Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поучете ги своите деца

Зошто Исус не побрзал

Зошто Исус не побрзал

ИСУС чул дека неговиот добар пријател Лазар е многу болен. Веста му ја донел еден гласник што го испратиле Марија и Марта, кои му биле сестри на Лазар. Гласникот дошол од Витанија, местото каде што живееле Лазар и неговите сестри. Тие двете верувале дека Исус можел да го излекува нивниот брат, иако живееле далеку, на другата страна од реката Јордан. Знаеле дека веќе имал излекувано луѓе што не биле во негова близина (Матеј 8:5-13; Јован 11:1-3).

Кога гласникот дошол кај Исус и му ја пренел тажната вест, Исус не направил ништо. Во Библијата пишува: „Остана уште два дена во местото каде што беше“ (Јован 11:6). Знаеш ли зошто Исус не побрзал да му помогне на Лазар?— * Да видиме.

Исус знаел дека Лазар умрел од болеста што ја имал. Затоа им рекол на своите апостоли: „Да појдеме пак во Јудеја!“ Тие приговориле: „Јудејците штотуку сакаа да те каменуваат. Зар пак ќе одиш таму?“ Тогаш Исус им објаснил: „Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам“.

„Господару, ако спие, ќе оздрави“, рекле апостолите. Затоа, Исус отворено им кажал: „Лазар умре“. Тогаш рекол нешто што сигурно ги изненадило: „Се радувам заради вас што не бев таму... Но, ајде да појдеме кај него!“

Тома храбро рекол: ‚Да појдеме и ние, да умреме со Исус‘. Тома знаел дека непријателите повторно ќе се обидат да го убијат Исус, а можеле да бидат убиени и апостолите. И покрај тоа, тие отишле со него. По два дена стигнале во Витанија, каде што живеел Лазар. Тоа е на околу три километри од Ерусалим (Јован 11:7-18).

Знаеш ли зошто Исус се радувал што не пристигнал порано?— Па, претходно имал воскреснато и други луѓе, но тие биле мртви само неколку часа пред да ги врати во живот (Лука 7:11-17, 22; 8:49-56). Меѓутоа, телото на Лазар било положено во гроб веќе неколку дена. Никој не можел да оспори дека тој навистина бил мртов!

Кога чула Марта, сестра му на Лазар, дека Исус е во близина на Витанија, отрчала да го пресретне. „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“, рекла таа. „Твојот брат ќе стане“, ја уверил Исус. Марта со трчање се вратила и без никој друг да знае ѝ рекла на својата сестра, Марија: „Учителот е овде и те вика“.

Марија веднаш отишла кај Исус. Но, луѓето си помислиле дека таа оди кај гробот, па затоа тргнале по неа. Кога Исус видел како Марија и другите луѓе плачат, и тој ‚почнал да рони солзи‘. Наскоро сите стигнале кај гробот, кој бил затворен со еден голем камен. Исус заповедал: „Тргнете го каменот!“ Но, Марта рекла: „Господару, сега веќе сигурно мириса, бидејќи има четири дена откако умре“.

Луѓето го послушале Исус и го тргнале каменот. Тогаш тој кажал молитва во која му се заблагодарил на Бог за силата што бил сигурен дека ќе му ја даде за да го воскресне Лазар. Исус извикал „на сет глас: ‚Лазаре, излези!‘“ И Лазар излегол, ‚завиткан со завои‘. Затоа, Исус заповедал: „Одвиткајте го и пуштете го да оди!“ (Јован 11:19-44).

Можеш ли сега да сфатиш зошто Исус не побрзал?— Тој знаел дека, ако почека малку, ќе даде поголемо сведоштво за својот Татко, Јехова. Токму затоа што го избрал најповолниот момент, мнозина поверувале во Бог (Јован 11:45). Знаеш ли што можеме да научиме од примерот на Исус?—

И ти можеш да избереш соодветен момент да сведочиш за прекрасните работи што ги направил и што допрва ќе ги направи Бог. Би можел да зборуваш за тоа со другарчињата на училиште или со твоите наставници. Дури и за време на часот, некои деца искористиле прилика да им кажуваат на другите за прекрасните благослови што ќе ги донесе Божјето Царство за луѓето. Се разбира, ти не можеш да ги воскреснеш мртвите, но можеш да им помогнеш на другите да го запознаат Бог, кој може да ги врати во живот нашите најмили и еден ден сигурно ќе го стори тоа.

^ Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.