеченоста, ќе имаш можност да размислуваш за твојата надеж и за важноста на Исусовата смрт. Затоа, биди решен да бидеш меѓу милионите луѓе кои ќе ја одбележат Господаровата вечера по зајдисонце во петок, на 3 април 2015 год., во Салите на Царството и на други места низ целиот свет.

20 Спомен-свеченоста може уште повеќе да ја зголеми твојата благодарност за откупната жртва на Исус. Внимателно слушај го предавањето таа вечер бидејќи тоа може да те поттикне да покажеш љубов кон другите така што ќе им зборуваш за Јеховината љубов кон нас и за неговата прекрасна намера со човештвото (Мат. 22:34-40). Затоа, не дозволувај ништо да те спречи да присуствуваш на одбележувањето на Господаровата вечера!

^ пас. 1 Кај Евреите, денот почнувал на зајдисонце и завршувал на следното зајдисонце.

^ пас. 9 Види ја брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч, дел 16.