Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Втор дел

Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Втор дел

Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Втор дел

Што навистина откриваат глинените плочки

Ова е втората од двете статии во Стражарска кула во кои се разгледани некои прашања во врска со датумот на првото уништување на древниот Ерусалим. Во овие две статии се изнесени одговорите до кои се дошло со темелно истражување на Библијата и на историските докази.

Краток преглед на првата статија:

▪ Историчарите сметаат дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е.

▪ Библиската хронологија јасно покажува дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е.

▪ Историчарите главно ги темелат своите заклучоци на записите од историчарите од класичниот период и на канонот на Птолемеј.

▪ Некои записи на историчарите од класичниот период содржат големи грешки и не се совпаѓаат секогаш со она што го пишува на глинените плочки. *

БИБЛИЈАТА вели дека еврејските заробеници требало да останат во изгнанство во Вавилон ‚додека се наполниле седумдесет години‘, како што претскажал Јехова Бог преку пророкот Еремија. Кога биле ослободени? Во „првата година [на владеењето] на персискиот цар Кир“ (2. Летописи 36:21, 22, Превод на МПЦ). И библиските и историските извештаи потврдуваат дека ова изгнанство завршило кога Кир го освоил Вавилон и ги ослободил Евреите, кои се вратиле во Ерусалим во 537 год. пр.н.е. Бидејќи Библијата јасно вели дека изгнанството траело 70 години, тоа значи дека мора да започнало во 607 год. пр.н.е.

Меѓутоа, повеќето изучувачи сметаат дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е. Тоа би значело дека Евреите биле во изгнанство само 50 години. Зошто овие изучувачи дошле до ваков заклучок? Тие ги темелат своите пресметки на древните глинени плочки со клинесто писмо што содржат податоци за Навуходоносор II и за неговите наследници.1 Многу од тие документи биле напишани во периодот кога бил уништен Ерусалим или отприлика во тоа време. Но, колку се точни пресметките што укажуваат на 587 год. пр.н.е.? Што навистина откриваат текстовите со клинесто писмо?

За да одговориме на овие прашања, ќе разгледаме три вида текстови на кои обично се потпираат изучувачите: 1) Вавилонската хроника, 2) потврдите за деловни зделки и 3) глинените плочки со астрономски податоци.

Вавилонската хроника.

Што претставува таа? Вавилонската хроника претставува збирка од глинени плочки на кои се наведени важни настани од вавилонската историја.2

Што велат стручњаците? Р. Х. Сак, познат стручњак за глинени плочки, вели дека оваа хроника не дава целосен преглед на важните настани. * Тој пишува дека историчарите мора да истражуваат „и други извори... за да дознаат што точно се случило“.

Што откриваат текстовите? Во Вавилонската хроника нема податоци за цели историски периоди.3 (Види во  рамката подолу.) Тогаш, се поставува едно логично прашање: Колку се веродостојни заклучоците кои се темелат на еден таков нецелосен запис?

Потврди за деловни зделки.

Што претставуваат тие? Повеќето вакви глинени плочки од неовавилонскиот период се, всушност, сметкопотврди. На нив е запишан денот, месецот и годината на владеењето на тогашниот цар. На пример, на една плочка стои дека била направена зделка на „27-от ден од нисан во 11-тата година од [владеењето на] Навуходоносор [познат и како Навуходоносор II], царот на Вавилон“.4

Кога царот ќе умрел или ќе бил тргнат од престолот и на негово место ќе бил устоличен новиот цар, преостанатите месеци од таа година на владеење на претходниот цар се сметале за година на устоличувањето на новиот цар. *5 Со други зборови, годината на устоличување на новиот цар била последната календарска година од владеењето на претходниот. Според тоа, логично е на сметкопотврдите во кои се спомнува годината на устоличување на новиот владетел да стојат месеците што следеле откако престанал да владее претходниот цар.

Што велат стручњаците? Професор Р. Х. Сак проучил голем број глинени плочки кои содржат записи за деловни зделки од неовавилонскиот период. Во 1972 год., тој напишал дека, со темелно истражување на некои дотогаш неиздадени плочки кои се чуваат во Британскиот музеј, открил некои детали кои сосема ги поткопале претходните заклучоци за тоа кога Амел-Мардук (познат и како Евил-Меродах) го наследил престолот на својот татко Навуходоносор II.6 Според дотогашните глинени плочки, Навуходоносор II сѐ уште бил на власт во шестиот месец од неговата последна (43-та) година. Но, глинените плочки кои ги проучил Сак датираат од четвртиот и петтиот месец од годината на устоличувањето на неговиот наследник, Амел-Мардук, која според стручњаците е последната година од владеењето на Навуходоносор II.7 Очигледно, овие податоци не се совпаѓале со заклучоците на стручњаците.

