Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Црквата и државата во Византија

Црквата и државата во Византија

Црквата и државата во Византија

ОСНОВАЧОТ на христијанството бил многу јасен во однос на острата разлика што ќе постои меѓу неговите следбеници и светот на човештвото отуѓено од Бог. Исус на своите следбеници им рекол: „Да бевте дел од светот, светот ќе го сакаше своето. А бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19). Пред Пилат, претставник на политичката власт од негово време, Исус изјавил: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36).

За да ја исполнат својата одговорност да проповедаат „до најоддалечениот дел од земјата“, христијаните морале да избегнуваат да бидат одвратени

од световни работи (Дела 1:8). Исто како Исус, раните христијани не се мешале во политика (Јован 6:15). Било очигледно дека верните христијани не биле вклучени во некои државни служби ниту, пак, биле на некакви административни положби. Со текот на времето ова се сменило.

„Дел од светот“

Некое време по смртта на последниот апостол, верските водачи на своја рака почнале да ги менуваат своите гледишта во врска со себеси и светот. Почнале да си замислуваат „царство“ кое не само што било во светот туку било и дел од него. Разгледувањето на тоа како религијата и политиката биле испреплетени во Византиската Империја — Источната Римска Империја, со нејзината престолнина Визант (сега Истанбул) — ќе биде многу поучно.

Во општество во кое религијата традиционално играла голема улога, византиската црква, со нејзиниот центар во Визант, поседувала прилична моќ. Црковниот историчар Панајотис Христу еднаш забележал: „Византијците ја сметале својата земна Империја за слика на Божјето Царство“. Меѓутоа, императорската власт не го делела секогаш тоа мислење. Како резултат на тоа, односот меѓу црквата и државата понекогаш бил бурен. The Oxford Dictionary of Byzantium вели: „Епископите од Константинопол [односно Визант] покажале најразлично однесување, вклучувајќи и плашлива подреденост на некој моќен владетел . . . плодна соработка со престолот . . . и смело противење на волјата на императорот“.

Патријархот на Константинопол, поглаварот на Источната црква, станал многу влијателна личност. Всушност, тој го крунисувал императорот, па затоа од императорот се очекувало да биде верен бранител на православието. Патријархот бил и многу богат, бидејќи огромните ресурси на црквата биле под негова контрола. Моќта ја црпел од власта над безбројните монаси како и од влијанието над лаиците.

Патријархот честопати бил во состојба да му пркоси на императорот. Можел да се закани и со екскомуникација —наметнувајќи ја својата волја во името на Бог — или да прибегне кон други методи со кои можел да ги сруши императорите.

Со постепеното намалување на државната администрација надвор од престолнината, епископите често станувале најмоќните луѓе во својот град, еднакви на управителите на провинциите во чиј избор помагале и самите. Епископите се занимавале со судски случаи и световни работи секогаш кога била вклучена црквата — а понекогаш и кога не била. За тоа придонесувал фактот што свештениците и монасите, подложни на своите локални епископи, броеле на десетици илјади.

Политика и симонија

Како што покажува горенаведеното, пасторската позиција станала нераздвојно испреплетена со политиката. Освен тоа, за големиот број свештеници и нивните верски активности биле потребни огромни суми пари. Повеќето свештеници од висок ранг живееле луксузно. Како што црквата се здобивала со моќ и богатство така исчезнувале апостолското сиромаштво и светост. Некои свештеници и епископи плаќале за своето наименување. Симонијата била вообичаена дури и во највисоките рангови од хиерархијата. Свештеници поддржувани од богатите групи на влијателни луѓе се натпреварувале за црковни служби во присуство на императорот.

