Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Што да му вратам на Јехова?“

„Што да му вратам на Јехова?“

Животна приказна

„Што да му вратам на Јехова?“

РАСКАЖАЛА МАРИЈА КЕРАСИНИС

Кога имав 18 години, јас бев тешко разочарување за моите родители, отпадник од семејството и мета на потсмев во селото. Беа користени судски спорови, присила и закани во обид да се скрши мојот интегритет кон Бог — но без успех. Бев уверена дека ако лојално се држам за библиската вистина, ќе добијам духовни благослови од Бог. Кога ќе погледнам на моите повеќе од 50 години служба за Јехова, можам само да ги повторам зборовите на псалмистот: „Што да му вратам на Господа [Јехова, NW], за сѐ што стори за мене?“ (Псалм 116:12).

РОДЕНА сум во 1930 во Агелокастро, едно село на околу 20 километри од пристаништето Кенхреја на источната страна од коринтскиот Истам, каде што било формирано собрание од верни христијани во првиот век (Дела 18:18; Римјаните 16:1).

Моето семејство водеше мирен живот. Татко ми беше претседател на општината и беше многу почитуван. Јас бев трето од петте деца. Моите родители нѐ воспитуваа како ревносни членови на Грчката православна црква. Секоја недела одев на богослужба. Се исповедав пред икони, палев свеќи во селските цркви и ги држев сите пости. Честопати размислував да станам калуѓерка. Со текот на времето, јас станав првата од семејството што ги разочара моите родители.

Воодушевена од библиската вистина

Кога имав околу 18 години, дознав дека Катина, сестрата на еден од моите зетови, која живееше во соседното село, ги чита публикациите на Јеховините сведоци и дека повеќе не оди во црква. Ова многу ме загрижи, па затоа решив да ѝ помогнам да се врати, како што јас мислев, на вистинскиот пат. Затоа, кога дојде да нѐ посети, договорив да одиме да се прошетаме со намера да наминеме во куќата на свештеникот. Свештеникот го почна разговорот со порој подбивни работи против Јеховините сведоци, нарекувајќи ги еретици што ја заведуваат Катина. Дискусијата продолжи три ноќи едно по друго. Катина ги поби сите негови тврдења со добро подготвени библиски аргументи. На крај свештеникот ѝ рече дека затоа што таа е убава, интелигентна девојка, треба да си ја проживее младоста додека може и да почне да се интересира за Бог кога ќе подостари.

На моите родители не им кажав ништо во врска со таа дискусија, но следната недела не отидов во црква. Напладне, свештеникот веднаш дојде во нашата продавница. Измислив изговор дека морав да останам во продавницата за да му помогнам на татко ми.

„Дали е тоа вистинската причина или онаа девојка влијаеше врз тебе?“ ме праша свештеникот.

„Тие луѓе имаат подобри верувања од нас“, му реков отворено.

Свештеникот му се сврте на татко ми и му рече: „Г-н Икономос, веднаш избркајте ја Вашата роднина; таа Ви ја запали куќата“.

Моето семејство се свртува против мене

Тоа се случуваше при крајот на 1940-те, кога Грција минуваше низ силни болки на граѓанска војна. Од страв дека партизаните можат да ме фатат, татко ми направи подготовки да го напуштам селото и да одам кај сестра ми, во селото каде што живееше Катина. Во текот на двата месеца додека бев таму, ми беше помогнато да разберам што вели Библијата за голем број прашања. Се разочарав кога видов дека многу од доктрините на православната црква се небиблиски. Сфатив дека Бог не прифаќа обожавање преку икони, дека различни религиозни традиции — како што е обожавањето на крстот — немаат христијанско потекло и дека човек мора да го обожава Бог со „дух и со вистина“ за да му угоди (Јован 4:23; Излез 20:4, 5). Пред сѐ, дознав дека Библијата ја нуди светлата надеж за вечен живот на земјата! Ваквите скапоцени библиски вистини беа меѓу првите лични користи што ги добив од Јехова.

Во меѓувреме, сестра ми и нејзиниот сопруг забележаа дека не се прекрстувам пред да јадеме и дека не се молам пред религиозни икони. Една вечер и двајцата ме истепаа. Следниот ден решив да си заминам од кај нив и отидов кај тетка ми. Зет ми го извести татко ми за тоа. Набрзо потоа татко ми дојде расплакан и се обиде да ме предомисли. Зет ми клекна пред мене и ме преколнуваше да му простам, и му простив. За да ја смират работата, побараа да се вратам во црквата, но јас останав цврста.

Кога се вратив во селото на татко ми, притисоците продолжија. Никако не можев да комуницирам со Катина и немав никаква литература што би можела да ја читам, дури ни Библија. Бев толку среќна кога една моја братучетка се обиде да ми помогне. Кога отиде во Коринт, нашла една жена Сведок и се врати со книгата “Let God Be True” („Нека Бог биде вистинит“) и примерок од Христијанските грчки списи што почнав да го читам скришно.