Што откриваат текстовите? Има и други вакви несовпаѓања. На пример, глинените плочки покажуваат дека Навуходоносор II сѐ уште владеел во десеттиот месец — значи, шест месеци откако наводно почнал да царува неговиот наследник.8 Слично несовпаѓање постои и во податоците за периодот кога се претпоставува дека Нериглисар го наследил Амел-Мардук.9

Што ни покажува сето ова? Како што веќе беше спомнато, во Вавилонската хроника нема податоци за цели историски периоди. Тоа покажува дека денес најверојатно немаме целосен и непрекинат историски запис за тој период.10 Дали можеби има и други цареви кои владееле во времето меѓу царевите кои се познати? Ако да, тогаш очигледно неовавилонскиот период траел подолго отколку што се мисли. Значи, ниту според Вавилонската хроника ниту според потврдите за деловни зделки не може да се утврди со сигурност дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е. *

Глинени плочки со астрономски податоци.

Што претставуваат тие? Глинени плочки што содржат описи на положбата на Сонцето, Месечината, планетите и ѕвездите, како и некои историски податоци, на пример, годината од владеењето на одреден цар. Во астрономскиот дневник кој е прикажан подолу е спомнато затемнување на Месечината што настапило во првиот месец од првата година на владеењето на царот Мукин-зери.11

Што велат стручњаците? Тие се согласуваат дека Вавилонците изработувале детални табели и методи за да пресметаат кога најверојатно ќе има затемнување во иднина.12

Но, дали можеле да пресметаат и кога имало затемнувања во минатото? Според професор Џон Стил, можно е со помош на истите табели и методи да пресметувале наназад кога настапиле поранешните затемнувања.13 Професор Дејвид Браун смета дека астрономските табели што ги изработувале Вавилонците содржеле предвидувања направени кратко пред да се случат затемнувањата. Сепак, признава дека е можно до некои од податоците напишани на глинените плочки да дошле „писарите од 4 век и од подоцнежните векови пр.н.е. така што пресметувале наназад“ кога најверојатно се случиле затемнувањата.14 Доколку станува збор за таков вид пресметки, можат ли да се сметаат како апсолутно веродостојни доколку не се поткрепени и со други докази?

Дури и ако некое затемнување се случило на одреден датум, дали тоа значи дека и историските податоци што писателот ги поврзал со тој датум навистина се точни? Не секогаш. Изучувачот Р. Ј. ван дер Спек објаснува: „Писарите биле астролози, а не историчари“. Во врска со деловите од глинените плочки што содржат историски податоци, тој вели дека „не се многу прецизни“, и предупредува дека мора „да се земат со резерва“.15

Што покажуваат текстовите? Да ја земеме за пример плочката со ознака VAT 4956. Во првиот ред на оваа плочка пишува: „Триесет и седма година на Навуходоносор, цар на Вавилонија“.16 Во продолжение следи детален опис на положбата на Месечината и на некои планети во однос на различни ѕвезди и соѕвездија. Спомнато е и едно затемнување на Месечината. Изучувачите велат дека сите небесни тела спомнати на таа плочка биле во опишаните положби во 568/567 год. пр.н.е. Бидејќи Навуходоносор II го уништил Ерусалим во 18-тата година од своето владеење, тие дошле до заклучок дека тоа се случило во 587 год. пр.н.е. Но, дали овие астрономски податоци неоспорно укажуваат само на 568/567 год. пр.н.е.?

Според оваа плочка, до затемнување на Месечината дошло на 15-тиот ден од третиот вавилонски месец, симану. Факт е дека во 568 год. пр.н.е. имало затемнување во тој месец, и тоа на денот што би одговарал на 4 јули според јулијанскиот календар. Но, затемнување на Месечината имало и 20 години пред тоа, поточно на 15 јули 588 год. пр.н.е.17

Ако 588 год. пр.н.е. била 37-та година од владеењето на Навуходоносор II, тогаш неговата 18-та година би била 607 пр.н.е. — истата година за која Библијата вели дека бил уништен Ерусалим! (Види го  хронолошкиот преглед подолу.) Но, дали плочката VAT 4956 содржи и други докази што одат во прилог на 607 год. пр.н.е.?

