Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ

‚Неговите невидливи особини јасно се гледаат‘

‚Неговите невидливи особини јасно се гледаат‘

Веруваш ли во Бог? Ако веруваш, можеш ли да посочиш докази дека тој навистина постои? Всушност, насекаде можеме да видиме докази дека постои Творец кој е мудар, моќен и нѐ сака. Кои се тие докази и колку се очигледни? Одговорот на ова прашање ќе го најдеме во писмото што апостол Павле им го испратил на христијаните во Рим.

Тој напишал: „Неговите [Божјите] невидливи особини, Неговата вечна сила и божествена природа, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, и можат да се разберат преку создаденото, па немаат оправдание“ (Римјаните 1:20, Стандарден Превод). Со други зборови, Творецот како да оставил своерачен потпис на тоа што го создал. Да разгледаме подетално што кажал Павле.

Божјите особини се гледаат „уште од создавањето на светот“, напишал тој. Во овој контекст, грчкиот збор преведен со „светот“ не се однесува на планетата Земја, туку на луѓето. * Значи, Павле сакал да каже дека од моментот кога биле создадени, луѓето можеле да видат какви особини има Творецот набљудувајќи ги делата што ги создал.

Од најголемата до најмалата творба околу нас наоѓаме докази дека постои Творец кој има прекрасни особини. Тие докази не се скриени во природата, туку „јасно се гледаат“. Зарем креативноста која е очигледна во творештвото не сведочи за Божјата мудрост? Зар ѕвезденото небо и силните бранови не ни ја откриваат неговата моќ? Зарем тоа што можеме да уживаме во разните вкусови на храната и во убавите изгрејсонца и зајдисонца не ни ја открива неговата љубов кон нас? (Псалм 104:24; Исаија 40:26).

Колку се очигледни доказите? Тие се толку јасни што оние кои не сакаат да ги видат и да веруваат во Бог „немаат оправдание“. Еден изучувач ја кажал следнава споредба: Замисли си еден возач што го игнорира сообраќајниот знак за „Задолжително обиколување од левата страна“. Еден полицаец го запира и почнува да му пишува казна. Возачот се правда велејќи дека не го видел знакот. Но, неговите изговори не држат бидејќи знакот е поставен на видливо место, а возачот нема проблем со видот. Освен тоа, тој има одговорност да внимава на сообраќајните знаци. Така е и со доказите во природата кои ни потврдуваат дека постои Бог. Овие „знаци“ се многу очигледни. Како суштества обдарени со разум, можеме да ги видиме. Немаме изговор ако ги игнорираме.

Творецот како да оставил своерачен потпис на своите дела

Навистина, она што е создадено ни открива многу за Творецот. Но, има една книга која ни открива уште повеќе за него. Тоа е Библијата. Од неа можеме да го добиеме одговорот на следново важно прашање: Каква е Божјата намера со Земјата и со луѓето? Одговорот на ова прашање ќе ти помогне да се зближиш со Бог, чии ‚невидливи особини јасно се гледаат‘ насекаде околу нас.

Читање на Библијата во август

Римјаните 1-16

^ Освен тоа, Библијата вели дека „светот“ има грев и дека му треба спасител. Ова јасно покажува дека во некои контексти овој збор се однесува на луѓето, а не на Земјата (Јован 1:29; 4:42; 12:47).