Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 13

Добри и лоши цареви

Добри и лоши цареви

Израелското царство е поделено. Со текот на времето се менуваат многу цареви, но повеќето од нив не му се верни на Бог. Вавилонците го уништуваат Ерусалим

ТОКМУ како што прорекол Јехова, израелското царство се поделило откако Соломон престанал да му служи. Неговиот син и наследник, Ровоам, го угнетувал народот. Како последица од тоа, десет израелски племиња се побуниле и го основале северното царство Израел. Две племиња му останале верни на царот што седел на Давидовиот престол во Ерусалим, и го основале јужното царство Јуда.

И двете царства имале бурна историја, главно затоа што нивните цареви му биле неверни и непослушни на Бог. Ситуацијата во Израел била уште полоша отколку во Јуда, бидејќи израелските цареви од самиот почеток го наведувале народот да им служи на лажни богови. И покрај тоа што некои пророци, како Илија и Елисеј, правеле чуда — па дури и воскреснувале мртви — Израелците секогаш одново се враќале на своите безбожни обичаи. На крајот, Бог дозволил Асирија да го опустоши северното царство.

Царството Јуда се одржало стотина години подолго од израелското царство, но и него го стигнала казна од Бог. Само неколку цареви на Јуда ги послушале предупредувањата што ги разгласувале Божјите пророци и се обиделе да му помогнат на народот да му се врати на Јехова. На пример, цар Јосија почнал да ја чисти Јуда од сѐ што било поврзано со служењето на лажни богови и го обновил Јеховиниот храм. Во храмот бил најден оригинален примерок од Законот што Бог го дал преку Мојсеј. Она што го прочитал во него толку силно влијаело врз Јосија што продолжил со уште поголем жар да ги спроведува започнатите реформи.

За жал, наследниците на Јосија не го следеле неговиот добар пример. Затоа Јехова им дозволил на Вавилонците да ја освојат Јуда и да го разорат Ерусалим и неговиот храм. Оние што преживеале биле одведени во Вавилон. Бог прорекол дека нивното изгнанство ќе трае 70 години. За тоа време Јуда останала да лежи пуста сѐ додека, според Божјето ветување, на народот не му било дозволено да се врати во својата земја.

Меѓутоа, на престолот повеќе не седнал ниту еден цар од лозата на Давид сѐ додека не се зацарил ветениот Избавител, проречениот Месија. Повеќето цареви што седеле на Давидовиот престол во Ерусалим покажале дека несовршените луѓе не се способни да владеат над други луѓе. Само Месијата е вистински способен за оваа улога. Затоа Јехова му го рекол следново на последниот цар од лозата на Давид: „Симни ја круната!.. Таа нема да биде ничија сѐ додека не дојде оној што според законот има право на неа, и нему ќе му ја дадам“ (Езекиел 21:26, 27).

Се темели на 1. Царевите, 2. Царевите, 2. Летописи поглавја 10—36 и Еремија 25:8-11.