Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 15

Еден пророк во изгнанство добива виденија за иднината

Еден пророк во изгнанство добива виденија за иднината

Даниел го претскажува доаѓањето на Месијата и на Божјето Царство. Вавилон е освоен

ДАНИЕЛ имал многу јака вера. Уште како младич, пред да биде уништен Ерусалим, бил одведен во Вавилон. Освојувачите им дале извесна слобода нему и на уште неколку Евреи, кои исто така биле одведени во изгнанство кога било поразено царството Јуда. Бог навистина го благословувал Даниел во текот на неговиот долг живот во Вавилон. Меѓу другото, Јехова го избавил од сигурна смрт во една лавовска јама и му дал виденија за далечната иднина. Најважните пророштва на Даниел се однесувале на Месијата и на неговото владеење.

Даниел дознава кога ќе дојде Месијата. На Даниел му било откриено кога Божјиот народ може да го очекува доаѓањето на „Месијанскиот Водач“. Од часот кога ќе излегла заповедта да се обноват ѕидовите на Ерусалим па до доаѓањето на Месијата требало да поминат 69 седмици кои се состојат од години. Една обична седмица трае седум дена, но седмиците кои се состојат од години траат по седум години. Оваа заповед била издадена во 455 год. пр.н.е. — долго време по смртта на Даниел. Од таа година почнале да течат проречените 69 „седмици“, односно 483 години, кои завршиле во 29 год. од н.е. На следната страница ќе видиме што се случило таа година. Даниел исто така прорекол дека Месијата „ќе биде погубен“ за да му се стави крај на гревот (Даниел 9:24-26).

Месијата ќе владее како небесен Цар. Во едно величествено видение за самото небо, Даниел видел како Месијата — „некој како син човечки“ — пристапил до престолот на Јехова. Нему Јехова му ги предал „власта, честа и царството“. Тоа Царство ќе трае засекогаш. Даниел дознал уште еден интересен детаљ во врска со месијанското Царство — дека Царот нема да владее сам, туку ќе има совладетели, кои Даниел ги нарекол „светите слуги на Севишниот“ (Даниел 7:13, 14, 27).

Царството ќе ги уништи сите човечки влади. Бог му дал на Даниел способност да го објасни значењето на еден сон кој го збунил вавилонскиот цар Навуходоносор. Овој цар видел голем кип кој имал глава од злато, гради и раце од сребро, стомак и колкови од бакар, нозе од железо и стапала делумно од железо, а делумно од глина. Потоа видел како од една планина се отцепил камен и го удрил кипот во кршливите стапала и потполно го здробил. Даниел објаснил дека со различните делови од тој кип се претставени неколку светски сили. Златната глава на кипот го претставувала Вавилон. Даниел прорекол дека за време на последната владејачка сила на овој злобен свет, Божјето Царство ќе преземе одлучувачки чекори. Ќе ги сотре сите човечки влади, а самото ќе владее засекогаш (Даниел, 2. поглавје).

Даниел доживеал длабока старост и дочекал да го види падот на Вавилон. Цар Кир го освоил тој град, токму како што претскажале пророците. Недолго потоа, Евреите биле ослободени од заробеништво. Нивната земја лежела опустошена точно 70 години, како што било проречено. Под водство на верните управители, свештеници и пророци, тие успеале повторно да го изградат и Ерусалим и Јеховиниот храм. Но, што требало да се случи откако ќе поминеле тие 483 години?

Се темели на Даниел.