Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

This Is Our Spiritual Heritage

This Is Our Spiritual Heritage

„Тоа е наследството на Јеховините слуги“ (ИСА. 54:17)

1. Што зачувал Јехова за доброто на човештвото?

 ЈЕХОВА, „живиот и вечен Бог“, ја зачувал својата животоважна порака за човештвото. Библијата јасно вели: „Јеховината реч останува засекогаш“ (1. Пет. 1:23-25). Колку сме благодарни што Бог ја зачувал таа важна порака во својата пишана Реч!

2. Што сака Бог да знаеме за него?

2 Јехова сака сите да го знаеме името што самиот си го избрал. Библијата првпат го спомнува неговото име кога го опишува создавањето на небесата и на Земјата (1. Мој. 2:4). Јехова неколку пати со чудо го напишал своето име на камените плочи со Десетте заповеди. На пример, првата заповед почнувала со следниве зборови: „Јас сум Јехова, твојот Бог“ (2. Мој. 20:1-17). Божјето име е познато до ден-денес затоа што Севишниот Господар Јехова ги зачувал својата Реч и своето име иако Сатана на секој можен начин се обидувал да ги уништи (Пс. 73:28).

3. Што зачувал Бог и покрај тоа што во светот се раширени верски лаги?

3 Јехова сака да ја знаеме и вистината за него. Таа е зачувана во неговата Реч. Иако верските лаги се раширени низ целиот свет, ние сме многу благодарни што Бог ни ја дава духовната светлина и вистина. (Прочитај Псалм 43:3, 4.) Додека светот талка во духовна темнина, ние со радост одиме во духовна светлина (1. Јов. 1:6, 7, фус.).

НИЕ ИМАМЕ СКАПОЦЕНО НАСЛЕДСТВО

4, 5. Каква огромна чест имаме од 1931 год.?

4 Како христијани, ние имаме скапоцено наследство. Според еден речник, „во наследството на една земја спаѓаат обележјата, обичаите и начинот на живот... кој се пренесува од поколение на поколение“ (Collins Cobuild English Dictionary). И ние како Јеховини сведоци имаме слично наследство. Јехова ни помогнал да ја разбереме Библијата, како и вистината за Него и за Неговите намери. Освен тоа, ни дал една посебна чест — да го носиме неговото име.

Со воодушевеност го прифативме името Јеховини сведоци на нашиот конгрес во 1931 год.

5 Ова име го добивме на конгресот што се одржа во Колумбус (Охајо, САД) во 1931 год. На првата страница од отпечатената програма стоеја две големи букви. Мнозина од присутните се обидоа да погодат што значат овие букви. Всушност, тоа беа првите букви од нашето ново име! Дотогаш се нарекувавме Истражувачи на Библијата, но со резолуцијата која беше изгласана во недела, на 26 јули 1931 год., го прифативме името Јеховини сведоци. Тоа беше незаборавен ден бидејќи добивме име кое се темели на Библијата. (Прочитај Исаија 43:12.) „Никогаш нема да го заборавам громогласниот восклик и аплауз кој одекна во салата каде што бевме собрани“, рекол еден брат. Ниту една друга религиозна група во светот не сакаше да го користи Божјето име. Но, за нас е навистина огромна чест што повеќе од 80 години Јехова ни дозволува да го носиме неговото свето име!

6. Кои информации се дел од нашето духовно наследство?

6 Нашето наследство се состои и од цела ризница на точни и важни информации за Божјите слуги кои живееле во минатото. На пример, размисли за Авраам, Исак и Јаков. Овие семејни поглавари, како и нивните семејства, сигурно разговарале за тоа како да му угодат на Јехова. Без сомнение, таквите разговори му помогнале на праведниот Јосиф да не направи неморал со жената на Петефри и да не ‚му згреши на Бог‘ (1. Мој. 39:7-9). Христијанските преданија исто така биле пренесувани усно или со пример. Меѓу нив биле и упатствата во врска со Господаровата вечера што апостол Павле им ги пренел на христијанските собранија (1. Кор. 11:2, 23). Сето ова било запишано во Библијата за да можеме ние денес да му служиме на Бог „со дух и со вистина“. (Прочитај Јован 4:23, 24.) Библијата може да им помогне на сите луѓе, но особено ние како Јеховини слуги треба да бидеме благодарни за неа.

7. Кое охрабрувачко ветување е дел од нашето наследство?

7 Во нашите публикации читаме за она што Јехова го прави денес за да му помага на својот народ и да го штити. И тие извештаи, кои потврдуваат дека ‚Јехова е на нашата страна‘, се дел од нашето духовно наследство (Пс. 118:7). Тоа ни помага да се чувствуваме безбедно дури и кога сме прогонувани. Во нашето сѐ поголемо наследство спаѓа и следново охрабрувачко ветување: „,Никакво оружје направено против тебе нема да успее, и ќе го прогласиш за зол секој јазик што ќе се подигне на суд против тебе. Тоа е наследството на Јеховините слуги и од мене е нивната праведност‘, вели Јехова“ (Иса. 54:17). Според тоа, ниту едно оружје на Сатана не може трајно да ни наштети.

8. Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?

8 Сатана до ден-денес се обидува да ја уништи Божјата Реч, да го отстрани името Јехова и да ја скрие вистината. Но, Бог ги осуетува сите негови обиди. Во оваа и во следната статија ќе видиме 1) како Јехова ја зачувал својата Реч, 2) како се погрижил да биде зачувано неговото име и 3) како ни овозможил да ја запознаеме вистината денес.

ЈЕХОВА ЈА ЗАЧУВАЛ СВОЈАТА РЕЧ

9-11. Кои примери покажуваат дека Библијата преживеала најразлични напади?

9 Божјата Реч била напаѓана од сите страни. Во Католичката енциклопедија се вели: „Во 1229 год., концилот во Тулуз забранил обичните верници да користат [Библии на народен јазик] поради проблемите што Црквата ги имала со Албижаните и Валдензите... На соборот што го свикал Јаков I [Арагонски], кој бил одржан во 1234 год. во Тарагона (Шпанија), била донесена слична забрана... Римската света столица за првпат директно се вмешала во 1559 год., кога папата Павле IV издал список во кој, меѓу другото, било забрането да се печатат и да се поседуваат [Библии] на народен јазик без одобрение на Црковниот суд“ (Enciclopedia Cattolica).

10 И покрај сѐ, Божјата Реч била зачувана. Околу 1382 год., Џон Виклиф и неговите соработници го направиле првиот англиски превод на Библијата. Друг библиски преведувач бил Вилијам Тиндејл, кој бил погубен во 1536 год. Се вели дека, додека бил врзан на столбот, тој извикал: „Господе, отвори му ги очите на кралот на Англија“. Потоа бил задавен со јаже и изгорен на клада.

11 Во 1535 год., Мајлс Кавердејл исто така ја превел Библијата на англиски. За „Новиот завет“ и за дел од „Стариот завет“ (од 1. Мојсеева до книгите Летописи), тој го користел преводот на Тиндејл. Другите делови од Библијата ги превел од латински и од германскиот превод на Мартин Лутер. Денес го имаме Преводот Нов свет. Среќни сме поради тоа, бидејќи овој превод на Светото писмо е јасен, точен и лесно може да го користиме во службата. Се радуваме што ниту Сатана ниту луѓето никогаш нема да ја уништат Јеховината реч.

ЈЕХОВА ГО ЗАЧУВАЛ СВОЕТО ИМЕ

Некои луѓе, како што бил Тиндејл, го дале својот живот за Божјата Реч

12. Како Преводот Нов свет помогнал да се зачува Божјето име?

12 Јехова Бог се погрижил да го зачува своето име во Библијата. Главна улога во ова има токму Преводот Нов свет. Во предговорот, одборот кој се состоел од искусни и оддадени преведувачи го напишал следново: „Најистакнато обележје на овој превод е тоа што Божјето име е вратено во текстот на Библијата на местото кое му припаѓа. Го користевме обликот ‚Јехова‘, и тоа на 6.973 места во преводот на хебрејските книги и 237 пати во преводот на грчките книги“. Преводот Нов свет сега е достапен во целост или делумно на повеќе од 116 јазици, и отпечатен е во повеќе од 178.545.862 примероци.

13. Од каде знаеме дека уште првите луѓе го знаеле Божјето име?

13 Првите луѓе, Адам и Ева, го знаеле Божјето име и знаеле како точно се изговара. И Ное го користел Јеховиното име. На пример, во една прилика, тој рекол: „Благословен да е Јехова, Богот на Сем“ (1. Мој. 4:1; 9:26). Самиот Бог изјавил: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име, и никому нема да му ја дадам својата слава“. Исто така рекол: „Јас сум Јехова, и нема друг. Нема Бог освен мене“ (Иса. 42:8; 45:5). Јехова се погрижил неговото име да се зачува и да им се објави на луѓето низ целиот свет. Колкава чест е за нас што можеме да го користиме Божјето име и да служиме како негови Сведоци! Всушност, ние воскликнуваме: „Во името на својот Бог ќе ги подигнеме своите бајраци“ (Пс. 20:5).

14. Каде на друго место се појавува Божјето име освен во Библијата?

14 Божјето име не се појавува само во Библијата. На пример, тоа е напишано и на Моавскиот камен кој бил пронајден во Дибон, на околу 20 километри источно од Мртвото Море. На овој камен има натпис кој го содржи името на израелскиот цар Омри, како и описот што цар Меша го дава во врска со својата побуна против Израел (1. Цар. 16:28; 2. Цар. 1:1; 3:4, 5). Но, Моавскиот камен е од посебна важност затоа што го содржи Божјето име во облик на тетраграмот ЈХВХ. Тетраграмот го има на повеќе места и во писмата од Лахис, делови од глинени плочи што биле пронајдени во Израел.

