Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што значи да се биде лојален?

Што значи да се биде лојален?

Што значи да се биде лојален?

ЕВРЕЈСКИТЕ хасиди од вториот век пр.н.е. се сметале себеси за навистина лојални. Нивното име доаѓа од касид, основниот хебрејски термин за „лојален“. Изведено е од именката кесед, која често се преведува со „срдечна љубезност“, „лојална љубов“, „љубезност“, „доброта“, „милост“. Според Theological Dictionary of the Old Testament (Теолошки речник на Стариот завет), кесед „е активен, друштвен и истраен [и] означува не само човечки став, туку и чинот што произлегува од тој став. Тоа е чин што го зачувува или подобрува животот. Тоа е интервенција во корист на некој што доживува несреќа или неволја. Тоа е покажување пријателство“.

Очигледно, на многу јазици не постои само еден збор што може да го изрази целосното значење на овој хебрејски термин употребен во Библијата. Во секој случај, лојалноста во библиска смисла значи повеќе отколку само верно придржување кон заветите. Ја вклучува идејата за приврзаност од љубов, како и преземање позитивна акција во корист на другите. За да разбереме што значи вистинската лојалност, да разгледаме како Јехова ја покажал кон Авраам, Мојсеј, Давид, нацијата Израел и кон човештвото воопшто.

Јехова покажал лојалност

Јехова му рекол на својот пријател Авраам: „Јас Сум твој штит“ (Битие 15:1; Исаија 41:8). Ова не биле само зборови. Јехова го заштитил и го избавил Авраам и неговото домаќинство од фараонот и од Авимелех. Му помогнал на Авраам да го спаси Лот од еден сојуз на четири цареви. Јехова ја обновил способноста за раѓање кај 100-годишниот Авраам и 90-годишната Сара за преку нив да може да дојде ветеното Семе. Јехова редовно комуницирал со Авраам преку визии, соништа и ангелски гласници. Всушност, Јехова покажал лојалност кон Авраам додека бил жив и долго по неговата смрт. Низ вековите, Јехова ги одржал своите ветувања на потомците на Авраам, нацијата Израел, и покрај нивната тврдоглавост. Јеховиниот однос со Авраам бил показател на тоа што значи вистинската лојалност — љубов претворена во дело (Битие, поглавја 12 до 25).

Се вели дека ‚Господ разговарал со Мојсеј лице в лице, како што човек разговара со пријателот‘ (Излез 33:11). Да, односот на Мојсеј со Јехова бил поприсен од односот што го имал кој и да е друг пророк пред Исус Христос. Како покажал Јехова лојалност кон Мојсеј?

Како 40-годишен маж со сила и способност, Мојсеј дрско ја презел на себе одговорноста да го ослободи својот народ. Но, сѐ уште не било време за тоа. Морал да побегне за да си го спаси животот. Во Мадијам пасел овци 40 години (Дела 7:23-30). Сепак, Јехова не го напуштил. Кога било вистинско време, Мојсеј бил вратен за да го изведе Израел од Египет.

На сличен начин, Јехова покажал лојалност и кон Давид, прочуениот втор цар над Израел. Додека Давид бил уште млад, Јехова му рекол на пророкот Самуил: „Стани помажи го: тој е!“ Оттогаш Јехова лојално го штител и водел Давид сѐ додека не созреал како иден цар над целиот Израел. Јехова го избавил „од лавовски канџи и од мечкините шепи“ и од раката на филистејскиот џин Голијат. Тој му давал на Давид победа до победа над непријателите на Израел, и Јехова го избавил Давид од копјето на љубоморниот Саул, кој бил полн со омраза (1. Самоил 16:12; 17:37; 18:11; 19:10).

Се разбира, Давид не бил совршен човек. Всушност, сериозно згрешил. Меѓутоа, наместо да го напушти, Јехова покажал лојална љубов кон Давид, кој длабоко се каел. Низ целиот Давидов живот, Јехова секогаш одново дејствувал за да го зачува и подобрува животот. Интервенирал во корист на оној што доживувал несреќа. Навистина срдечна љубезност! (2. Самоил 11:1—12:25; 24:1-17).