Животот тргнува по неочекуван правец

Свирепото противење траеше три години. Немав никакви контакти со Сведоците ниту, пак, можев да добивам литература. Меѓутоа, без да бидам свесна, во мојот живот требаше да се случат големи настани.

Татко ми ми кажа дека треба да одам кај вујко ми во Солун. Пред да заминам за Солун, отидов во еден шнајдерски дуќан во Коринт за да си сошијам капут. Колку само бев изненадена кога видов дека Катина работи таму! Бевме пресреќни што се гледаме по толку долго време. Кога си одевме од дуќанот, сретнавме еден пријатен млад човек што се враќаше од работа и си одеше дома на својот велосипед. Се викаше Хараламбос. Откако се запознавме подобро, одлучивме да се венчаме. Исто така, отприлика во истото време, на 9 јануари 1952, го симболизирав своето предание на Јехова со крштавање.

Хараламбос веќе беше крстен. И тој се соочуваше со противење од своето семејство. Хараламбос беше многу ревносен. Служеше како помошник на собранискиот слуга и водеше многу библиски студии. Набрзо, неговите браќа ја прифатија вистината и денес повеќето членови на нивните семејства му служат на Јехова.

На татко ми навистина му се допаѓаше Хараламбос, па затоа се согласи со бракот, но мајка ми не можеше лесно да се убеди. И покрај сето ова, Хараламбос и јас се венчавме на 29 март 1952. Само мојот најстар брат и еден мој братучед дојдоа на венчавката. Во тоа време не ни знаев колку неспоредлив благослов — вистински дар од Јехова — ќе биде Хараламбос! Како негова придружничка можев да го градам мојот живот околу Јеховината служба.

Ги зајакнуваме нашите браќа

Во 1953 Хараламбос и јас решивме да се преселиме во Атина. Сакајќи да прави повеќе во проповедничкото дело, Хараламбос се откажа од семејниот бизнис и најде работа со скратено работно време. Попладневните часови ги минувавме заедно во христијанската служба и водевме многу библиски студии.

Бидејќи имаше официјални ограничувања на нашата служба, моравме да бидеме досетливи. На пример, решивме да оставиме еден примерок од списанието Стражарска кула во излогот на еден киоск, или трафика, во центарот на Атина каде што маж ми работеше со скратено работно време. Еден полицаец со висок чин ни рече дека списанието е забрането. Меѓутоа, ни побара еден примерок за да се распраша во службата за безбедност. Кога таму го уверија дека списанието е законско, тој се врати и ни го кажа тоа. Штом другите браќа што имаа киосци го чуја ова, и тие почнаа да ставаат примероци од Стражарска кула во своите излози. Еден човек зеде Стражарска кула од нашиот киоск, стана Сведок и сега служи како старешина.

Исто така, за нас беше радост кога мојот најмал брат ја дозна вистината. Тој дојде во Атина да студира на факултетот за поморска трговија, и го зедовме со нас на еден конгрес. Нашите конгреси се одржуваа тајно во шумите. Нему му се допадна она што го чу, но набрзо потоа почна да патува. На едно од своите патувања пристигнал во едно пристаниште во Аргентина. Таму еден мисионер се качил на бродот да проповеда, и брат ми му побарал од нашите списанија. Бевме пресреќни кога добивме писмо од него во кое велеше: „Ја најдов вистината. Претплатете ме на списанијата“. Денес, тој и неговото семејство верно му служат на Јехова.

Во 1958 мојот сопруг беше поканет да служи како патувачки надгледник. Бидејќи нашето дело беше под забрана и условите беа многу тешки, патувачките надгледници обично служеа без своите сопруги. Во октомври 1959 ги прашавме одговорните браќа во канцеларијата на подружницата дали може и јас да го придружувам. Се согласија. Требаше да ги посетуваме и да ги зајакнуваме собранијата во централна и северна Грција.

Тоа не беа лесни патувања. Асфалтираните патишта беа ретки. Бидејќи немавме автомобил, обично патувавме со јавен превоз или во камиони, заедно со кокошки и друга трговска роба. Носевме гумени чизми за да можеме да одиме по калливите патишта. Бидејќи во секое село имаше цивилна полиција, за да избегнеме испрашување моравме да влегуваме во селата скриени во темнината на ноќта.

Браќата многу ги ценеа тие посети. Иако повеќето од нив работеа напорно на своите полиња, вложуваа секаков напор за да присуствуваат на состаноците што се одржуваа доцна навечер во различни домови. Исто така, браќата беа многу гостољубиви и ни го нудеа најдоброто што го имаа, иако имаа многу малку. Понекогаш спиевме со целото семејство во иста соба. Верата на браќата, нивната истрајност и ревност се покажаа како уште еден скапоцен благослов за нас.