Митото било и средство да се влијае врз повисоките верски водачи. Кога средила нејзиниот маж Роман III да биде убиен и кога сакала да се омажи за својот љубовник и потенцијален император Михаил IV, императорката Зоја (978—1050 н.е.) набрзина го викнала во палатата патријархот Алексиј. Таму тој дознал за смртта на Роман, како и за тоа дека од него се очекувала свадбена церемонија. Тоа што црквата таа вечер го славела Велипеток не ги олеснувало работите за Алексиј. Сепак, тој ги примил великодушните подароци од императорката и удоволил на нејзиното барање.

Подреденост на императорот

Понекогаш, во текот на историјата на Византиската Империја, императорот го користел своето де факто право на наименување кога станувало збор за избор на патријарх на Константинопол. Во тие периоди, никој не можел да стане патријарх против волјата на императорот или да остане долго на таа положба.

Императорот Андроник II (1260—1332) сметал дека е неопходно деветпати да ги смени патријарсите. Во повеќето такви случаи, целта била на патријаршкиот престол да се стави најсвитливиот кандидат. Според книгата The Byzantines (Византијците), еден патријарх дури написмено му ветил на императорот „дека ќе стори сѐ што тој барал, без разлика колку е тоа незаконски, и дека ќе се воздржува да прави нешто што би предизвикало негово незадоволство“. Императорите двапати се обиделе да ја наметнат својата волја врз црквата со тоа што осветиле за патријарх еден кнез од царската фамилија. Императорот Роман I го издигнал на патријаршко достоинство својот син Теофилакт кога тој имал само 16 години.

Ако некој патријарх не успевал да му угоди, суверенот можел да го принуди да абдицира или можел да му нареди на синодот да го симне. Книгата Byzantium (Византија) забележува: „Во текот на византиската историја, вишите власти, па дури и директното влијание на императорот, [почнале] да играат сѐ подоминантна улога во изборот на епископите“.

Имајќи го патријархот покрај себе, императорот претседавал и на црковните концили. Тој ги водел дебатите, ги формулирал одредбите на верата и се расправал со епископите, како и со еретиците, за кои го имал конечниот аргумент — дека ќе ги снајде смрт на столб. Исто така, императорот ги потврдувал и ги спроведувал каноните што ги усвојувал концилот. Тој ги обвинувал оние што му се противеле не само за предавство туку и за тоа дека биле непријатели на верата и на Бог. „Во црквата не смее да се направи ништо што е спротивно на волјата и заповедите на императорот“, рекол еден патријарх од шестиот век. Епископите на дворот — префинети, свитливи мажи, кои лесно паѓале на дискретни гестови на наклоност и вешто ценкање — по правило протестирале толку малку колку и нивниот претпоставен.

На пример, кога патријархот Игнатиј (799—878 н.е.) одбил да му даде причесна на главниот министер Бард, министерот се спротивставил. Бард го замешал Игнатиј со една наводна завера и предавство. Патријархот бил уапсен и протеран. Министерот издејствувал за негова замена да биде избран Фотиј, лаик кој за шест дена се искачил на сите црковни редови на скалата, стигнувајќи на крајот до рангот патријарх. Дали бил Фотиј квалификуван за таа духовна позиција? Бил опишан како човек „со крајно висока амбиција, огромна ароганција и ненадминлива политичка вештина“.

Догмата во служба на политиката

Православието и ересот честопати биле маска за политичко противење, и политичките фактори, а не желбата да се воведат нови доктрини биле тие што влијаеле врз многу императори. Општо земено, императорот го сочувал правото да ја диктира догмата и да изискува црквата да биде послушна на неговата волја.

На пример, императорот Ираклиј (575—641 н.е.) напорно се обидувал да залечи еден раскол во врска со природата на Христос, раскол што се заканувал да ја распарчи неговата исцрпена и кревка империја. Обидувајќи се да направи компромис, вовел една нова доктрина што ја нарекол монотелитизам. * Потоа, за да си ја засигура приврзаноста од страна на јужните провинции на својата империја, Ираклиј избрал нов патријарх од Александрија, Кир од Фазис, кој ја поддржувал доктрината на императорот. Императорот го поставил Кир не само за патријарх туку и за префект на Египет, со власт над неговите локални владетели. Користејќи притисок со мало прогонство, Кир успеал да ја добие согласноста на поголемиот дел од египетската црква.

