Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Корените на омразата

Корените на омразата

Корените на омразата

ОМРАЗАТА се појавила уште во самиот почеток на човечката историја. Библискиот извештај од Битие 4:8 гласи: „Откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби“. „А зошто го уби?“ прашува библискиот писател Јован. „Затоа што неговите дела беа зли, а делата на неговиот брат — праведни“ (1. Јованово 3:12). Авел бил жртва на една од највообичаените причини за омраза: љубомората. „Бесна е љубоморноста во мажот“, се вели во Пословици 6:34. Денес, љубомората заради општествениот статус, богатството, парите и други предности и понатаму ги тера луѓето едни против други.

Незнаење и страв

Но, љубомората е само една од многуте причини за омраза. Честопати, омразата ја разгоруваат незнаењето и стравот. „Пред да научам да мразам, научив да се плашам“, рекол еден млад член на една насилничка расистичка група. Таквиот страв најчесто е вкоренет во незнаењето. Според The World Book Encyclopedia, луѓето со предрасуди обично имаат мислења за кои „се држат без оглед на расположливите докази . . . Луѓето со предрасуди ги искривуваат, ги извртуваат, погрешно ги интерпретираат, па дури и ги игнорираат фактите што се спротивни на нивните однапред создадени мислења“.

Од каде доаѓаат ваквите мислења? Една информативна служба на Интернет вели: „Историјата е одговорна за многу културолошки стереотипи, но и нашето лично минато е одговорно за многу наши предрасуди“.

Во Соединетите Држави, на пример, трговијата со робови оставила зад себе тензии помеѓу многу белци и луѓето од африканско потекло — тензии што постојат до ден-денес. Честопати, негативните расни гледишта се пренесуваат од родителите на децата. Еден човек, кој се декларира како бел расист, признава дека развил негативни расни чувства „без да има никакви контакти со црнците“.

Потоа, тука се и оние што едноставно веруваат дека луѓето што се поинакви од нив не вредат. Ваквото мислење може да се заснова само на една единствена непријатна средба со некого од друга раса или култура. Оттаму, тие избрзано донесуваат заклучок дека сите припадници на таа раса или култура сигурно ги имаат истите непожелни особини.

Нетолеранцијата е доволно одвратна кога ја има кај поединци, но кога ќе се рашири низ цела нација или раса, може да стане смртоносна. Верувањето дека заради националноста, бојата на кожата, културата или јазикот некој е подобар од другите може да води до нетолеранција и ксенофобија (презир кон секој човек и кон сѐ што е странско). Во текот на 20-тиот век, ваквата нетолеранција честопати се изразувала преку насилство.

Интересно, причина за омразата и нетолеранцијата не мора да бидат бојата на кожата или националноста. Истражувачот Кларк Меколи од универзитетот во Пенсилванија пишува дека „произволната поделба на поединците на две групи, дури и со фрлање паричка, е доволна да создаде наклоност кон групата на која ѝ се припаѓа“. Една учителка на трето одделение го покажала ова кога, како дел од еден прочуен експеримент, го поделила одделението на две групи — на деца со сини очи и деца со кафеави очи. За кратко време меѓу двете групи се појавило непријателство. Дури и сојузите што се засноваат на толку обични, прости работи како што е навивање за истиот спортски тим, можат да водат до насилнички пресметки.

Зошто има толку насилство?

Но, зошто ваквото непријателство толку често се изразува со насилство? Истражувачите длабоко ги испитувале таквите прашања и досега можат да понудат само теории. Кларк Меколи составил една опсежна библиографија на истражувањата во врска со човечкото насилство и агресија. Тој ги наведува резултатите од едно истражување што покажува дека „насилничкиот криминал е поврзан со водењето и добивањето војни“. Истражувачите открија дека во земјите што учествуваа во I и II светска војна, особено во земјите што победија во овие војни, имало повеќе убиства по завршувањето на војната“. Според Библијата, ние живееме во време на војни (Матеј 24:6). Дали можеби ваквите војни на некој начин придонеле за порастот и на други облици на насилство?

