Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Manuel Reino Berengui/DeFodi Images via Getty Images

БИДЕТЕ БУДНИ!

Дали Светското фудбалско првенство навистина може да ги обедини луѓето? Што вели Библијата?

Дали Светското фудбалско првенство навистина може да ги обедини луѓето? Што вели Библијата?

 Се проценува дека Светското фудбалско првенство кое се одржува од 20 ноември до 18 декември 2022 год. ќе го гледаат пет милијарди луѓе. Многумина сметаат дека со ваквите спортски настани може да се постигне многу повеќе отколку само луѓето да се чувствуваат обединето додека ги гледаат натпреварите.

  •   „Спортот има моќ да го промени светот, да инспирира и да ги обедини луѓето онака како што не може речиси ништо друго“ (Нелсон Мандела, поранешен претседател на Јужноафриканската Република).

  •   „Фудбалот... обединува во надеж, обединува во радост, обединува во страст, обединува во љубов, обединува во различностите“ (Џани Инфантино, претседател на ФИФА). a

 Дали Светското фудбалско првенство или кој и да е друг спортски настан може да ги исполни ваквите високи очекувања? Можеме ли да се надеваме на мир и единство?

Дали навистина ги обединува луѓето?

 Оваа година, Светското фудбалско првенство е многу повеќе од фудбал, бидејќи се покренаа дебати околу општествени и политички прашања поврзани со човековите права, расизмот и економската нееднаквост.

 И покрај тоа, многумина уживаат да ги гледаат меѓународните спортски натпреварувања, како што е и ова првенство. Сепак, ваквите настани не можат да придонесат за вистинско и трајно единство, колку и да го посакуваат тоа луѓето. Наместо тоа, на нив честопати доаѓаат до израз некои ставови и постапки кои создаваат поделби и за кои Библијата вели дека ќе преовладуваат во еден посебен период од човечката историја наречен „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5).

Вистинска надеж за единство во светот

 Библијата ни дава надеж дека ќе има единство во целиот свет. Таа ветува дека сите луѓе на Земјата ќе бидат обединети под една небесна влада наречена „Божјето царство“ (Лука 4:43; Матеј 6:10).

 Царот на Божјето Царство, Исус Христос, ќе се погрижи да има мир по целата населена Земја. Во Библијата пишува:

  •   „Ќе процвета праведникот и ќе има голем мир“ (Псалм 72:7).

  •   „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош... Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа“ (Псалм 72:12, 14).

 Уште денес, учењата на Исус веќе обединуваат милиони луѓе од 239 земји. Тие научиле како да ја искоренат омразата од своето срце. За да дознаеш нешто повеќе во врска со ова, прочитај ја серијата статии со наслов „Како да се прекине кругот на омразата“.

a Fédération Internationale de Football Association, односно Меѓународна фудбалска асоцијација.