Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали со промените во човечките гени бил откриен клучот за долг живот?

Во потрага по долговечност

Во потрага по долговечност

„Ја набљудував работата која Бог им ја даде на синовите човечки за да се занимаваат со неа. Тој направил сѐ да е убаво во свое време. Дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проповедник 3:10, 11).

ОВИЕ зборови кои уште одамна ги кажал мудриот цар Соломон точно го опишуваат она што го чувствуваат луѓето. Најверојатно затоа што животот е краток и смртта е неизбежна, низ вековите тие копнееле по нешто подобро. Страниците на историјата се полни со приказни и легенди за луѓе кои неуморно трагале по тајната на долговечноста.

Да го земеме за пример, Гилгамеш, кој бил цар на Сумерија. Околу неговиот живот биле исплетени многу легенди. Во една од нив, која е раскажана во Епот за Гилгамеш, се зборува за тоа дека наводно тој тргнал на едно опасно патување за да го пронајде лекот за смртта. Но, неговата потрага завршила со неуспех.

Еден средновековен алхемичар во својата лабораторија

Во четвртиот век пр.н.е., алхемичарите во Кина се обиделе да направат еден „еликсир“, сметајќи дека тој ќе им помогне на луѓето да живеат подолго. Тие успеале да направат напиток кој содржел мали количества жива и арсен. Се смета дека тој „еликсир“ бил причина за смртта на неколку кинески цареви. Во средновековна Европа, некои алхемичари се обиделе да направат промени кај златото за да може човечкото тело да го апсорбира. Бидејќи златото е отпорно на корозија, сметале дека тоа ќе може да го продолжи животниот век на луѓето.

Денес некои биолози и генетичари се обидуваат да откријат што го предизвикува процесот на стареење. Нивните истражувања, слично на потрагата по „еликсирот на животот“, покажуваат дека човекот сѐ уште не се откажал од желбата да им стави крај на стареењето и на смртта. Какви се резултатите од таквите истражувања?

БОГ ЈА СТАВИЛ ВЕЧНОСТА ВО СРЦЕТО НА ЛУЃЕТО (ПРОПОВЕДНИК 3:11)

ШТО ПОКАЖУВААТ ДЕНЕШНИТЕ ИСТРАЖУВАЊА ЗА СТАРЕЕЊЕТО?

Научниците кои ја проучуваат човечката клетка досега изнеле повеќе од 300 теории за да ги објаснат причините за стареењето и смртта. Во последниве години, молекуларните биолози успеале да направат некои промени во гените и протеините со кои го забавиле процесот на стареење кај некои лабораториски животни и човечки клетки. Поради тоа, некои богати луѓе биле поттикнати да ги финансираат истражувањата кои би требало да го решат „проблемот со смртта“. До каков заклучок воделе ваквите истражувања?

Враќање на клеточниот часовник. Според некои биолози, главната причина за стареењето лежи во теломерите, односно во завршетоците на хромозомите. Теломерите ги штитат генетските информации кога нашите клетки се делат. Но, при секоја нова делба, теломерите се скратуваат. На крајот, клетките престануваат да се делат, предизвикувајќи го процесот на стареење.

Заедно со својот тим, Елизабет Блекбурн — добитник на Нобелова награда за 2009 — го откри постоењето на еден ензим кој го забавува кратењето на теломерите и, како резултат на тоа, го одложува процесот на стареење на клетката. Сепак, во својот извештај тие наведуваат дека теломерите „не го продолжуваат животот на чудотворен начин, односно нема да ни овозможат да живееме подолго отколку што сме живееле досега“.

Репрограмирањето на клетките е уште еден начин со кој може да се забави процесот на стареење. Кога нашите клетки стануваат премногу стари за да се делат, можат да почнат да испраќаат погрешни сигнали до најблиските имунолошки клетки, и со тоа да предизвикаат воспаленија, хронични болки или болести. Неодамна некои научници во Франција успеале да репрограмираат клетки земени од постари лица. Некои од нив имале повеќе од 100 години. Професор Жан-Марк Леметр, кој го предводел истражувачкиот тим, изјавил дека, според постигнатите резултати, „процесот на стареењето на клетките може да се сврти во обратен правец“.

ДАЛИ НАУКАТА МОЖЕ ДА НИ ГО ПРОДОЛЖИ ЖИВОТОТ?

Многу научници велат дека, иако денес постојат разни третмани за да се спречи стареењето, луѓето нема да можат многу да си го продолжат животниот век. Точно е дека од 19 век наваму просечниот животен век постепено се зголемувал. Но, тоа во најголема мера се должи на подобрата хигиена, успешните мерки против заразните болести, како и користењето на антибиотици и вакцини. Некои генетичари сметаат дека, горе-долу, човекот го достигнал својот максимален животен век.

Пред околу 3.500 години, библискиот писател Мојсеј напишал: „Деновите наши траат седумдесет години, а кај силните — осумдесет, но исполнети се само со неволји и тешкотии, зашто брзо поминуваат, и ние одлетуваме“ (Псалм 90:10). И покрај сите напори што луѓето ги вложуваат за да си го продолжат животот, нивниот животен век сѐ уште трае приближно толку колку што кажал Мојсеј.

Од друга страна, некои животни како што е црвениот морски еж можат да живеат над 200 години, а некои дрвја како што е џиновската секвоја живеат по неколку илјади години. Кога ја споредуваме должината на нашиот живот со животниот век на други живи суштества, сигурно се прашуваме: „Зарем ние треба да живееме само 70 или 80 години?“