Освен претходно спомнатото затемнување, оваа плочка содржи 13 записи за положбата на Месечината и 15 записи за положбата на различни планети во однос на одредени ѕвезди или соѕвездија.18 Освен тоа, оваа плочка содржи и запис за осум временски интервали меѓу изгревањето и заоѓањето на сонцето и изгревањето и заоѓањето на месечината.18а

Бидејќи може да се одреди со голема точност во која положба била Месечината на одреден датум, изучувачите внимателно ги проучувале овие 13 записи на плочката VAT 4956. Тие ги анализирале податоците со помош на една компјутерска програма која ги прикажува положбите на небесните тела на одредени датуми во минатото.19 Што открило нивното истражување? Опишаните положби на Месечината не одговараат во потполност на 568/567 год. пр.н.е., но сите 13 записи точно се поклопуваат со пресметаните положби за 588/587 год. пр.н.е., односно 20 години пред тоа.

На плочката VAT 4956 прикажана на 26. страница е заокружен еден податок за положбата на Месечината кој одговара повеќе на 588 год. пр.н.е. отколку на 568 год. пр.н.е. Во третиот ред на глинената плочка пишува дека Месечината била во одредена положба „ноќта на 9 [нисану]“, според вавилонскиот календар. Но, изучувачите кои најпрво рекле дека тоа се случило во 568 год. пр.н.е. (-567 според астрономскиот календар), признале дека таа година Месечината била во таква положба на „8, а не на 9 нисану“. За да го усогласат записот на плочката со 568 год. пр.н.е., тие претпоставиле дека писарот згрешил и напишал „9“ наместо „8“.20 Но, положбата на Месечината која се спомнува во третиот ред точно одговара на положбата во која таа била на 9 нисану 588 год. пр.н.е.21

Очигледно, многу од астрономските податоци запишани на плочката VAT 4956 укажуваат на 588 год. пр.н.е. како на 37-ма година од владеењето на Навуходоносор II. Значи, тие одат во прилог на тоа дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е. — токму како што покажува и Библијата.

Зошто да имаме доверба во Библијата?

Денес, повеќето историчари сметаат дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е. Сепак, библиските писатели Еремија и Даниел јасно кажуваат дека Евреите биле во изгнанство 70, а не 50 години (Еремија 25:1, 2, 11; 29:10; Даниел 9:2). Она што го запишале води само до еден заклучок — дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е. Како што се гледа и од доказите што беа изнесени, ова го потврдуваат и некои археолошки и историски извори.

Изучувачите често ја доведуваат во прашање точноста на Библијата. Но, како што излегуваат на виделина сѐ повеќе докази, секогаш одново се потврдува дека она што е запишано во неа е точно. * Имаме добра причина да веруваме во она што го вели таа. Библијата е историски и научно точна, и содржи вистинити пророштва. Тоа јасно покажува дека е вдахновена Божја Реч (2. Тимотеј 3:16). Зошто и самиот не ги испиташ доказите? Најверојатно и ти ќе дојдеш до истиот заклучок.

[Фусноти]

^ пас. 14 Забелешка: Ниту еден од стручњаците што се цитирани во оваа статија не го застапува гледиштето дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е.

^ пас. 18 Годината на устоличувањето не се вбројувала во годините на владеење на новиот цар, туку се однесувала на преостанатите месеци од таа календарска година. Владеењето на новиот цар официјално почнувало да се смета од следната календарска година.

^ пас. 21 Пронајдени се потврди за деловни зделки од сите години за кои се смета дека го сочинувале периодот на неовавилонските цареви. Кога ќе се соберат годините во кои владееле овие цареви и се бројат наназад од Набонид, последниот неовавилонски цар, се доаѓа до заклучок дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е. Но, оваа метода на пресметување е точна само ако секој цар го наследувал претходниот во истата година, односно ако меѓу нив немало други цареви.

^ пас. 36 За конкретни примери, види во поглавја 4 и 5 од книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/табела на страница 23]

(Види во публикацијата)

 ВАВИЛОНСКАТА ХРОНИКА — ДАЛИ ДАВА ЦЕЛОСНА СЛИКА?

Во Вавилонската хроника има податоци за само 35 години од неовавилонскиот период, за кој вообичаено се мисли дека траел 88 години.