Други истражувачи бараат биолошко објаснување за човечката агресивност. Едно истражување се обиде да поврзе некои облици на агресивност со „ниските нивоа на серотонин во мозокот“. Друга популарна хипотеза е дека агресивноста се крие во нашите гени. „Голем дел од [омразата] можеби дури е и наследна“, аргументирал еден експерт за политички науки.

Самата Библија вели дека несовршените луѓе се родени со лоши особини и маани (Битие 6:5; Второзаконие 32:5). Се разбира, овие зборови важат за сите луѓе. Но, сите луѓе не се исполнети со неразумна омраза кон другите. Таа мора да се научи. Затоа, прочуениот психолог Гордон В. Алпорт забележал дека кај доенчињата „едвај има  . . . докази за деструктивни инстинкти . . . Бебето е позитивно, пристапува речиси на секаков стимул, на секое лице“. Ваквите забележувања покажуваат дека агресивноста, предрасудата и омразата првенствено се научени однесувања! Оние што разгоруваат омраза агресивно ја искористуваат оваа очигледна способност на луѓето да научат да мразат.

Труење на умот

Во првите редови се водачите на различни групи што разгоруваат омраза, како што се неонацистичките скинхедси и Кју-клукс кланот. Овие групи честопати се сосредоточуваат да примат во своите редови млади од семејства во кои има нарушени односи, кои лесно можат да потпаднат под влијание. Младите што страдаат од чувства на несигурност и инфериорност можеби мислат дека групата што разгорува омраза им нуди чувство на припадност.

Интернет е особено силна алатка што некои ја користат за да разгорат омраза. Според една неодамнешна проценка, на Интернет можеби има 1.000 веб-сајтови што шират омраза. Списанието The Economist цитира како се фалел сопственикот на еден таков веб-сајт: „Интернет ни даде прилика да го изнесеме нашето гледиште пред илјадници луѓе“. Неговиот веб-сајт вклучува и „Детска страница“.

Кога тинејџерите серфуваат на Интернет заради музика, можат случајно да се поврзат со сајтови каде што се емитува музика што разгорува омраза. Обично таквата музика е гласна и насилничка, со стихови што изразуваат силни расистички пораки. Овие веб-сајтови обезбедуваат врски со информативни групи, „чет“ линии или други веб-сајтови што шират омраза.

Некои веб-сајтови нудат специјални оддели што содржат игри и активности за младите луѓе. Еден неонацистички веб-сајт се обидува да ја користи Библијата за да го оправда расизмот и антисемитизмот. Оваа група отвори и една страница со крстозбори со расистички коментари. Со каква цел? „Да им се помогне на младите припадници на белата раса да ја разберат нашата борба.“

Но, не припаѓаат на екстремистичкото крило сите оние што шират омраза. Еден социолог што пишувал за најновите конфликти на Балканот рекол за извесни реномирани писатели и творци на јавното мислење: „Бев шокиран кога видов како [тие] усвојуваат стил што оди во прилог на најниските нагони на нивните сонародници, ја разгорува нивната страсна омраза, го замаглува нивното просудување наговарајќи ги да сметаат дека ниедно однесување не е табу . . . и погрешно прикажувајќи ја вистината“.

Во овој поглед не треба да се превиди ниту улогата на свештенството. Во својата книга Holy Hatred: Religious Conflicts of the ’90’s (Света омраза: Религиозни конфликти во ’90-тите), авторот Џејмс А. Хот ја дава следнава шокантна забелешка: „Голема иронија на 1990-тите е што религијата — наводно извор на љубезност и грижа за човекот — предводи како главен фактор што придонесува за омраза, војни и тероризам“.

Според тоа, изгледа дека причините за омразата се многубројни и сложени. Дали тоа значи дека нема начин човештвото да престане да ја повторува истата грешка од историјата исполнета со омраза? Може ли да се направи нешто на индивидуално и на глобално ниво за да се надминат недоразбирањата, незнаењето и стравот што раѓа омраза?

[Истакната мисла на страница 6]

Предрасудата и омразата се научени однесувања!

[Слика на страници 4 и 5]

Не се раѓаме со . . .

. . . чувства на омраза и нетолеранција

[Слика на страница 7]

Групите што разгоруваат омраза користат Интернет за да ги вклучат младите

[Слика на страница 7]

Религијата честопати разгорувала конфликти

[Извор на слика]

AP Photo