Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Алпски рог — дрво од кое се разлева музика

Алпски рог — дрво од кое се разлева музика

Алпски рог — дрво од кое се разлева музика

СО ВЕКОВИ, некои жители на швајцарските Алпи користеле еден уникатен инструмент за комуникација — алпскиот рог. Можеби се чини дека не е баш најпрактичен за тоа, бидејќи некои алпски рогови се двојно повисоки од оние што свират на нив. Но, алпскиот рог е лесно пренослив. Некои алпски рогови можат дури и да се расклопат и да се носат во куфер. Звукот на рогот може јасно да се чуе низ високите алпски долини дури и на оддалеченост од 10 километри!

Како се прави алпски рог

Алпскиот рог традиционално се изработува од планинска смрека, па затоа е нераздвоен дел од животот на прекрасните швајцарски Алпи. Под дејство на природните сили, смреките растат на стрмни падини, поради што стеблото на дното е извиткано.

Откако ќе го избере дрвото, мајсторот внимателно го цепи на два дела и ги длаби двете половини со посебни длета. Само за ова може да му бидат потребни и до 80 часа! Потоа, ја стружи и ја шмиргла внатрешноста на дрвото. Ги лепи двата дела и цврсто ги стега со ленти од брезова кора. Поставува и дрвен држач на кој стои рогот кога се свири на него. Најпосле, откако ќе го стави усникот и ќе ја декорира чашката со бои или со резба, го премачкува инструментот со водоотпорен лак.

За што се користел

Со генерации, од ливадите високо во планините сточарите дувале во рогот за да им кажат на своите семејства во долините дека сѐ е во ред. Но, го користеле главно за да ги соберат кравите на молзење. Швајцарските млекари долго време веруваат дека пријатниот звук на алпскиот рог ги смирува кравите додека ги молзат.

На зима, кога кравите се враќале во шталите во долините, многу сточари оделе во градот и свиреле на рогот за да заработат уште нешто. Понекогаш, алпскиот рог се користел и за борбени повици.

Како се свири на него?

На прв поглед, може да изгледа дека е лесно да се свири на алпски рог. На крајот на краиштата, овој инструмент нема ни дупки, ни клапни, ни вентили. Предизвикот е во тоа да се регулира протокот на воздух низ цевката за да се добие посакуваниот тон.

Алпскиот рог дава само 12 основни тонови. Иако на овој инструмент не може да се отсвири сѐ, има композиции напишани само за него, а еден вешт музичар може да изведе најразлични прекрасни мелодии.

Некои познати композитори во своите оркестарски дела вклучувале и звук на алпски рог. На пример, Леополд Моцарт — таткото на Волфганг Амадеус Моцарт — ја напишал својата „Sinfonia Pastorella“ за оркестар и corno pastoritio, еден вид алпски рог. Брамс го имитирал звукот на швајцарскиот алпски рог користејќи флејти и хорни, а Бетовен, во својата „Пасторална симфонија“, вклучил имитација на алпски рог за да ја долови атмосферата на селскиот живот.

Првите записи во Швајцарија во кои се спомнува алпскиот рог датираат од 1527 год. и се наоѓаат во една сметководна книга на манастирот „Св. Урбан“. Денес, речиси 500 години подоцна, нежниот звук на алпскиот рог сѐ уште се разлева по прекрасните алпски ливади во Швајцарија.

[Слика на страница 15]

Алпскиот рог може да се расклопи за полесно да се носи