ГОДИНА ЗА КОЈА НЕМА ПОДАТОЦИ

ГОДИНА ЗА КОЈА ИМА ПОДАТОЦИ

BM 21901

BM 21946

BM 35382

НЕОВАВИЛОНСКИ ПЕРИОД

ПЕРСИЈЦИ

Набополасар

Навуходоносор II

Амел-Мардук

Набонид

Нериглисар

Лабаши-Мардук

BM 25127

BM 22047

BM 25124

[Извори на слики]

Плочки BM 21901 и BM 35382: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; плочка BM 21946: Copyright British Museum; плочка BM 22047, 25124, 25127: © The Trustees of the British Museum

[Рамка/слика на страница 24]

АСТРОНОМСКИ ДНЕВНИК BM 32238

Оваа глинена плочка содржи запис за затемнувања на Месечината. Но, била испишана дури по последното затемнување, кое настапило околу 400 години по првото кое е спомнато во записот. Бидејќи писарот не бил очевидец на сите тие затемнувања, веројатно користел математички пресметки за да одреди кога се случиле претходните затемнувања. Ако нема додатни докази што би ги потврдиле неговите заклучоци, таквите пресметки не се сигурен извор на историски податоци.

[Извор на слика]

© The Trustees of the British Museum

[Рамка/слики на страници 26 и 27]

ШТО НАВИСТИНА ПИШУВА НА ПЛОЧКАТА VAT 4956?

Зошто се поставува ова прашање? Во третиот ред на оваа глинена плочка пишува дека „ноќта на 9-ти“ во првиот месец (нисану/нисан), „Месечината стоела еден лакот пред ѕвездата Бета (ß) Виргинис“. Но, во 1915 год., Нојгебауер и Вајднер напишале во врска со 568 год. пр.н.е. (која би укажувала на тоа дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е.) дека „Месечината стоела еден лакот пред оваа ѕвезда на 8, а не на 9 нисан“ (нагласено од нас). Но, описот на положбата на Месечината кој е даден на плочката точно одговара на 9 нисан 588 год. пр.н.е., што оди во прилог на тоа дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е.

Што пишува на плочката — 9 или 8 нисан?

1) На придружната фотографија (лево) јасно се гледа акадскиот симбол за бројот 9.

2) Кога го транскрибирале овој текст со клинесто писмо, Нојгебауер и Вајднер го смениле бројот „9“ со „8“.

3) Само од фуснотата се гледа дека во изворниот текст стоел бројот „9“.

4) Тие ставиле „8“ дури и во својот германски превод на акадскиот текст.

5) Во 1988 год., Сакс и Хунгер го издале текстот како што стои во оригиналот, односно со бројот „9“.

6) Сепак, ја уважиле преправката на Нојгебауер и Вајднер, и во својот англиски превод во заграда додале дека бројот „9“ е ставен по „грешка наместо: 8“.

[Извор на слика]

bpk/Vorderasiatisches Museum, SMB/Olaf M. Teßmer

[Рамка на страница 28]

Белешки за статијата „Кога бил уништен древниот Ерусалим? — втор дел“

1. Клинестото писмо е начин на пишување при кој писарот со помош на зашилен клин втиснувал разни знаци на површината од мека глинена плочка.

2. A. K. Grayson, Assyrian and Babylonian Chronicles, 2000 (репринт на изданието од 1975), стр. 8.

3. Неовавилонскиот период започнал во седмиот век пр.н.е., кога дошле на власт царевите од халдејската династија. Првиот владетел бил Набополасар, таткото на Навуходоносор II. Овој период завршил во 539 год. пр.н.е., кога персискиот цар Кир го тргнал од престолот последниот вавилонски цар, Набонид.

4. Ellen Whitley Moore, Neo-Babylonian Business and Administrative Documents, 1935, стр. 33.

5. John M. Steele: “Observations and Predictions of Eclipse Times by Early Astronomers” во делото Archimedes том 4, New Studies in the History and Philosophy of Science and Technology 2000, стр. 36.

6. Ronald H. Sack, Amel-Marduk 562-560 B.C.—A Study Based on Cuneiform Old Testament Greek Latin and Rabbinical Sources. With Plates, 1972, стр. 3.