Нацијата Израел, како целина, стапила во еден посебен предаден однос со Јехова кога се сложила на условите од сојузот на Мојсеевиот закон на гората Синај (Излез 19:3-8). Затоа, Израел е прикажан како да се наоѓа во брачен однос со Јехова. За Израел било речено: ‚Како жена Господ те повика‘. А за неа Јехова рекол: „Ти се смилував со вечна љубов“ (Исаија 54:6, 8). Како покажал Јехова лојалност во овој посебен однос?

Јехова презел иницијатива да се погрижи за потребите на Израелците и да ги зајакне нивните врски со него. Ги избавил од Египет, ги организирал во нација и ги довел во „земја каде течат мед и млеко“ (Излез 3:8). Им давал редовни духовни упатства преку свештениците, Левитите и постојаната река од пророци и гласници (2. Летописи 17:7-9; Неемија 8:7-9; Еремија 7:25). Кога нацијата почнувала да им служи на други богови, Јехова ги исправал. Кога се каеле, им простувал. Мора да се признае, нацијата Израел била една тешка „сопруга“. Сепак, Јехова не ја отфрлил така лесно. Поради ветувањата што му ги дал на Авраам, Тој лојално останал со Израелците сѐ додека не се исполниле Неговите намери во врска со нив (Второзаконие 7:7-9). Каков само одличен пример за оние што се во брак денес!

Јехова покажува лојалност и кон човештвото воопшто во тој поглед што на сите луѓе, праведни и неправедни, им ги обезбедува основните потреби за живот (Матеј 5:45; Дела 17:25). И повеќе од тоа, тој ја дал откупната жртва на својот Син за да може целото човештво да има прилика да биде ослободено од ропството на гревот и смртта и да ги ужива славните изгледи за совршен, вечен живот во Рајот (Матеј 20:28; Јован 3:16). Подготовката со откупнината била врвен чин да се зачува и подобри животот. Тоа навистина било „интервенција во корист на некој што доживува несреќа или неволја“.

Докажи ја својата лојалност со позитивни постапки

Како синоним на срдечната љубезност, лојалноста исто така пренесува силно чувство на заемност. Ако кон тебе се покаже срдечна љубезност, тогаш може да се очекува истото за возврат. Лојалноста се враќа во иста мера. Следниве зборови на Давид покажуваат дека тој ги разбрал импликациите поврзани со кесед: „Се поклонувам пред Твојот свет храм. Го славам Твоето име“. Зошто? „Зашто го возвеличи Твоето слово, повисоко од Своето име“ (Псалм 138:2). Како човек што ја примил Јеховината срдечна љубезност, Давид очигледно бил поттикнат да го обожава и да го фали. Според тоа, додека размислуваме за тоа како Јехова покажал срдечна љубезност кон нас, зарем не сме поттикнати да му возвратиме? На пример, ако се прекорува Јеховиното име, дали твојата загриженост за неговата репутација ќе те мотивира да проговориш во негова одбрана?

Ова им се случило на еден релативно нов христијанин и на неговата сопруга кога присуствувале на погребот на некој роднина што загинал во несреќа со мотоцикл. Тоа била нерелигиозна служба, и на присутните им било дозволено да кажат по нешто за починатиот. Еден говорник го обвинил Бог за прераната смрт на овој младич со зборовите: ‚Бог го сакаше на небото, па затоа го зеде‘. Нашиот христијански брат не можел да молчи. Истапил на бината, иако немал ниту Библија ниту белешки. „Мислите ли дека еден милостив, сочувствителен, семоќен Бог одобрува вакви ситуации?“ — прашал. Потоа продолжил со десетминутен импровизиран говор со библиски цитати кои објаснуваат зошто умираме, што сторил Бог за да го спаси човештвото од смртта, и за прекрасниот изглед за воскресение за вечен живот на рајска Земја. Присутните, над 100 луѓе, одеднаш почнале долго да аплаудираат. Подоцна братот раскажал: „Чувствував внатрешна радост како никогаш порано. Му благодарев на Јехова што ме школува во неговата мудрост и што ми даде можност да го одбранам неговото свето име“.

Лојалноста кон Јехова вклучува и лојалност кон неговата Реч, Библијата. Зошто? Затоа што преку страниците на Библијата, Јехова нѐ поучува како да живееме. Законите и начелата запишани во неа се навистина најдобрите и најкорисни принципи за живот (Исаија 48:17). Не дозволувај притисоците од другите или твоите сопствени слабости да бидат причина да отстапиш од држењето на Јеховините закони. Остани лојален на Божјата реч.

