Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нека те води „законот на добрината“

Нека те води „законот на добрината“

„ДОБРИНАТА на браќата и сестрите ми остави најголем впечаток“ рекла Лиса. * Тоа било првото нешто што ја привлекло кон вистината. Истото било случај и со Ен, која кажала: „На почетокот, кон вистината повеќе ме привлече добрината на Сведоците отколку она за кое ме поучуваа од Библијата“. Иако овие две сестри сега уживаат да ја читаат Библијата и длабоко да размислуваат за неа, од нивните изјави се гледа дека добрината што им ја покажале Сведоците извршила големо влијание врз нив.

Како можеме да покажуваме добрина која другите ќе ги допре до срце? Ќе разгледаме два начина: со нашите зборови и со нашите постапки. Потоа ќе видиме кому треба да му покажуваме добрина.

„ЗАКОНОТ НА ДОБРИНАТА“ НЕКА СЕ ГЛЕДА ВО ТВОИТЕ ЗБОРОВИ

За вредната жена која е спомната во Изреки поглавје 31 пишува: „На нејзиниот јазик е законот на добрината“ (Изр. 31:26). Таа дозволува овој „закон“ да влијае врз тоа што кажува и на кој начин го кажува. „Законот на добрината“ треба да се гледа и во зборовите на сопрузите и татковците. Повеќето родители се свесни дека, ако зборуваат грубо со своите деца, тоа може да ги повреди, и тие веројатно нема да сакаат да ги слушаат. Но, ако родителите зборуваат на љубезен начин, на децата ќе им биде полесно да им бидат послушни.

Без разлика дали си родител или не, како можеш да научиш да зборуваш љубезно? Одговорот се наоѓа во првиот дел од Изреки 31:26, каде што пишува: „Устата своја ја отвора мудро“. Тоа значи мудро да ги избираме нашите зборови и начинот на кој ги кажуваме. Нешто што обично може да ни помогне е да се прашаме: „Дали она што сакам да го кажам ќе предизвика лутина или ќе смири некоја напната ситуација?“ (Изр. 15:1). Значи, мудро би било добро да размислиме пред да кажеме нешто.

Една друга изрека гласи: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“ (Изр. 12:18). Ако размислуваме како нашите зборови и начинот на кој ги кажуваме можат да влијаат врз другите, поголема е веројатноста дека ќе внимаваме што кажуваме. Значи, тоа што ќе се држиме за „законот на добрината“ ќе ни помогне да не користиме навредливи зборови и да не зборуваме на груб начин (Еф. 4:31, 32). Негативните мисли и зборови ќе ги замениме со убави зборови кои ќе ги кажеме на пријатен и срдечен начин. Јехова ни дал пример во овој поглед кога го охрабрил својот исплашен слуга Илија. Тој испратил еден ангел кој му зборувал на Илија со „тивок и благ“ глас (1. Цар. 19:12). Сепак, да се држиме за „законот на добрината“ вклучува повеќе отколку само да користиме љубезни зборови. Мора и да правиме добри дела. Како?

ДОБРИТЕ ДЕЛА ПОЗИТИВНО ВЛИЈААТ ВРЗ ДРУГИТЕ

Го следиме примерот на Јехова така што користиме љубезни зборови и правиме добри дела за другите (Еф. 4:32; 5:1, 2). Лиса, која ја спомнавме претходно, кажува каква добрина ѝ покажале Сведоците. Таа вели: „Кога нашето семејство беше принудено да се пресели во многу краток рок, два брачни пара од собранието зедоа слободни денови од работа за да ни помогнат да се спакуваме. Во тоа време, немав ни почнато да ја проучувам Библијата“. Тие добри дела ја поттикнале Лиса уште повеќе да се заинтересира за вистината.

Ен, која ја спомнавме на почетокот, исто така била благодарна за добрината која ѝ ја покажале Сведоците. Таа рекла: „Поради тоа какви се повеќето луѓе во светот, станав многу сомничава и ми беше тешко да имам доверба во другите“. Понатаму таа рекла: „Кога ги сретнав Сведоците немав доверба ни во нив. Се прашував: ’Зошто се интересираат за мене?‘ Но, искреноста и добрината на сестрата која што проучуваше со мене ми помогна да имам доверба во неа“. Кој бил резултатот од тоа? Ен рекла: „Подоцна почнав повеќе да обрнувам внимание на она што го учев“.