7. Глинените плочки со ознаки BM 80920 и BM 58872 датираат од четвртиот и петтиот месец од годината на устоличување на Евил-Меродах. Текстот од плочките го објавил Роналд Х. Сак во делото Amel-Marduk 562-560 B.C.—A Study Based on Cuneiform, Old Testament, Greek, Latin and Rabbinical Sources. With Plates, стр. 3, 90, 106.

8. Глинената плочка BM 55806, која се чува во Британскиот музеј, датира од десеттиот месец од 43-та година на Навуходоносор II.

9. Глинените плочки BM 75106 и BM 61325 датираат од седмиот и десеттиот месец на годината која се смета за втора и последна година од владеењето на Евил-Меродах. Но, пронајдена е и глинената плочка BM 75489, која датира од вториот месец од годината на устоличување на неговиот наследник, Нериглисар. (Erle Leichty, J. J. Finkelstein, C.B.F. Walker, Catalogue of the Babylonian Tablets in the British Museum, том VIII, [Tablets from Sipar 3] 1988, стр. 25, 35).

Erle Leichty, A. K. Grayson, Catalogue of the Babylonian Tablets in the British Museum, том VII, (Tablets from Sipar 2), 1987, стр. 36.

Ronald H. Sack, Neriglissar—King of Babylon, 1994, стр. 232. На плочката се наоѓа ознака за месецот ајару (вториот месец).

10. Размисли за примерот на Нериглисар. На еден царски натпис во врска со него се вели дека тој бил „син на Бел-шум-ишкун“, „царот на Вавилон“ (нагласено од нас). Во еден друг натпис, Бел-шум-ишкун е наречен „мудриот принц“. Изворниот збор, рубу, кој е преведен со „принц“, е титула што исто така може да се преведе со „цар, владетел“. Бидејќи постои очигледно несовпаѓање меѓу владеењето на Нериглисар и на неговиот претходник, Амел-Мардук, можно ли е овој ‚цар на Вавилон‘, Бел-шум-ишкун, да владеел некое време меѓу нив двајцата? Професор Р. П. Доерти признал дека „не смеат да се занемарат доказите за благородничкото потекло на Нериглисар“ (Raymond P. Dougherty, Nabonidus and Belshazzar—A Study of the Closing Events of the Neo-Babylonian Empire, 1929, стр. 61).

11. Hermann Hunger, Astronomical Diaries and Related Texts From Babylonia, том V, 2001, стр. 2-3.

12. Sachs: “A Classification of the Babylonian Astronomical Tablets of the Seleucid Period”, Journal of Cuneiform Studies том 2 бр. 4 1948 стр. 282-283.

13. Astronomical Diaries and Related Texts From Babylonia том V стр. 391.

14. David Brown, Mesopotamian Planetary Astronomy-Astrology, 2000, стр. 164, 201-202.

15. R. J. van der Spek: “The Astronomical Diaries as a Source for Achaemenid and Seleucid History”, Bibliotheca Orientalis L N° 1/2 Januari-Maart 1993 стр. 94, 102.

16. Abraham J. Sachs Astronomical Diaries and Related Texts From Babylonia том I завршени и уредени од Hermann Hunger 1988, стр. 47.

17. Peter J. Huber, Salvo De Meis, Babylonian Eclipse Observations From 750 BC to 1 BC, 2004, стр. 186. Според глинената плочка VAT 4956, ова затемнување се случило во 15-тиот ден од третиот вавилонски месец, што значи дека месецот симану почнал 15 дена порано. Ако затемнувањето се случило на 15 јули 588 год. пр.н.е. според нашиот јулијански календар, тогаш првиот ден од симану бил 30 јуни/1 јули 588 год. пр.н.е. Според тоа, првиот вавилонски месец (нисану), со кој почнувала новата година, започнал на 2/3 мај. Иако годината кога се случило ова затемнување нормално требало да започне на 3/4 април, во 6. ред на плочката VAT 4956 стои дека по дванаесеттиот (последниот) месец (адару) од претходната година бил додаден уште еден (престапен) месец. (На глинената плочка пишува: „8-от ден од XII2 [тринаесеттиот] месец“.) Значи, новата година всушност не започнала сѐ до 2/3 мај, и затоа датирањето на ова затемнување во 588 год. пр.н.е. во потполност се совпаѓа со датумот кој е запишан на плочката.

