Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Подемот и падот на „стручњаците“

Подемот и падот на „стручњаците“

Подемот и падот на „стручњаците“

ВО ДЕНЕШНИОВ свет, луѓето што имаат компјутер можат на Интернет да побараат совети за родители и за миг да најдат преку 26 милиони места со информации на таа тема. Кога би одвоиле само по една минута за да ги отворат и да прочитаат по нешто од сите нив, нивните деца веќе би пораснале и би се осамостоиле, а тие уште не би завршиле со читањето.

Од кого барале совети родителите пред да се појават педијатрите, детските психолози и Интернетот? Главно од своите поблиски роднини. Мајките, татковците, тетките и стриковците биле во секое време спремни и биле во состојба да дадат совет, да помогнат финансиски или да ги чуваат децата. Но во многу земји, поради масовната преселба на населението од село в град скоро сосема се прекинале таквите блиски семејни врски. Денес, многу често, мајките и татковците сами се снаоѓаат со подигањето на своите деца.

Без сомнение, ова е една од причините што толку брзо се разви модерната индустрија за грижа околу децата. Друга причина е сѐ поголемата доверба дека науката може да помогне во подигањето на децата. При крајот на 1800-тите години, американската јавност почнала да се уверува дека науката може да го подобри секој аспект на човечкиот живот. Тогаш зошто да не помогне и околу воспитувањето на децата? Така, во 1899 година, кога Американскиот национален конгрес на мајките јавно се пожалил дека „родителите не се способни“ да ги воспитуваат децата, на сцената веднаш се појавиле безброј „научни стручњаци за одгледување деца“. Тие ветиле дека ќе им помогнат на мајките и татковците кои се мачат со одгледувањето на своите деца да успеат во тоа.

Родители по книга

Сепак, што постигнале тие стручњаци? Дали денешните родители се помалку загрижени и поспособни да ги воспитуваат своите деца отколку родителите во минатото? Не, не се, како што покажала и една неодамнешна анкета направена во Британија. Таа анкета открила дека околу 35 отсто од родителите со мали деца сѐ уште се во потрага по совет во кој можат да имаат доверба. Други мислат дека немаат друг избор освен да го следат својот сопствен инстинкт.

Во својата книга Одгледувањето деца во Америка: стручњаци, родители и цел век давање совети околу децата (Raising America: Experts, Parents, and a Century of Advice About Children), Ен Халберт ја следи историјата на професионалната литература за воспитување деца. Халберт, која и самата е мајка на две деца, истакнува дека само мал број стручњаци ги темелеле своите заклучоци на проверени научни факти. Наместо тоа, се чини дека нивниот совет бил повеќе под влијание на нивните лични искуства од животот отколку на некои објективни податоци. Гледајќи наназад, се чини дека поголемиот дел од она што е напишано е помодно, противречно и, понекогаш, крајно чудно.

Тогаш, што да прават родителите денес? Отворено речено, многумина од нив се збунети и, како никогаш досега, стојат пред многу совети, ставови и спротивставени мислења. Но, не мислат сите родители дека се препуштени самите на себе. На родители од целиот свет многу им помогнал еден мошне стар извор на мудрост, кој сѐ уште е извор на проверени совети, како што ќе ни покаже и следната статија.