Ја зголемуваме нашата служба

Во февруари 1961, додека бевме во посета на канцеларијата на подружницата во Атина, бевме запрашани дали би биле спремни да служиме во Бетел. Одговоривме со зборовите на Исаија: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Два месеца подоцна добивме писмо во кое ни беше кажано да дојдеме во Бетел што е можно поскоро. Така, на 27 мај 1961 почнавме да служиме во Бетел.

Ја сакавме нашата нова доделба и веднаш се чувствувавме пријатно. Мојот сопруг работеше во Службеното одделение и во одделот за претплати, а подоцна некое време служеше и во Одборот на подружницата. Јас имав разни доделби во домот. Фамилијата тогаш се состоеше од 18 члена, но речиси пет години имаше околу 40 луѓе затоа што школата за старешини се одржуваше во Бетел. Наутро ги миев садовите, помагав со готвењето, местев 12 кревети и ги поставував масите за ручек. Попладне пеглав и чистев тоалети и соби. Еднаш неделно работев и во пералницата. Имаше многу работа, но бев среќна што можам да помогнам.

Бевме многу зафатени со нашите бетелски доделби но и со службата на теренот. Многупати водевме дури и по седум библиски студии. За време на викендите го придружував Хараламбос кога држеше говори во различни собранија. Бевме неразделни.

Водевме библиска студија со еден брачен пар што беше тесно поврзан со Грчката православна црква и чиј личен пријател беше свештеникот што го водеше антиеретичкото претставништво на црквата. Во својата куќа, овој брачен пар имаше една соба полна со икони каде што постојано се кадеше темјан и каде што по цел ден свиреа византиски црковни песни. Некое време ги посетувавме во четвртоците за да ја проучуваме Библијата, а нивниот пријател свештеник ги посетуваше во петоците. Еден ден нѐ замолија неодложно да дојдеме зашто имале изненадување за нас. Првото нешто што ни го покажаа беше таа соба. Се ослободиле од сите икони и ја реновирале собата. Овој брачен пар и понатаму напредуваше и и двајцата се крстија. Сѐ на сѐ, ја имавме радоста да видиме околу 50-мина од оние со кои водевме библиски студии како го предаваат својот живот на Јехова и се крштаваат.

Особена корист во којашто уживав беше дружењето со помазани браќа. Посетите на членовите на Водечкото тело, како што беа брат Нор, Франц и Хеншел, беа огромно охрабрување. По повеќе од 40 години, сѐ уште сметам дека служењето во Бетел е огромна чест и привилегија.

Се справувам со болест и загуба

Во 1982 мојот сопруг почна да покажува знаци на Алцхајмерова болест. До 1990 здравјето му се влоши и на крај му беше потребна постојана нега. Последните осум години од неговиот живот воопшто не можевме да излеземе од Бетел. Многу сакани браќа од бетелската фамилија, како и одговорните надгледници, направија подготовки да ни помогнат. Меѓутоа, и покрај нивната љубезна помош, морав да поминувам долги часови грижејќи се за него дење и ноќе. Понекогаш ситуацијата беше крајно тешка и поминав многу бессони ноќи.

Во јули 1998 мојот љубен сопруг почина. Иако многу ми недостига, ме теши тоа што тој е во добри раце и знам дека Јехова ќе се сети на него и на милиони други при воскресението (Јован 5:28, 29).

Благодарна за благословите од Јехова

Иако го изгубив мојот сопруг, не сум сама. Сѐ уште ја имам предноста да служам во Бетел и ја чувствувам љубовта и грижата на целата бетелска фамилија. Моето пошироко семејство вклучува духовни браќа и сестри од цела Грција. Иако сега имам над 70 години, сѐ уште можам да работам полновремено во кујната и во трпезаријата.

Во 1999 ми се оствари еден животен сон кога го посетив седиштето на Јеховините сведоци во Њујорк. Не можам да ви опишам како се чувствував. Тоа беше охрабрувачко и незаборавно искуство.

Кога ќе погледнам назад, искрено сметам дека не можев да го искористам мојот живот на подобар начин. Најдобрата кариера што некој може да ја има е да му служи на Јехова полновремено. Со уверување можам да кажам дека никогаш ништо не ми фалеше. Јехова љубезно се грижеше за мојот сопруг и за мене и духовно и физички. Од лично искуство, сфаќам зошто псалмистот прашал: „Што да му вратам на Господа [Јехова, NW], за сѐ што стори за мене?“ (Псалм 116:12).

[Слика на страница 26]

Јас и Хараламбос бевме неразделни

[Слика на страница 27]

Мојот сопруг во својата канцеларија во подружницата

[Слика на страница 28]

Сметам дека бетелската служба е голема привилегија