Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Каква одговорност има собранието ако некој христијанин, возејќи автомобил, направи сообраќајна несреќа во која некој загинува?

Треба да се утврди дали возачот е виновен за крв, затоа што собранието треба да ја избегне заедничката одговорност за вина за крв (5. Мојсеева 21:1-9; 22:8). Возачот што е одговорен за трагичната несреќа можеби ќе биде виновен за крв ако бил невнимателен или ако свесно прекршил некои безбедносни или сообраќајни закони во државата (Марко 12:14). Но, треба да се разгледаат и други фактори.

Еден убиец што бегал во некој од израелските градови-прибежишта морал да излезе пред суд. Ако се утврдело дека убиството било ненамерно, тој можел да остане во градот, безбеден од одмаздникот за крв (4. Мојсеева 35:6-25). Според тоа, ако еден христијанин е виновен за нечија смрт при една несреќа, старешините треба да ја истражат работата за да утврдат дали постои некаква вина за крв. Ставот на државата, или некоја судска одлука, не се единствените работи што одредуваат каква постапка ќе преземе собранието.

На пример, некој суд може да објави дека возачот е виновен затоа што направил некој сообраќаен прекршок, но старешините што извршиле истрага можеби ќе утврдат дека нема вина за крв, бидејќи возачот имал мала или немал никаква контрола над околностите кои завршиле трагично. Меѓутоа, дури и ако судот одлучи да го ослободи возачот од обвинение, старешините можеби ќе заклучат дека тој, всушност, е виновен за крв.

Одлуката на старешините што вршат истрага за случајот треба да се темели на Библијата и на јасно утврдени факти — ако возачот ја признае вината, и/или ако има сведоштво на двајца до тројца доверливи очевидци (5. Мојсеева 17:6; Матеј 18:15, 16). Доколку е утврдена вина за крв, треба да се назначи правен одбор. Ако одборот утврди дека лицето што е виновно за крв се кае, тоа ќе добие соодветен укор од Библијата и ќе му бидат одземени некои предности што ги има во собранието. Нема повеќе да служи како старешина или слуга помошник. Би можеле да му се наметнат и други ограничувања. А тој е одговорен и пред Бог за својата невнимателност и пропуст, поради што се случила незгодата во која бил загубен живот (Галатите 6:5, 7).

Да наведеме еден пример. Ако временските услови биле лоши во текот на несреќата, возачот требало да биде повнимателен. Ако бил сонлив, требало да застане и да се одмори додека не му помине поспаноста, или требало да замоли некој друг да вози.

Да претпоставиме дека возачот возел побрзо од дозволеното. Ако некој христијанин ја пречекори дозволената брзина, тогаш не му го дава „цезаревото на цезарот“. Исто така, со тоа покажува дека не го цени животот како нешто свето, бидејќи постои можност за трагични последици (Матеј 22:21). Поврзано со ова, размисли за уште една работа. Каков пример му дава еден старешина на стадото ако не внимава на сообраќајните правила на цезарот, или ако намерно не ги почитува? (1. Петрово 5:3).

Христијаните не треба да бараат од другите да дојдат некаде во време во кое сигурно е невозможно да стигнат без да возат побрзо од дозволеното. Но, во повеќето случаи работата се решава ако се тргне доволно рано, или ако се направи промена во распоредот за да се има доволно време за патување. Ако направи така, христијанинот нема да биде во искушение да вози побрзо отколку што треба, и ќе може да ги почитува сообраќајните закони поставени од државните ‚власти што се над него‘ (Римјаните 13:1, 5). Ова ќе му помогне на возачот да избегне смртоносна несреќа поради која можеби ќе биде виновен за крв. Освен тоа, така ќе може да даде добар пример и да задржи чиста совест (1. Петрово 3:16).