Добрите дела на браќата и сестрите од собранието извршиле силно влијание врз Лиса и Ен и ги поттикнале да дознаат повеќе за вистината. Добрината која им ја покажало собранието им помогнала да стекнат доверба во Јехова и во неговиот народ.

НАУЧИ ДА ПОКАЖУВАШ ДОБРИНА КАКВА ШТО ПОКАЖУВА ЈЕХОВА

Некои имаат природна склоност да користат љубезни зборови и да бидат насмеани поради културата од која потекнуваат. Ако некој е учтив и покажува добри манири поттикнат од својата култура или од својот карактер, тоа е за пофалба. Но, ако е поттикнат само од тие работи, тоа не мора да значи дека покажува вистинска добрина каква што покажува Јехова. (Спореди со Дела 28:2.)

Вистинската добрина е еден од плодовите на Божјиот свет дух (Гал. 5:22, 23). Значи, за да стекнеме вистинска добрина, треба да му дозволиме на Божјиот дух да влијае врз нашето размислување и врз нашите постапки. Кога покажуваме ваква добрина, го следиме примерот на Јехова и на Исус. Од тоа се гледа дека го сакаме Јехова. За да го следиме примерот на Исус, треба вистински да се интересираме за другите луѓе, а со тоа покажуваме љубов кон нив. Според тоа, љубовта кон Јехова и кон другите нѐ поттикнува да покажуваме вистинска добрина — моќна особина која извира од нашето срце и која му се допаѓа на Бог.

КОМУ ТРЕБА ДА МУ ПОКАЖУВАМЕ ДОБРИНА?

Можеби ни е лесно да покажуваме добрина кон оние што биле добри кон нас или кон оние што ги познаваме (2. Сам. 2:6). Еден начин како ќе им покажеме добрина е така што ќе им изразиме благодарност (Кол. 3:15). Но, што ако сметаме дека некој не заслужува да му покажеме добрина?

Размисли за ова: Јехова е најдобар пример за некој што покажува незаслужена доброта и од неговата Реч учиме нешто важно во врска со оваа особина. Изразот „незаслужена доброта“ се користи многу пати во Христијанските грчки списи. Како Бог покажува добрина кон нас?

Јехова им покажал добрина на сите луѓе што живееле до сега така што секој ден им го давал она што им било потребно за живот (Мат. 5:45). Всушност, Јехова покажал добрина кон нас уште пред да го запознаеме (Еф. 2:4, 5, 8). На пример, тој го дал своето најмило, својот единороден Син за сите луѓе. Апостол Павле напишал дека Јехова ја обезбедил откупнината „според богатството на неговата незаслужена доброта“ (Еф. 1:7). Освен тоа, иако постојано му грешиме и го разочаруваме, Јехова продолжува да нѐ води и да нѐ поучува. Неговите поуки и зборови се како „ситен дождец“ (5. Мој. 32:2). Невозможно е да му возвратиме за сета добрина што ни ја покажува. И знаеме дека не би имале никаква надеж за иднината без неговата добрина. (Спореди со 1. Петрово 1:13.)

Без сомнение, добрината што ја има Јехова е извонредна особина која и нас нѐ поттикнува да правиме добри дела. Затоа, наместо да покажуваме добрина само кон одредени луѓе, треба да се трудиме да го следиме примерот на Јехова така што секој ден ќе покажуваме добрина кон сите луѓе (1. Сол. 5:15). Ако постојано покажуваме добрина, ќе бидеме за другите како оган кој ги грее во ладен ден. Ќе бидеме извор на утеха за членовите на нашето семејство, за браќата и сестрите, за колегите, за соучениците и за соседите.

Помисли на членовите од твоето семејство или на браќата и сестрите од твоето собрание на кои особено ќе им користат твоите љубезни зборови и добри дела. Можеби на некој во твоето собрание му е потребна помош за да заврши некои работи низ дома или во градината, или можеби на некој редовно му треба помош, на пример, околу купувањето. Освен тоа, доколку во службата сретнеме некој на кого му е потребна помош, би можеле да му помогнеме на практичен начин.

Да бидеме решени да го следиме примерот на Јехова така што „законот на добрината“ секогаш ќе се гледа од нашите зборови и постапки.

^ Имињата се сменети.