Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Рајската градина — првиот дом на луѓето?

Рајската градина — првиот дом на луѓето?

Рајската градина — првиот дом на луѓето?

ЗАМИСЛИ СИ дека си во една градина. Ништо не те вознемирува и од никаде не се слуша врева од градскиот метеж. Оваа градина е огромна и ништо не го нарушува мирот во неа. Што е уште поубаво, немаш никакви грижи и не те мачи никаква болест, алергија или болка. Со сите свои сетила уживаш во убавината што те опкружува.

Не можеш да се изнагледаш на живите бои на цветовите, блесокот на водата и прекрасните зелени нијанси на лисјата и на тревата. Пријатното ветре нежно те гали и го чувствуваш опојниот мирис што се шири наоколу. Го слушаш шушкањето на лисјата, заплискувањето на водата која паѓа од високите карпи, птичјиот пој и брмчењето на вредните инсекти. Додека си ја замислуваш оваа сцена, зар не посакуваш да бидеш на едно такво место?

Луѓето во целиот свет веруваат дека човештвото имало таков почеток. Со векови, припадниците на јудаизмот, христијанството и исламот биле поучувани дека Бог ги сместил Адам и Ева во рајска градина. Според Библијата, тие живееле мирно и среќно. Биле во мир еден со друг, со животните и со Бог, кој љубезно им дал можност да живеат вечно во таква прекрасна околина (1. Мојсеева 2:15-24).

И хиндусите имаат свои претстави за древниот рај. Будистите веруваат дека нивните големи духовни водачи, односно Буди, се појавуваат во златни ери кога целиот свет е како рај. Исто така, различни религии во Африка имаат приказни кои се многу слични со приказната за Адам и Ева.

Всушност, идејата дека некогаш имало рај е раширена во многу религии и традиции во светот. Еден писател рекол: „Многу цивилизации верувале дека во минатото имало рај, каде што сѐ било совршено, имало слобода, мир, среќа и изобилство, а немало никакво насилство, притисок и нетрпеливост... Ова верување создало во мислите на луѓето силна желба да се врати тој загубен, но не и заборавен рај“.

Можно ли е сите овие приказни и традиции да имаат заедничко потекло? Дали можеби во „мислите на луѓето“ е врежан споменот за нешто што навистина постоело? Дали во далечното минато имало рајска градина и дали во неа навистина живееле Адам и Ева?

Некои се потсмеваат на ваквата идеја. Во оваа научна ера, мнозина мислат дека таквите извештаи се само легенди и бајки. Но, изненадува фактот дека некои од оние што се сомневаат, сепак веруваат во Бог. Многу верски водачи сеат сомнежи во постоењето на рајската градина, која е наречена и еденска градина. Тие велат дека воопшто не постоело такво место и дека извештајот за неа е само симболика, обична бајка или поучна приказна.

Се разбира, Библијата навистина содржи поучни приказни. Самиот Исус ги кажал најпознатите. Меѓутоа, таа не ни го прикажува извештајот за рајската градина како приказна, туку како чиста вистина. Сепак, ако настаните што се опишани во Библијата никогаш не се случиле, тогаш како може да имаме доверба во останатиот дел од оваа книга? Да разгледаме зошто некои се сомневаат дека имало рај и дали таквите сомнежи имаат основа. А потоа, ќе дознаеме зошто треба да сме заинтересирани за овој библиски извештај.