Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што значи да си христијанин?

Што значи да си христијанин?

Гледиште на Библијата

Што значи да си христијанин?

„ДА СЕ БИДЕ христијанин во мојата земја значи да се оди в црква еднаш во неделата“, вели Кингсли, кој живее во една држава во Африка. Раад, од Блискиот Исток, објаснува: „За мојот народ, христијаните се група луѓе што, во своето облекување, празници и однесување кон жените, ги следат обичаите и традициите на Западот“.

Но, дали некој е христијанин само ако оди в црква еднаш во неделата и ако следи извесни општествени обичаи и традиции? Зарем не е логично зборот „христијанин“ да се однесува на човек што ги има истите ставови, вредности и постапки за кои проповедал и според кои живеел Христос? * Какво било христијанството тогаш кога настанало?

Раното христијанство — начин на живот

Исус им рекол на своите следбеници: „Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:14). Бидејќи учењата на Исус влијаеле врз секој аспект од нивниот живот, учениците на Христос во почетокот ја нарекувале својата религија „Патот“ (Дела 9:2). Наскоро потоа, ‚преку божествено провидение учениците биле наречени христијани‘ (Дела 11:26). Ова ново име значело дека тие веруваат дека Исус е Божјиот Син кој им ја објавил на луѓето волјата на својот небесен Татко. Поради ова верување, тие живееле на начин кој се разликувал од начинот на кој живееле луѓето околу нив.

Живеејќи во согласност со Христовите учења, како што учи и Библијата, неговите ученици избегнувале „блуд, нечистотија, бесрамност, идолопоклонство, гатање, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев, судири... пијанки, разуздани гозби и други слични работи“ (Галатите 5:19-21; Ефешаните 4:17-24). Апостол Павле ги потсетил коринтските христијани дека некои од нив и самите порано ги правеле истите тие работи. Потоа додал: „Но испрани сте, посветени, прогласени сте за праведни во името на нашиот Господар Исус Христос“ (1. Коринќаните 6:9-11).

Во својата книга Подемот на христијанството (The Rise of Christianity), Е. В. Барнс пишува: „Според најстарите веродостојни записи за христијанството, ова движење се одликувало со висок морал и поучувало на послушност кон законите. Неговите членови сакале да бидат добри граѓани и верни поданици. Тие ги отфрлале гревовите и пороците карактеристични за паганскиот свет. И во својот приватен живот се труделе да бидат мирни соседи и доверливи пријатели. Биле поучени да бидат одмерени, вредни и чесни луѓе. Доколку навистина ги применувале христијанските начела, тие биле чесни и вистинољубиви, иако живееле во тој расипан и развратен свет. Нивните мерила во однос на моралот биле високи: ја почитувале брачната врска и воделе чесен семеен живот“. Сите овие работи биле карактеристични за христијаните во тие први денови.

Друго карактеристично обележје на првите христијани било нивното ревносно проповедање. Исус им ја дал следнава заповед на своите ученици: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19, 20). Жан Бернарди, професор на универзитетот Сорбона во Париз, изјавил: „[Христијаните] требало да одат и да зборуваат насекаде и со секого. На патиштата и во градовите, на плоштадите и во домовите на луѓето. Сеедно дали биле добредојдени или не. Со сиромасите и со богатите кои биле оптоварени со своите поседи... Морале да патуваат по копно, по море и да одат до крајот на Земјата“.

Вистинското христијанство денес

И денес вистинските христијани треба да се издвојуваат со својот карактеристичен начин на живот, исто како што било случај во првиот век. Во согласност со ова, Јеховините сведоци се трудат строго да се држат за начелата за кои се држеле првите христијани. Другите забележуваат дека тие се напрегаат да живеат во склад со учењата од Библијата.

На пример, New Catholic Encyclopedia признава дека Јеховините сведоци се познати како „една од групите луѓе кои имаат најдобро однесување на светот“. Во весникот Deseret News од Солт Лејк Сити (Јута, САД), стоело дека Јеховините сведоци „се залагаат за цврсти семејни врски и им помагаат на луѓето да станат трудољубиви и чесни граѓани“. Весникот додал: „[Сведоците] живеат според високи морални мерила. Тие сметаат дека пушењето, претераното пиење, дрогирањето, коцкањето, сексуалниот неморал и хомосексуалноста можат да го расипат добриот однос со Бог. Поучуваат на чесност и добри работни навики“.

Освен тоа, Сведоците сериозно ја сфаќаат одговорноста да бидат ревносни проповедници. Во врска со ова, New Catholic Encyclopedia вели: „Основна обврска на секој член... е да сведочи за Јехова со тоа што го објавува неговото Царство кое наскоро ќе дојде... За да биде вистински Сведок, лицето мора делотворно да проповеда на еден или на друг начин“.

Јасно, вистински христијанин не е оној што само припаѓа на некоја од многуте религии на христијанскиот свет. Самиот Исус прорекол дека ќе има многу лажни христијани (Матеј 7:22, 23). Јеховините сведоци те покануваат да дознаеш за што поучувал Исус и да го применуваш она што ќе го научиш. Тогаш ќе бидеш вистински христијанин. Исус рекол: „Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:17).

[Фуснота]

^ пас. 4 Според еден речник, христијанин е некој што верува дека Исус е Христос или ѝ припаѓа на религијата чии верувања се темелат на Христовиот живот и учења.

ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?

◼ Кои луѓе Исус ги нарекол свои пријатели? (Јован 15:14).

◼ Како не треба да се однесуваат вистинските христијани? (Галатите 5:19-21).

◼ Во кое дело треба да учествуваат христијаните? (Матеј 28:19, 20).

[Слики на страница 26]

Вистинските христијани се ревносни проповедници, исто како што биле пред многу векови