Лојалноста кон Бог вклучува и лојалност кон неговата организација. Неизбежно, низ годините имало исправки и преиначувања во нашето разбирање на извесни стихови. Но, факт е дека никој не е така духовно нахранет како што сме ние (Матеј 24:45-47). Нема сомнение, Јехова останува со својата денешна организација. Зарем не можеме и ние да го правиме истото? А. Х. Мекмилан го правел тоа. Кратко пред својата смрт, тој рекол: „Откако му се предадов на Бог, на дваесет и тригодишна возраст, во септември 1900, видов како Јеховината организација расте од мал почеток до светска заедница на среќен народ кој ревносно ги објавува неговите вистини . . . Додека гледам како се приближува крајот на мојата служба на Бог на Земјата, уверен сум, повеќе од кога и да е порано, дека Јехова го води својот народ и му го дава токму она што му е потребно во право време“. Брат Мекмилан верно и лојално служел скоро 66 години, сѐ до својата смрт на 26 август 1966. Тој бил убав пример на лојалност кон Божјата видлива организација.

Освен што ќе бидеме лојални на организацијата, дали ќе бидеме лојални и еден на друг? Кога ќе се соочиме со закана од брутално прогонство, дали ќе им останеме лојални на нашите браќа и сестри? Во текот на II светска војна, нашите браќа во Холандија дале убав пример на лојалност. Клас де Врис, старешина од собранието Гронинген, бил подложен на сурово, немилосрдно сослушување од нацистичкиот Гестапо, бил ставен во самица 12 дена само на леб и вода и потоа повторно испрашуван. Додека во него бил вперен револвер и под закана со смрт, му биле дадени две минути да открие каде се одговорните браќа, како и некои други витални информации. Единственото што Клас го рекол, било: „Нема ништо да чуете од мене . . . Нема да станам предавник“. Трипати му се заканувале со револверот. Конечно, Гестапо се откажал, и Клас бил ставен во друг затвор. Тој никогаш не ги предал своите браќа.

Дали нашата лојалност ќе се прошири и на нашиот најблизок роднина — брачниот партнер? Исто како што Јехова го почитувал својот сојузен однос со нацијата Израел, дали сме му лојални на нашиот брачен завет? Повеќе отколку само да бидеш непоколебливо приврзан, стреми се активно кон близок однос со својот партнер. Преземи иницијатива да го зацврстиш својот брак. Поминувајте време заедно, комуницирајте слободно и отворено еден со друг, поддржувајте се и храбрете се еден со друг, сослушувајте се еден со друг, смејте се заедно, плачете заедно, играјте заедно, работете на тоа да ги постигнете заемните цели, угодувајте си еден на друг, бидете пријатели. Особено внимавајте да избегнувате да развивате романтични чувства кон други. Иако е во ред и исправно да развивате познанства и други блиски пријателства со други надвор од бракот, романтичните чувства треба да ви бидат ограничени само на сопствениот партнер. Не дозволувај некој друг да дојде меѓу тебе и твојот партнер (Пословици 5:15-20).

Остани им лојален на пријателите и членовите на семејството кои се верници. Не заборавај ги со одминувањето на годините. Остани во контакт со нив, пишувај им, јавувај им се, посетувај ги. Каде и да те одведе патеката во животот, обидувај се да не ги разочараш. Нека бидат среќни да кажат дека те познаваат или дека сте роднини. Лојалноста кон нив ќе те одржи цврст за она што е исправно и ќе ти биде извор на охрабрување (Естира 4:6-16).

Да, вистинската лојалност вклучува позитивни постапки за да се зачуваат скапоцените односи. Прави сѐ што можеш за да возвратиш на Јеховината срдечна љубезност. Имитирај ја Јеховината лојалност во твоите постапки со христијанското собрание, со твојот брачен партнер, со семејството и пријателите. Лојално објавувај им ги Јеховините доблести на твоите ближни. Псалмистот правилно го изразил тоа кога рекол: „За Господовата љубов [срдечна љубезност, NW] ќе пеам довека, Твојата вистина ќе ја проповедам на сите поколенија“ (Псалм 89:1). Зарем не сме привлечени кон еден таков Бог? Навистина, „неговата милост [срдечна љубезност, NW] е довека“ (Псалм 100:5).

[Слика на страница 23]

А. Х. Мекмилан