Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Проповедањето на Савле предизвикува непријателство

Проповедањето на Савле предизвикува непријателство

Проповедањето на Савле предизвикува непријателство

ЕВРЕИТЕ во Дамаск не можеле да сфатат. Како може еден ревносен бранител на традиционалните верувања да стане отпадник? Во Дамаск се наоѓал Савле, човекот што ги малтретирал оние што го повикуваат името на Исус во Ерусалим. Дошол во Дамаск да ги прогонува учениците што се таму. Но, сега и самиот проповедал дека истиот тој презрен злосторник што бил прикован поради хулење е Месијата! Зарем Савле полудел? (Дела 9:1, 2, 20⁠-22).

Можеби постоело објаснување. Другите што патувале од Ерусалим заедно со Савле веројатно кажале што се случило по пат. Додека се приближувале кон Дамаск, одеднаш силна светлина почнала да свети околу нив и сите паднале наземи. Се чул и еден глас. Никој, освен Савле, не бил повреден. Тој лежел на патот. Кога конечно станал, другите патници морале да го водат до Дамаск, зашто ништо не гледал (Дела 9:3⁠-8; 26:13, 14).

Противникот станува поборник

Што му се случило на Савле кога бил на пат за Дамаск? Дали долгото патување или жегата на пладневното сонце можеби го изнемоштиле? Решени да најдат природни објаснувања, современите скептици прават сценарија во кои тврдат дека се работи за делириум, халуцинации, сериозна психолошка криза предизвикана од грижата на совест што го измачувала Савле, нервен слом, па дури и наводна предиспозиција за епилепсија.

Но, вистината е дека во таа светлина на Савле му се појавил Исус Христос, уверувајќи го дека Тој е Месијата. На некои уметнички слики што ја претставуваат оваа случка Савле е прикажан како да паѓа од коњ. Иако тоа е можно, Библијата едноставно вели дека ‚паднал наземи‘ (Дела 22:6⁠-11). Сеедно каков дословен пад доживеал Савле, тој пад не бил ништо во споредба со срамниот пад што го доживеал во поглед на статусот. Сега морал да признае дека она што го проповедале следбениците на Исус било вистина. Единственото нешто што му преостанувало на Савле било да им се придружи. Од насилен непријател на Исусовата порака, Савле станал еден од нејзините најверни поборници. Откако му се вратил видот и откако се крстил, ‚Савле станувал сѐ посилен и предизвикувал збунетост кај Евреите кои живееле во Дамаск, логички докажувајќи дека овој е Христос‘ (Дела 9:22).

Пропаѓа заговорот за убиство

Каде отишол Савле, подоцна наречен Павле, откако се преобратил? Кога им пишувал на Галатите, рекол: „Отидов во Арабија, и пак се вратив во Дамаск“ (Галатите 1:17). Изразот „Арабија“ може да значи дека патувал до кој и да било дел од Арапскиот Полуостров. Некои изучувачи велат дека Павле можеби отишол во Сириската Пустина или на некое друго место во Наватејското царство на Арета IV. Најверојатно, откако се крстил отишол на некое мирно место за да размислува, исто како што Исус отишол во пустелијата по неговото крштавање (Лука 4:1).

Кога се вратил во Дамаск, ‚Евреите се посоветувале да го убијат‘ (Дела 9:23). Управителот што служел како претставник на царот Арета во Дамаск го чувал градот за да го фати (2. Коринќаните 11:32). Но, додека непријателите ковале завера да го убијат Савле, учениците на Исус го планирале неговото бегство.

Меѓу оние што му помогнале да избега биле Ананија и учениците коишто биле со апостолот веднаш по неговото преобраќање * (Дела 9:17⁠-19). Можеби помогнале и некои што станале верници како резултат на неговото проповедање во Дамаск, зашто во Дела 9:25 се вели: „Неговите ученици го зедоа и ноќе во кошница го спуштија низ еден отвор во ѕидот“. Изразот „неговите ученици“ можеби укажува на оние што Савле ги поучил. Во секој случај, успехот што го имал во службата веројатно го разгорел непријателството против него што веќе постоело.

Поука што треба да се научи

Кога испитуваме некои настани што се поврзани со преобраќањето и крштавањето на Савле, јасно гледаме дека тој не бил претерано загрижен што ќе мислат другите за него; ниту, пак, се откажал поради жестокото противење. Она што му било најважно бил налогот што го добил да проповеда (Дела 22:14, 15).

Дали неодамна си се уверил колку е важно да се проповеда добрата вест? Ако да, знаеш дека сите вистински христијани мораат да проповедаат за Царството. Не треба да те изненади ако понекогаш твојата служба предизвика непријателски реакции (Матеј 24:9; Лука 21:12; 1. Петрово 2:20). Начинот на којшто Савле реагирал на противењето е за пример. Христијаните што истрајуваат под испити без да се откажат ќе имаат наклоност од Бог. Исус им рекол на своите ученици: „Ќе бидете предмет на омраза на сите луѓе поради моето име“. Но, ги уверил: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:17⁠-19).

[Фуснота]

^ пас. 10 Можно е христијанството да пристигнало во Дамаск или откако Исус проповедал во Галилеја или по Пентекост 33 н.е. (Матеј 4:24; Дела 2:5).

[Слика на страница 28]

Кога му се појавил Исус, Савле ‚паднал наземи‘

[Слика на страница 29]

Савле избегнал еден заговор да биде убиен во Дамаск