Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да ја читаш Библијата

Како да ја читаш Библијата

Како да ја читаш Библијата

„Библијата не е само најпродаваната книга на сите времиња туку и најпродаваната книга секоја година“ (СПИСАНИЕТО TIME).

„Понекогаш ја читам Библијата, но ужасно ми е досадна“ (КИТ, ПОЗНАТ БРИТАНСКИ МУЗИЧАР).

ИРОНИЧНО е што многу луѓе ја имаат Библијата, но не извлекуваат некоја голема корист од неа. Други, пак, многу го ценат она што ќе го прочитаат. На пример, една жена по име Ненси вели: „Откако почнав секое утро да ја читам Библијата и да размислувам за тоа што го читам, се чувствувам спремна да се соочам со сѐ што ќе ми донесе денот. Оваа навика ми ги олесни нападите на депресија повеќе од сѐ друго со што се обидов да си помогнам во изминативе 35 години“.

Дури и ако никогаш не си ја читал Библијата, зарем не си изненаден што таа книга им помогнала на некои луѓе? Ако, пак, веќе ја читаш, дали би сакал да извлечеш уште поголема корист од неа? Тогаш, обиди се да ги примениш советите од следниве седум чекори.

ЧЕКОР 1 — Читај со исправен мотив

◼ Библијата можеш да ја читаш само како убава книга, од чувство на обврска или, пак, со надеж дека во неа ќе најдеш добри совети за ова тешко време. Но, најдобро ќе биде да ја читаш со цел да ја дознаеш вистината за Бог. Освен тоа, ќе извлечеш голема корист и ако ја читаш со намера нејзината порака да влијае врз твојот живот.

Споредувајќи се со огледало, Библијата покажува колку е важно да ја читаме од исправен мотив. Во неа пишува: „Ако некој ја слуша речта, а не ја извршува, тој е како човек кој го гледа своето лице во огледало, но откако ќе се погледне, си оди и веднаш заборава каков е. А оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него, и не е заборавлив слушател, туку извршител на речта, ќе биде среќен што ја врши“ (Јаков 1:23-25).

Човекот од оваа споредба го погледнал своето лице во огледало, но не поправил ништо во својот изглед. Можеби само фрлил брз поглед, или можеби воопшто немал желба да смени нешто. И ние ќе имаме малку корист ако ја читаме Библијата само одвреме-навреме или ако не го применуваме она што го читаме. За разлика од тоа, ќе бидеме вистински среќни ако се задлабочиме во читањето на Библијата со намера да бидеме ‚извршители на речта‘, и ако дозволиме Божјите мисли да влијаат врз нашето размислување и постапки.

ЧЕКОР 2 — Избери веродостоен превод

◼ Можеби на твојот јазик постојат повеќе преводи на Библијата. Иако можеш да извлечеш корист од секој превод, некои Библии се преведени на застарен или високопарен јазик што тешко се разбира (Дела 4:13). Под влијание на традициите, во одредени преводи е изменета чистата порака на Библијата. На пример, како што беше посочено во воведните статии на ова списание, некои преведувачи го замениле Божјето име, Јехова, со титули како што се „Бог“ или „Господ“. Затоа, избери превод кој точно го пренесува она што го содржи Библијата на јасен, разбирлив јазик што ќе ти биде пријатен за читање.

Милиони читатели од целиот свет за таков го сметаат Преводот Нов свет. * На пример, еден постар човек од Бугарија отишол на еден состанок на Јеховините сведоци, каде што добил примерок од овој превод. Подоцна, тој рекол: „Со години ја читам Библијата, но никогаш не сум прочитал превод што толку лесно се разбира и што толку ме допрел до срце“.

ЧЕКОР 3 — Моли се

◼ За да можеш подобро да ја разбереш Библијата, треба да побараш помош од нејзиниот Автор. Тоа го направил и псалмистот, кој се молел: „Отвори ми ги очите за да ги видам убавините на твојот закон“ (Псалм 119:18). Секојпат кога ќе читаш од неа, во молитва побарај од Бог да ти помогне да го разбереш она што го читаш. Исто така, можеш да му се заблагодариш што ни ја дал Библијата, бидејќи без неа не би знаеле ништо за него (Псалм 119:62).

Дали Бог ги слуша ваквите молитви за помош? Еве што им се случило на две сестри од Уругвај кои биле на тинејџерска возраст. Тие не можеле да го разберат она што е запишано во Даниел 2:44, па затоа му се помолиле на Бог да им прати некој што ќе им го објасни тој стих. Библијата сѐ уште им била отворена кога на вратата заѕвониле двајца Јеховини сведоци, го прочитале истиот стих за кој се помолиле девојките, и им објасниле дека станува збор за човечките влади кои ќе бидат заменети со Божјето Царство. * Девојките биле убедени дека Бог им одговорил на молитвата.