Горка жетва

Како можеле ваквите настани да ги одразуваат речта и духот на Исусовата молитва каде што се вели дека неговите следбеници ‚нема да бидат дел од светот‘? (Јован 17:14—16).

Оние што тврделе дека се христијански водачи во времето на Византија и подоцна, скапо платиле за својата вмешаност во политиката и во воените работи на светот. Што можеш да видиш од овој краток преглед на историјата? Дали водачите на византиската црква ја стекнале наклоноста на Бог и на Исус Христос? (Јаков 4:4).

Тие амбициозни верски водачи и нивните политички љубовници не му помогнале на вистинското христијанство. Оваа несвета мешавина од религија и политика погрешно ја претставувала чистата религија за која поучувал Исус. Да учиме од историјата и да останеме луѓе што ‚не се дел од светот‘.

[Фуснота]

^ пас. 22 Монотелитизмот тврди дека Христос, иако има двојна природа, на Бог и на човек, има една волја.

[Рамка/слика на страница 10]

„КАКО НЕКОЈ БОГ ШТО ШЕТА ПО НЕБОТО“

Настаните поврзани со патријархот Михаил Церулариј (1000—1059) се типични за тоа каква улога можел да игра поглаварот на црквата во работите на државата, како и за неговите амбиции. Откако го добил патријархатот, Церулариј почнал да се стреми кон нешто уште повисоко. Опишан е како арогантен, дрзок и нефлексибилен — „во однесувањето изгледал како некој бог што шета по небото“.

Од желба за самоистакнување, Церулариј го подбуцнал расколот со папата во Рим во 1054, и го принудил императорот да ја прифати поделбата. Задоволен од оваа победа, Церулариј уредил на престолот да биде ставен Михаил VI, кому му помогнал да ја зацврсти моќта. По една година, Церулариј го принудил императорот да се повлече и на престолот го поставил Исак Комнен (1005—1061).

Конфликтот меѓу патријархатот и империјата се зголемил. Церулариј — уверен во јавната поддршка — се заканувал, барал и се служел со насилство. Еден историчар од тоа време забележал: „Тој го претскажа падот на императорот на еден обичен, вулгарен јазик, со зборовите: ‚Јас те кренав, имбецилу еден; но јас и ќе те срушам‘“. Меѓутоа, Исак Комнен наредил тој да биде уапсен, затворен и протеран на Имброс.

Овие примери покажуваат колкав проблем можел да предизвика патријархот на Константинопол и колку смело можел да му се спротивстави на императорот. Престолот честопати морал да се справува со такви мажи, кои биле вешти политичари, способни да му пркосат и на императорот и на војската.

[Карта/слика на страница 9]

(Види во публикацијата)

Максимална големина на Византиската Империја

Равена

Рим

МАКЕДОНИЈА

Константинопол

Црно Море

Никеја

Ефес

Антиохија

Ерусалим

Александрија

Средоземно Море

[Извор на слика]

Карта: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Слики на страници 10 и 11]

Комнен

Роман III (лево)

Михаил IV

Императорката Зоја

Роман I (лево)

[Извори на слики]

Комнен, Роман III и Михаил IV: Со љубезна дозвола на Classical Numismatic Group, Inc.; императорката Зоја: Аја Софија; Роман I: фотографија со љубезна дозвола на Harlan J. Berk, Ltd.

[Слика на страница 12]

Фотиј

[Слика на страница 12]

Ираклиј и син му

[Извори на слики]

Ираклиј и син му: фотографија со љубезна дозвола на Harlan J. Berk, Ltd.; целокупниот дизајн, страници 8—12: Од книгата L’Art Byzantin III Ravenne Et Pompose