15. Што е Септуагинтата, и зошто била потребна?

15 Првите преведувачи на Библијата помогнале да се зачува Божјето име. По изгнанството во Вавилон, кое траело од 607 год. пр.н.е до 537 год. пр.н.е., многу Евреи не се вратиле во Јуда и Израел. До третиот век пр.н.е., во Александрија (Египет) се населиле многу Евреи на кои им бил потребен превод на Хебрејските списи на грчки, кој тогаш бил меѓународен јазик. Тој превод бил завршен до вториот век пр.н.е. и бил наречен Септуагинта. Во некои примероци од овој превод Божјето име е напишано со тетраграмот ЈХВХ.

16. Наведи пример како било користено Божјето име во еден превод кој бил издаден во 1640 год.

16 Првата книга која била издадена во американските колонии била превод на Псалмите кој го содржи Божјето име. Преводот бил направен од хебрејски на англиски, и првпат бил отпечатен во 1640 год. Во него се користи Божјето име во некои стихови како, на пример, во Псалм 1:1, 2 каде што се вели дека е „благословен човекот“ што не оди според советот на злите, „туку ужива во законот на Јехова“. Повеќе информации за Божјето име може да се најдат во брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш.

ЈЕХОВА ЈА ЗАЧУВАЛ ДУХОВНАТА ВИСТИНА

17, 18. а) Што е вистина? б) Што е „вистината на добрата вест“?

17 Ние радосно му служиме на ‚Јехова, Богот на вистината‘ (Пс. 31:5). Според еден современ речник, вистина е нешто што се темели на факти. Хебрејскиот збор што во Библијата е преведен со „вистина“ се однесува на нешто што е веродостојно, верно и поткрепено со докази. Грчкиот збор кој е преведен со „вистина“ се однесува на нешто што е исправно или се заснова на факти.

18 Јехова ја зачувал духовната вистина и се погрижил сѐ подобро да ја запознаваме (2. Јов. 1, 2). Нашето разбирање за вистината постепено станува сѐ појасно, бидејќи „патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени“ (Изр. 4:18). Ние во потполност се сложуваме со Исус, кој во молитва до Бог рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Во Божјата пишана Реч се наоѓа „вистината на добрата вест“, односно сите учења во кои веруваме како христијани (Гал. 2:14). Некои од нив се вистината за Јеховиното име, за неговата врховна власт, за откупната жртва на Исус, за воскресението и за Царството. Да видиме како Бог ја зачувал вистината и покрај тоа што Сатана се обидувал да ја скрие.

ЈЕХОВА НЕ МУ ДОЗВОЛУВА НА САТАНА ДА ЈА СКРИЕ ВИСТИНАТА

19, 20. Кој бил Нимрод, и што се обиделе да направат луѓето кога владеел тој?

19 По Потопот живеел Нимрод — моќен ловец кој му се противел на Јехова (1. Мој. 10:9). Како непријател на Јехова Бог, Нимрод му служел на Сатана. Тој бил како противниците на кои Исус им рекол: „Вашиот татко е Ѓаволот и сакате да постапувате според желбите на својот татко. Тој... не остана постојан во вистината“ (Јован 8:44).

20 Нимрод владеел со Вавел и со други градови кои се наоѓале меѓу реките Тигар и Еуфрат (1. Мој. 10:10). Најверојатно тој почнал да го гради Вавел и неговата кула околу 2269 год. пр.н.е. Спротивно на волјата на Јехова, кој сакал луѓето да се населат по целата Земја, тие градители рекле: „Да си изградиме град и кула со врв до небото за да си стекнеме славно име и да не се расееме по целата земја!“ Сепак, не успеале да ја спроведат својата замисла затоа што Бог ‚го побркал јазикот на целата земја‘ и ги расеал оние што сакале да ја изградат кулата (1. Мој. 11:1-4, 8, 9). Очигледно Сатана имал намера да создаде една религија и да ги натера сите да му служат нему. Но, претрпел целосен неуспех. Низ целата човечка историја, Јехова го штител вистинското обожавање, и денес сѐ повеќе луѓе почнуваат да му служат.

21, 22. а) Зошто вистинската религија никогаш не била во опасност? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Всушност, вистинската религија никогаш не била во опасност. Зошто? Затоа што нашиот Најголем Учител се погрижил да се зачува неговата пишана Реч, неговото име и духовната вистина (Иса. 30:20, 21). Радосни сме што можеме да му служиме на Јехова во склад со вистината, но мора да останеме духовно будни и потполно да се потпираме на него и на водството од неговиот свет дух.

22 Во следната статија ќе разгледаме како се развиле некои лажни учења. Ќе видиме дека тие не можат да опстојат кога се испитани во светлина на Божјата Реч. Освен тоа, ќе видиме како Јехова, Оној што ја зачувал вистината, нѐ благословил со тоа што ни помогнал да ги дознаеме вистинските учења, кои се дел од нашето духовно наследство.

[Прашања]