18. Според статијата “Ein astronomischer Beobachtungstext aus dem 37. Jahre Nebukadnezars II” од авторите Паул В. Нојгебауер и Ернст Ф. Вајднер, објавена во делото Berichte über die Verhandlungen der Königl. Sächsischen Gesellschaft der Wissenschaften zu Leipzig; том 67; 1 мај 1915, стр. 67-76, на плочката има 13 записи за положбата на Месечината во однос на одредена ѕвезда или соѕвездие. На неа се наоѓаат и 15 записи за положбите на некои планети (стр. 72-76). Иако знакот за Месечината, напишан со клинесто писмо, е јасен и недвосмислен, некои од знаците за имињата на планетите и нивните положби не се јасни (David Brown, Mesopotamian Planetary Astronomy—Astrology, 2000, стр. 53-57). Поради тоа, податоците за положбите на планетите можат да се толкуваат на повеќе начини. Бидејќи движењето на Месечината низ историјата може лесно да се одреди, астрономите можат со прилична точност да утврдат во каква положба во однос на Месечината биле другите небесни тела спомнати на VAT 4956 и на кој датум биле во таа положба.

18а. Овие временски интервали („лунарни тројки“) се однесуваат, на пример, на времето од заоѓањето на сонцето до заоѓањето на месечината на првиот ден од месецот и на уште два такви временски интервали измерени подоцна во текот на истиот месец. Со помош на овие временски интервали, стручњаците ја пресметале положбата на Сонцето, Месечината и Земјата и ги поврзувале со одредени календарски датуми (F. R. Stephenson, David M. Willis: “The Earliest Datable Observation of the Aurora Borealis”, во делото Under One Sky—Astronomy and Mathematics in the Ancient Near East, [уредено од John M. Steele и Annette Imhausen], 2002, стр. 420-428). На набљудувачите во старо време им бил потребен некој вид часовник за да ги измерат тие интервали. Но, таквите мерења не се веродостојни. (John M. Steele: “Observations and Predictions of Eclipse Times by Early Astronomers”, во делото Archimedes том 4 New Studies in the History and Philosophy of Science and Technology, 2000, стр. 65-66). Сепак, со многу поголема точност можела да се пресмета положбата на Месечината во однос на други небесни тела.

19. Оваа анализа била направена со астрономската компјутерска програма TheSky6™. Освен тоа, дополнително била потврдена и со друга компјутерска програма, Cartes du Ciel/Sky Charts (CDC), како и со една програма на Американската поморска опсерваторија која ги претвора датумите според јулијанскиот календар. Бидејќи знаците со клинесто писмо за повеќето положби на планетите можат да се толкуваат на разни начини, во ова истражување не беа користени овие положби за да се одреди годината на која се укажува во тој астрономски дневник.

20. Paul V. Neugebauer, Ernst F. Weidner: “Ein astronomischer Beobachtungstext aus dem 37. Jahre Nebukadnezars II, (-567/66)”, во делото Berichte über die Verhandlungen der Königl. Sächsischen Gesellschaft der Wissenschaften zu Leipzig; том 67; 1 мај 1915; стр. 41.

21. Во третиот ред на плочката VAT 4956 пишува: „Месечината стоела еден лакот [или 2 степена] пред ѕвездата Бета (ß) Виргинис“. Заклучокот од претходно спомнатата анализа е дека на 9 нисану, Месечината била 2°04ʹ западно и 0° јужно од ѕвездата Бета (ß) Виргинис. Стручњаците сметаат дека тие податоци во потполност се совпаѓаат.

[Табела на страница 25]

(Види во публикацијата)

 ДАЛИ ЕРУСАЛИМ БИЛ УНИШТЕН ВО 587 ГОД. ПР.Н.Е. ИЛИ ВО 607 ГОД. ПР.Н.Е.? ШТО ПОКАЖУВА ПЛОЧКАТА VAT 4956?

◼ На оваа глинена плочка се опишани положбите на некои небесни тела во 37-та година од владеењето на цар Навуходоносор II

◼ Навуходоносор II го уништил Ерусалим во 18-тата година од своето владеење (Еремија 32:1)

Ако 37-та година на Навуходоносор II била 568 год. пр.н.е., тогаш Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е.

610 год. пр.н.е.

600

590

580

570

560

Ако неговата 37. година била 588 год. пр.н.е., тогаш Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е., датумот на кој укажува библиската хронологија.

◼ Записот на плочката VAT 4956 оди повеќе во прилог на 607 год. пр.н.е.

[Извор на слика на страница 22]

Фотографија со љубезна дозвола на British Museum