ЧЕКОР 4 — Читај секој ден

◼ Мнозина ја читаат Библијата само кога се во мака. На пример, еден издавач на книги забележал дека, по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 год. „дошло до бум во продажбата на Библии“. Но, самата Библија нѐ поттикнува да ја читаме секој ден. Во неа пишува: „Оваа книга на законот нека не ти се одделува од устата! Внимателно читај ја дење и ноќе за да го правиш совесно сето она што е запишано во неа, зашто тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Исус Навин 1:8).

Многу е важно редовно да се чита Библијата. На пример, замисли си еден човек што преживеал срцев удар и затоа решил да почне да се храни поквалитетно. Дали ваквиот режим на исхрана ќе му помогне ако се држи за него само кога ќе почувствува остра болка во градите? Не. Тој мора постојано да се храни здраво. Истото е случај и со читањето на Библијата — само ако ја читаме секој ден, ќе бидеме ‚успешни на својот пат‘.

ЧЕКОР 5 — Користи различни методи на читање

◼ Добро е да се чита Библијата по ред, од првата до последната книга, но за промена би можел да се обидеш и со нешто друго. Еве неколку предлози:

Читај за одредена личност. Прочитај ги сите поглавја или библиски книги во кои се зборува за некоја личност што му била верна на Бог, како на пример, за:

Јосиф: 1. Мојсеева 37-50.

Рут: Рут 1-3.

Исус: Матеј 1-28; Марко 1-16; Лука 1-24; Јован 1-21. *

Читај за конкретна тема. Читај ги стиховите што се поврзани со таа тема. На пример, дознај нешто повеќе за молитвата, а потоа прочитај какви совети дава Библијата во врска со тоа и некои од многуте молитви што се запишани во неа. *

Читај наглас. Ќе извлечеш голема корист ако ја читаш Библијата наглас (Откровение 1:3). Убаво би било да ја читате наглас и како семејство, на пример, така што секој ќе чита одредени пасуси или секој ќе ги чита само зборовите што ги кажува одредена библиска личност. Некои сакаат да слушаат аудиоснимки од Библијата. Една жена вели: „Ми беше тешко да почнам да ја читам Библијата, па затоа прво почнав да слушам аудиоснимки. Сега Библијата ми е поинтересна и од добар роман“.

ЧЕКОР 6 — Длабоко размислувај

◼ Брзото темпо на денешниот живот и многубројните обврски ни го крадат времето што би требало да го посветиме за длабоко размислување. Но, исто како што храната во стомакот мора да помине низ процес на варење за да може организмот да ги прими хранливите материи така мора и длабоко да размислуваме за она што го читаме од Библијата за да извлечеме корист од тоа градиво. За таа цел треба да го анализираме прочитаното и да си поставуваме прашања, како на пример: ‚Што научив за Јехова Бог? Како ова се однесува на мене? Како можам да го употребам за да им помогнам на другите?‘

Ако вака размислуваме, Божјата Реч ќе влијае длабоко врз нас и читањето ќе ни причинува уште поголемо задоволство. Во Псалм 119:97 пишува: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“. Псалмистот по цел ден размислувал за она што го читал од Библијата. Затоа многу го засакал тоа што го научил од неа.

ЧЕКОР 7 — Замоли некој да ти помогне да ја разбереш

◼ Бог не очекува потполно сами да ја разбереме неговата Реч. И самата Библија вели дека во неа има некои „тешко разбирливи мисли“ (2. Петрово 3:16). Во книгата Дела на апостолите е спомнат еден етиопски дворјанин на кого не му било јасно што значи она што го читал во Библијата. Тогаш Бог испратил еден свој слуга да му помогне на Етиопјанецот да го разбере тоа што го читал, и на крајот тој ‚радосно отишол по својот пат‘ (Дела 8:26-39).

И ти ќе извлечеш многу поголема корист од читањето на Библијата ако некој ти помогне да го разбереш она што го читаш. Доколку сакаш бесплатно да ја проучуваш Библијата, контактирај со некој од Јеховините сведоци во твоето место или пиши на најблиската адреса наведена на 4. страница од ова списание.

[Фусноти]

^ пас. 12 Преводот Нов свет, издаден од Јеховините сведоци, е отпечатен во целост или делови од него на 83 јазици, а на 17 јазици е достапен и на www.watchtower.org.

^ пас. 15 Нешто повеќе за Божјето Царство и што ќе направи тоа можеш да прочиташ во 8. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 24 Ако првпат ја читаш Библијата, би можел да почнеш со книгата Марко, во која настаните од животот на Исус се прикажани на живописен начин.

^ пас. 25 Книгата Што навистина учи Библијата? им помогнала на мнозина да читаат на овој начин. На пример, 17. поглавје објаснува што вели Библијата за молитвата.