Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како проучувањето да ти биде поинтересно и покорисно

Како проучувањето да ти биде поинтересно и покорисно

Како проучувањето да ти биде поинтересно и покорисно

Како може проучувањето на Библијата да ни биде поинтересно? Како би можеле да извлечеме поголема корист од него? Да разгледаме накратко три важни чекори што ќе ни помогнат во тоа.

1. ПОМОЛИ СЕ: Пред да почнеме да проучуваме, треба да се помолиме (Пс. 42:8). Зошто? Затоа што проучувањето на Божјата Реч е дел од нашето обожавање. Од таа причина, треба да го молиме Јехова да ни даде свет дух и да ни помогне да проучуваме со исправен став (Лука 11:13). Барбара, која долги години служи како мисионер, вели: „Секогаш се молам пред да ја читам или да ја проучувам Библијата. Откако ќе се помолам, чувствувам дека Јехова е со мене и дека се радува што го правам тоа“. Кога се молиме пред да проучуваме, го подготвуваме своето срце и својот ум за да извлечеме целосна корист од духовната храна.

2. РАЗМИСЛУВАЈ: Бидејќи немаат многу време, некои само површно ја читаат Божјата Реч. Но, тоа не е доволно. Карлос, кој му служи на Јехова повеќе од 50 години, сфатил дека е важно да одвои време длабоко да размислува за прочитаното ако сака да извлече поголема корист од проучувањето. Тој вели: „Сега читам помалку страници од Библијата — отприлика две дневно. Така имам повеќе време да размислувам за она што сум го прочитал. Тоа ми помага да извлечам важни поуки“ (Пс. 77:12). Кога одвојуваме време да размислуваме за она што го читаме, уште подобро ја запознаваме и ја разбираме Божјата волја (Кол. 1:9-11).

3. ПРИМЕНУВАЈ: Ако сфаќаме зошто некоја работа ни користи, тогаш ќе бидеме уште поспремни да ја правиме. Истото важи и за проучувањето на Библијата. „Проучувањето ми помага да ги решавам секојдневните проблеми и ме оспособува да им помагам на другите“, вели Габриел, еден млад брат кој редовно ја проучува Библијата. Тој додава: „Се трудам да го применам во животот сето она што ќе го научам“ (5. Мој. 11:18; Ис. Нав. 1:8). Проучувањето ни помага да го пронајдеме и да го искористиме неисцрпното духовно богатство кое се наоѓа во Библијата и публикациите (Изр. 2:1-5).

ЗАКЛУЧОК: Колку голема чест имаме што можеме да се задлабочиме во знаењето кое ни го дава Јехова, Изворот на сета мудрост! (Рим. 11:33). Затоа, кога следниот пат ќе проучуваш, не заборавај најпрво да му се помолиш на Јехова да ти даде свет дух и да ти помогне да проучуваш со исправен став. Потоа, одвреме-навреме застани и размислувај за прочитаното. Освен тоа, применувај го во секојдневниот живот она што си го научил. Ако ги направиш овие важни чекори, ќе видиш дека проучувањето навистина ќе ти биде многу поинтересно и покорисно.